Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ - во лагите на Каракачанов е замешан и Заев


Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски

Бугарскиот министер за одбрана и лидер на ВМРО-БНД Каракачанов објави имиња и презимиња исти како на политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои вели ги има на гласачки списоци во Бугарија. Пратениците Антонијо Милошоски и Александар Николоски демантираат дека имаат бугарско државјанство.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во ек на кампањата за бугарските парламентарни избори објави список на кој вели се имиња какви што носат и дел пратеници од опозициската македонска партија ВМРО-ДПМНЕ и луѓе кои се сметаат за блиски до опозицијата, а имаат право на глас на престојните избори кај источниот сосед.

Некои од нив категорично, во изјави за Слободна Европа демантираат дека имаат бугарско државјанство, а со тоа и право на глас на тамошните избори, па поради тоа, како што инсинуира Каракачанов, биле на избирачкиот список.

Еден од споменатите, поранешниот министер за надворешни работи и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во изјава за Радио Слободна Европа вели- ниту имам право на глас во Бугарија, ниту би сакал да имам, граѓанин сум само на Македонија.

„Освен македонско државјанство, не поседувам какво било државјанство на друга земја“, вели Милошоски.

На официјалната страница на град Софија, каде што се ставени листите за гласање по општини за општината Взраждане каде што Каракачанов споменува дека е регистриран Милошоски е ставен само документ именуван како „првичен список- прв дел“ и во него го нема името и презимето кое го носи и актуелниот пратеник.

Милошоски- немам друго државјанство, освен македонското
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00
Директен линк

На списокот на Каракачанов е и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски. Во софиската општина Средец, која што ја споменува Каракачанов како место каде што има извесен Александар Николоски е во списокот има регистрано четворица со такво име и презиме и осум Александар Николовски со В во во презимето.

„Не може да го има моето име, затоа што јас имам само македонско државјанство, така што или се работи за коинциденцијата со друго име, или се работи за фалсификат. Причината е што Каракачанов е во тежок очај, не му поминува политиката во Бугарија, нема да биде избран на следните избори и мора да прави фалсификати“, вели Николоски.

На списокот на Каракачанов е споменат и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека наводно човек со такво име и презиме е регистриран како гласач во Ќустендил. На општинската страница се објавени два списока за престојните избори. Во првиот има име и презиме Никола Мицевски, но пратеникот демантира дека се работи за него. Во списокот за Ќустендил се регистрирани и гласачи со имиња какви што имаат и други претставници на опозицијата како на пример Стефан Андоновски, Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија.

Каракачанов го споменува и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов, а на списокот во Ќустендил има регистрирано 39 луѓе за гласање со такво име и презиме. Тој како гласачи во Бугарија наведува и други имиња и презимиња какви што имаат опозициски политичари- Марија Андоновска, Бојан Стојановски, Марија Петрушевска, Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов, Александар Пандов , Петар Богојески , Филип Петровски, Стевица Јанева и Тало Груевски, сите актуелни или поранешни блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Демантираа и од опозициската партија. Од таму велат дека се работи за лаги на Каракачанов а дека во ова бил замешан и премиерот Зоран Заев.

„Она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување. Но да им порачаме и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест“, велат од партијата.

Од таму додаваат и дека размислуваат дали да преземат нешто дополнително поради ваквите објави на бугарскиот министер, кој е и лидер на партијата ВМРО-БНД, но сепак во оваа фаза, велат дека не сакаат да му го подигнуваат рејтингот.

Инаку, во Бугарија на четврти април ќе се одржат предвремени парламентарни избори, а некои од последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека партијата на Каракачанов нема да влезе во новиот бугарски парламент. Досега тие беа коалициски партнери во владата на ГЕРБ, партијата на актуелниот премиер Бојко Борисов. Голем дел од политиките на ВМРО-БНД се насочени кон Македонија, особено во светлно на актуелниот проблем меѓу Скопје и Софија поради кој се блокирани македонските европски интеграции.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG