Достапни линкови

Безбедноста на документите е репер за спроведувањето безвизниот режим


Илустрација - Пасоши
Илустрација - Пасоши

Точно е дека безбедноста на документите е важен репер во набљудувањето на спроведувањето на безвизниот режим. Но, мислам дека е комплетно прерано да почне да се зборува дали таа ќе има влијание врз безвизниот режим, вели евроамбасадорот на ЕУ Дејвид Гир во интервју за РСЕ.

Аферата „Двојник“со издавање на лажните пасоши ги преминува македонските граници, бидејќи патните исправи им се издавале на криминалци од странство, а прашањето кое се поставува во изминатиов период е дали тоа ќе го стави во опасност безвизниот режим. Јавното обвинителство поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот. Обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со македонски пасоши со туѓ идентитет.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела вели дека нема да го коментира случајот бидејќи истрагата е во тек. Но, според него, многу е важно кога има наводи за погрешно постапување тие да се ефективно истражени, а судскиот процес да може да се спроведува навремено и на ефективен начин и во согласност со меѓународните стандарди.

„Точно е дека безбедноста на документите е важен репер во набљудувањето на спроведувањето на безвизниот режим. Но, мислам дека е комплетно прерано да почне да се зборува дали ќе има или не влијание врз безвизниот режим. Ако имате наводи за безбедноста на документи важно е како државата се справува со тоа, како судскиот систем ќе управува и доколку има погрешното постапување да се справи со тоа. Ако има дупки тие да се затворени. Мислам дека тоа е случајот, а не безвизниот режим“, вели Гир.

Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска вели дека безбедноста на документите беше една од клучните области кои што беа предмет на следење во периодот на дијалозите за визната либерализација, а е клучен сегмент во поглавјето 24 кое се однесува на правда, слобода и безбедност.

„Безбедноста на документите е прашање кое што во секој случај нема да биде занемарено од европските партнери. ЕК веќе неколку години не прави диркетно извештаи за спроведување на визната либерализација. Меѓутоа сигурна сум дека оваа ситуација ќе дигне може не црвено знаме, но ќе биде основа да се постават прашања од страна на партнерите и во Брисел и во останатите земји членки“, посочува Кацарска

Кога ќе се отворат поглавјата 23 и 24 ќе треба да докажуваме дека имаме капацитет да го носиме системот на биометриски податоци, односно документи каде што е тоа предвидено, вели професорот Никола Дујовски. Според него, во тој дел сме усогласени со ЕУ.

„Овде станува збор за чист криминал. Јас апсолутно не го гледам низ призмата на европските интеграции. Да ја свртиме работата обратно. Ние одамна сме подготвени за почеток на преговорите. Ваквите минорни работи нема воопшто да влијаат на тој пат, бидејќи не зависи од борбата против криминалот. За мене е ова класичен криминал со кој што институциите треба да го зголемуваат својот капацитет да се борат, дури еве гледаме и во сопствените редови. Апсолутно нема никаква поврзаност“, смета Дујовски.

Поглавјето 23 се однесува на правосудството и фундаменталните права, Двете поглавја 23 и 24 се дел од кластерот основни вредности, играат клучна улога во пристапниот процес. Тие први се отвораат и последни се затвораат.

Македонската полиција заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД од 2019 година ја спроведувале истрагата за откривање на мрежата вработени во МВР која издавала македонски пасоши на познати криминалци.

Од опозицијата досега набројаа неколку имиња, на како што велат познати криминалци од регионот- Турчинот Седат Пекер, Албанецот Флорјан Мусај, Црногорците Стефан Џукиќ и Јован Вукотиќ, потоа Валид Иса Хмаис за кој тврдат дека е главен соработник на италијанската мафија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека истрагата за случајот „Двојник“ во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG