Достапни линкови

Каракачанов и бугарските пасоши ја брануваат македонската јавност


Илустрација - Бугарски пасош

Во изминатава недела првото место на нашата ФБ страница го заземаат вашите реакции на изјавите на бугарските политичари пренесени на РСЕ во врска со проблемот што со последните случувања околу проширувањето на ЕУ.

Вицепремиерот Красимир Каракачанов во едно интервју изјавува дека позицијата на Бугарија за Северна Македонија е „во согласност со европските принципи“ и дека не го интересирало што дел од нивните европски партнери „имаат поинакви ставови“. „Уште сте вие далеку од ЕУ“ – напишал Мишо Поповски, а Донче Караколев со призвук на иронично шегобијство постирал: „Ако сега изјавите дека и Колумбо е Бугарин, а морепловството и навигацијата ги учел на Охридско Езеро, па затоа наместо во Индија стасал во Америка, абе вие сте изгубени во вселената“. Анна Јакимова со иронија: „Хаха, многу европски дух! Правам што сакам и не ми е гајле?! Штета што ќе ја девалвира Унијата до таа мера што никој нема да сака да членува во неа!“ Виолета Васко Митановски коментира: „Ништо не научиле од европските стандарди...“

Горан Новко објавил факсимил од извештајот на еден разузнавач, лајтнант Новак Новев од 1989 година кој пишува дека е „извршено врбување на Красимир Дончев Каракачанов, студент по историја“, и дека со него е разговарано во хотелот „Родина“ за, како што се вели во извештајот, „идеолошката антибугарската дејност што се води во СФРЈ и во Социјалистичка Република Македонија и во некои иселенички организации во САД, Канада и Австралија“. На факсимилот на документот има и фотографија на Каракачанов од младите денови.

И една од последните изјави на премиерот Зоран Заев предизвикала голем број коментари на нашата ФБ страница. Премиерот, покрај другото рече: „Не знаеме во што е проблемот со Бугарија. Реално, подготвен сум, иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот, или како што тоа го направија Франција и Германија, да гледаме низ призмата на пријателството“. Бошко Младенов му порачува на Заев дека е „време да се престане со отстапки, не шетавме по улици пред 3 години за сега да се распродаде сѐ што е свето и за што се бореле нашите дедовци, татковци, ние, време е да се стави прст на чело и да се размисли кај одиме?...“ И Марјан Трајковски со порака до премиерот Заев: „Јас, премиер, мислам да не го чепкаш тоа што е вистина, а Бугарите ако сакаат нека нѐ прифатат такви какви што сме, инаку ќе бидеш запишан како предавник во поновата историја...“

По соопштението од бугарското Министерство за правда дека повеќе од 88 илјади граѓани на Северна Македонија зеле бугарско државјанство и дека ниту една бугарска Влада не можела да ги предаде овие луѓе, Неда Нена Балтовска пишува дека и таа има двојно државјанство и никогаш нема да се откаже од македонското. „А Вие Бугарите и самите знаете зошто земале државјанство, поточно пасоши, за да можат да работат во странство...“ Идриз Зенјили вели: „Сигурно повеќе од половина сега имаат државјанство од други ЕУ држави, живејте во надеж дека ви е зголемен бројот на Бугари“.

Тигањ - Политиката на ЕУ за проширувањето е недвосмислена
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:24 0:00

Коментарите по неделното интервју со хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ, која жали што не сме добиле датум за преговори и порачува да не се откажуваме, ја покажува разочараноста на посетителите на нашата ФБ страница во ЕУ. Димче Кизовски покрај другото пишува: „Не ни треба ЕУ, 100 ли години ќе нѐ лажете...“ Мишо Поповски прашува со коментар: „Не се откажувајте... а зарем имаме друга опција?“, а Лилјана Темелковска исто така со прашање до хрватската амбасадорка: „Па тогаш зошто и вие заедно со Чешка и Словачка не ги блокиравте заклучоците за проширување?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG