Достапни линкови

Македонскиот пат до Брисел преку Лисабон и Софија


Брифинг на премиерот Зоран Заев со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, Скопје 3 септември 2020

Владата се надева на кративно решение од Португалија во спорот со Бугарија. Опозицијата е песимист за старт на преговори со ЕУ. Аналитичарите пак, скептични дека за краткиот рок е можно решение и старт на преговори.

Власта е оптимист за одржувањето на меѓу владината конференција со Европската Унија до крајот на следниот месец. Од друга страна, пак, опозицијата е песимист дека воопшто ќе биде прифатена преговарачката рамка и дека до крајот на јуни земјава и формално ќе ги отпочне преговорите за пристап во Унијата. Во ситуација кога државниот врв зачестено патува во Брисел во пресрет на летниот самит на Унијата, се поставува прашањето колку е реален оптимизмот на власта.

Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска вели дека иако има најави дека португалското претседателство се заложува силно за да се одржи во нивниот мандат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, сепак и е тешко да замисли како тоа ќе се случи ако се земат предвид изјавите на техничката влада на Бугарија.

„Техничката влада најави дека е обврзана од претходните документи на Собранието и не гледам голема можност да се направи значен исчекор во јуни. Секогаш постои некоја минимална шанса, затоа што политиката е уметност на возможното, меѓутоа, ако погледаме малку понапред треба да бидеме свесни дека решението со Бугарија треба да го бараме не само во оваа една точка на преговори туку мора да го гледаме како долгорочен процес на надминување на разликите, бидејќи можноста за блокирање секогаш ќе постои“ вели Карацрска

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека португалското претседателство разработува цела една стратегија со која што ќе настапи пред Софија и пред Скопје.

„Верувам дека до крајот на оваа недела тоа ќе се случи. Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако го чепнете македонски идентитет и јазик тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал“, ги повтори премиерот Заев ставовите на македонската Влада.

Тој повторно изрази надеж дека во Бугарија на изборите ќе се формира влада со која што ќе може да разговара, иако како што нагласи тоа не значи дека за разговори треба да се чека терминот во септември кога се очекува формирањето на владата во Софија. Заев посочи дека очекува до крајот на неделата министерот за надворешни работи на Португалија која што е претседавач со ЕУ и комесарот да оди во Софија па во Скопје и да го соопштат решение на кое што работат веќе пет-шест месеци.

Тој во еден од последните обиди за деблокада на евроинтегративните процеси на земјава пред јунскиот самит на ЕУ, беше на средба со првиот човек на Европскиот Совет Шарл Мишел да , како што вели, ги презентира македонските аргументи за формален почеток на преговори. Ова е втора посета на Заев на Брисел во рок од една недела. На ова му претходеше и состанок со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, по која Заев порача дека Македонија го очекува тоа што е ветено, односно прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за старт на преговорите.

Извршниот директор на Еуротинк Димитар Николовски вели дека е интересна изјавата на премиерот кој што од една страна тврди дека е оптимист, но не им порача на граѓаните да не бидат тие премногу оптимисти затоа што се мали шансите да се постигне договорот со Бугарија.

„ Како да има тука некоја контрадикторност во тие ставови на власта, како тие да преземаат некоја улога да бидат оптимисти наместо граѓаните, а од друга страна опозицијата нема што да тријат раце затоа што сите страдаме од ваквата ситуација“ вели Николовски.

Тој додава дека очекувањата дека може да се откочи процесот до крајот на јуни се базира на две претпоставки, едната е дека македонската страна ќе се согласи на отстапка и договор со Бугарија, што е тешко веројатно според досегашните изјави на државниот врв. Втората претпоставка, вели Николовски е да се случи големо откровение во Софија и да дозволи земјава да ги почне преговорите, што е ,исто така, тешко веројатно.

„Навистина не очекувам никакво поместување на вака краток рок. Владата наговести некакво креативно решение од португалското претседателство, тука ја гледам надежта, но и тоа креативно решение да биде понудено сега, не верувам дека за толку краток рок ќе биде прифатено“, вели Николовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски вчера изјави дека најзагрижувачки е што Заев ја лаже јавноста дека сме добиле датум за почеток, а преговори нема.

„Прв пат Заев излажа во 2018 година и се сликаше во авионот и рече има датум, а тоагаш немаше вето од Бугарија. Денес има вето, а има и поголем проблем во Македонија тоа е корупцијата. Македонија е на 111 место, тоне во корупција“, изјави Милошоски.

Кацарска вели дека доколку се направи исчекор со Бугарија, секако би бил добар и за двете страни но и за ЕУ.

“Меѓутоа прашање е на време дали тој исчекор ќе значи долгорочно решение на проблемот или поместување на одреден рок. Власта во секој случај кога ова и претставува една од клучните карики и клучните политики, мора да работи на тоа и да покажува одредена доза на оптимизам“ вели таа.

Германската амбасадорка во Северна Македонија Анке Холштајн вчера изјави дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. Таа изјави дека за Северна Македонија не постои друг простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат. Сепак, таа потсетува дека одлуката за проширување треба да биде донесена едногласно од сите земји членки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG