Достапни линкови

Поштата гореше, ја ограбуваа, никој не одговара, па ќе се продава


АД „Пошта“
АД „Пошта“

Македонски пошти ќе се продаваат или приватизираат според моделот јавно приватно партнертво. Но, кој придонесе поштата да дојде до ова дереџе?

Кога по пошта ќе ви пристигне сметка, на пример за данок за имот, во која извршниот рок за плаќање е 8 дена, најчесто, рокот е изминат, затоа што вие сте ја добиле со задоцнување од десетина дена, па ви останува лично по институции да си го решавате проблемот и да објаснувате зошто толку доцна ви стигнало известувањето за обврската. Македонската пошта која е во државна сопстевност за поштенски услуги на институците и приватните и јавни претпријатија им наплаќа стотици илјади евра. На пример во изминативе 4 месеци Јавното обвинителство склучило два договора со Македонска пошта во вкупна вредност од 220 илјади евра за достава на писма. Со Управата за јавни приходи пак месецов склучила договор за цела година во вредност од 50 илјади евра за поштенски услуги. Од државната изборна комисија наплатила 32 илјади евра за транспорт на доверлив и недоверлив материјал за изборите од почетница до ОИК и МНР .

Што ќе понуди Пошта на пазарот ?

Според податоците на Бирото за јавни набавки, за изминатава година се гледа дека Пошта на Република Северна Македонија активно учествува на тендерите и месечно обновува договори од најмалку десетици илјади евра со институциите.
Обемот на поштенскиот пазар во земјава во 2018 година изнесувал 39,025,313 милиони поштенски пратки, од кој 35 милиони пратки припаѓаат на Пошта, додека останатите од колачот го делат 39-те компании кои се лиценцирани за поштенски услуги, покажува статистичкиот извештај на Агенцијата за пошти.

Разликата е во тоа што државната пошта има ексклузивно право да обезбедува пратки за кореспонденција во внатрешниот поштенски сообраќај и пратки за кореспонденција кои пристигнуваат во Република Северна Македонија од меѓународен поштенски сообраќај, со тежина до 50 гр. Во резервирани поштенски услуга спаѓа и директната пошта во рамките на истото ограничување за тежина.

Додека владата се двоуми со каков пакет да го ослободи пазарот со поштенско услуги од доминантната позиција на Пошта, вицепремиерот Артан Груби најави дека словенечка компанија е заинтересирана да се „одомаќини“ во земјава и да влезе во македонскиот поштенски пазар.
Македонска пошта е девета на топ листата на државни работодавци.
Бројот на вработени во поштенскиот сектор во 2018 година кај сите даватели на поштенски услуги изнесува 2,971 лица, од кои 2,141 се вработени во Пошта на Северна Македонија, а останатите 830 во компаниите на останатите даватели на поштенски услуги. Во јавноста честопати Пошта била мета на критика за партиски вработувања, особено пред избори.
Од инфраструктура Пошта има да понуди и над 300 објекти односно единици на поштенска мрежа на целата територија на Република Северна Македонија од каде што врши дејност на јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.
Но, во однос на работењето македонската пошта не нуди транспарентни информации. Отчет за трошења иако стои како опција на насловната страна, сепак споделени се само неколку извештаи од 2018 и од 2015 година.
На интернет страната е наведено дека директорите на сектори се и членови на управниот одбор, а дополнително генералниот директор има и советници, но нивните имиња не се објавени.
Државното претпријатие кое е меѓу топ пет најголеми рабодоваци во земјава , воедно е и во ранг листата на топ 5 загубари, според податоците од финансиската анализа на Центарот за граѓански комуникации.

Кој е виновен за загубарот Пошта ?

Македонската пошта која веќе 16 години е во рацете на политички раководен кадар од ДУИ со години бележи милиони приходи, но и милионски загуби. Според податоците од финансиската анализа на Центарот за граѓански комуникации, во 2017 година бележи приход од 19 милиони евра и загуба од 3 милиони евра. На приходната страна, во 2015 и 2016 година Пошта инкасирала по 22 милиони евра. Во тој период директор на акцинерското друштво основано од Владата е Фадис Реџепи, кој како кадар на ДУИ на таа позиција е поставен во 2014 година и со Поштата директорува до август 2018 година кога на неговото столче седува Ејуп Рустеми.

Рустеми, пак по втор пат е директор на ова државно претпријатие. Првиот директорски мандат го поминува од 2008 година до 2011, и од 2018 повторно застанува на чело на Македонската пошта како генерален директор. Загубата во 2018 година изнесува 2,7 милиони евра. Минатата година тој минус изнесувал еден милион, а од почетокот на годинава до сега загубата изнесува 850 илјади евра.
Законодавецот предвидел дека при искажана загуба на јавно претпријатие директорот е должен во рок од 6 месеци да ги отстрани недостатоците кои предизвикале загуба.

„ Директорот на јавното претпријатие и заменик директорот на јавното претпријатие основано од Владата на Република Северна Македонија се разрешува пред истекот на мандатот ако и по истекот на рокот определен во членот 23-а став 3 од Законот за јавните претпријатија не ги отстрани недостатоците или и во тој рок повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење“ се вели во законот.

Вкупните приходи на АД Пошта на Северна Македонија во 2018 година се помали за околу 13,7% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година.

Рустеми во изјава за интеренет порталот „локално“ вели дека не чуствува одговорност за состојбата со претпријатието, односно се дистанцира и од коментарите во јавноста за неодговорносто работење на кадрите на ДУИ кои со години наназад раководат со институцијата.
„Не можам да зборувам за другите, туку само за моето време“ изјавил Рустеми, посочувајќи дека неговото директорување е сепак успешно.

„Од моето доаѓање за генерален директор на Пошта на Северна Македонија во септември 2018, компанијата ја заврши годината со негативен финансиски резултат од 168 милиони денари. Во 2019 година успеавме да ја намалиме загубата на 65 милиони денари и во првите три месеци од 2020 годината“, вели Рустеми за „Локално“.

Ревизорскиот извештај „богат со неправилности“

Дополнително државниот ревизор во 2018 година утврдил голем број на неправилности во работењето на поштата, со која директорувале првата половина од годината Реџепи а втората половина Рустеми, на кој пак како што вели Рустеми, советник во кабинетот му бил неговиот претходник Реџепи.

Според извештајот, за 7 директори во АД „Пошта“, кои истовремено го сочинуваат и Управниот одбор и Надзорниот одбор, платено е менаџерско осигурување за период од 1.04.2018 до 1.04.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра.

„Пошта“ со милионска загуба плаќала менаџерски осигурувања

Еден од проблемите кои го нотирала ревизијата е продажба на деловен простор во сопственост на Пошта при што не бил наплатен данокот на додадена вредност во износ од 20 илјади евра.
Се давале големи попусти за поштенските услуги, од што, пак, се изгубиле значајни приходи од над еден милион евра, менаџерите си склучувале договори за нивно осигурување иако не требало да го прават тоа бидејќи друштвото работи со загуба, работници со пониско образование работеле на места како за повисоко, а работниците на кои им се давале аванси за службени патувања и други намени, не ги враќале парите и по неколку години. Ова го откриле државните ревизори по чешлањето на финансиските „книги“ на акционерското друштво Пошта.

Во последниот извештај ревизорите посочуваат дека се сомневаат во вистинитоста на финансиските извештаи, како и во докуметите приложени за благајничко работење, а забележуваат дека бил одобрен и попуст од 50 проценти на регулираната цена за „голем корисник за резервирани поштенски услуги за кои АД Пошта има екслузивитет и гарантирана цена“.
„Како резултат на посебна цена за резервирани поштенски услуги од 9 денари, односно попуст од 50 отсто, само во 2018 година бил остварен помал приход од 86.054.000 денари ( близу 1,4 милиони евра ) доколку се применела редовната цена“, се вели во извештајот.

Рустеми посочува дека претпријатието работи според законот за акционерски друштва, и дека сопственик е владата, што значи дека таа одлучува за судбината на Поштата.
Владата пак, за загубарот Пошта чаре бара во две опции - преземање со јавно приватно партнерство или целосна приватизација, нешто за кое во јавноста се критикува дека е амнестија за раководителите од ДУИ.

Сето ова се случува во период кога по затворањето на „Еуростандард банка“, Народната банка поднесе и кривични пријави. Пријавите се поднесени за предизвикување стечај на банка до Јавното обвинителство против поранешни одговорни лица на Еуростандард банка. Народната банка во август ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти, Ејуп Рустеми заедно ќе треба да изготват физибилити студија на кој начин да започне постапката за преземање на Пошта.

Вицепремиерот Битиќи вината за финансиските загуби на Пошта ги лоцира во менаџерските капацитети на ДУИ.

„За граѓаните би требало да значи наместо да имаме јавно претпријатие кое што ќе биде рентабилно, кое што нив ќе им осигура поквалитетни услуги ние наспроти, ги трошевме нивните јавни пари за да подмириме еден загубар кој што навистина заради неумешноста на менаџирањето не се покажа како добар модел“ вели Битиќи.

Во изминативе речиси две децении пошта стана позната по големи разбојнички кражби на транспорт на пари во предизборие, внатрешни измамни и сомнителни јавни набавки. За сите сомнителни работи и филмски кражби со калашникови Битиќи вели дека одговорноста не треба да се бара во Владата туку во истражните органи.

„Особено во прашање на одговорност на тие на кои што претходно раководеле не е на владата туку на другите институции на системот како јавно обвинителство и судство кои требало да преземат мерки ако имало моменти кога тоа требало да се преземе “ изјави Битиќи.

Во сиот тој перид дел од истражните органи уредно си ја вршеа работата и предупредуваа на проблемите со пошта. Таква институција беше Државниот завод за ревизија кој во неколку извештаи ( 2012, 2014 и 2015 ) посочува на проблеми во работењето на Пошта.

Според нивните податоци, од 2012 до 2014 година Поштата била оштетена за 3,6 милиони евра само од кражби и проневери од вработените. Во 2012 година, во рацете на вооружени арамии завршиле повеќе од 1,3 милиони евра, а на рацете на вработените се „залепиле“ 325.000 евра. Во 2013 година пак, кражбите зачестиле, а штетата се зголемила на 1,6 милиони евра, додека вработените проневериле 374.000 евра, покажува ревизорскиот извештај од тој период. Покрај кражбите, ревизорите утврдиле и дека претпријатието не работи според законите, ниту според интерните прописи, поради што се соочува со огромни загуби кои го доведуваат во прашање финансиското работење.
За ревизорите биле сомнителни и сметките од меана, затоа што вработените во Пошта во еден рибник „изеле“ 11.000 евра. Во извештајот е наведено дека од ресторанот стасале неколку идентични фактури, поткрепени со сметкопотврди, но без да се наведе каква угостителска услуга е наплатена.

Ревизорскиот извештај од 2014 година открива и детали за големиот пожар во објектот на „Македонска пошта“, кој, освен што го уништи непроценливиот мурал на Борко Лазески, уништи и опрема вредна 10.000 евра, марки во вредност од 92.000 евра, но изгореа и сметките со кои вработените требало да ги оправдаат трошоците за гориво, кои без прикажан доказ стигнале до одобрување на 570 илјади евра за гориво.
Судот во 2014 година пресуди дека за пожарот е виновен внукот на тогашниот директор Рафиз Алити. Арменд Фазлиу кој му беше и шеф на кабинет, доби две години казна затвор поради тешки дела против општата безбедност, иако тој го негираше делото.

До Јавното обвинителство во сиот овој период не допре гласот во јавноста за пропустите и сомнителното раководење со Македонска пошта. Само во предизборниот период во 2008 година интерес покажа Антикорупциската комисија кога на една недела пред избори отвори предмет за раководството на Македонска пошта. Тогашните антикорупционери поднесоа иницијатива до Одделението за организиран криминал поради сомневање дека главните луѓе во Поштата од јуни 2003 година до мај 2008 година работеле спротивно на законските прописи и стандарди. Во овој период се случија десетици грабежи што државата ја чинеа над два милиона евра и еден човечки живот, односно беше убиен еден од обезбедувачите.
Но тоа до рацете на судот не стигна. Пет години подоцна повторно на еден месец пред избори Антикорупциската комисија се зафати со работа со извештајот на Државниот завод за ревизија. Но, по најавата за отворање на предмет, јавноста не виде резултат.

На чело на „Македонска пошта“ од 2011 година е политичарот Рафиз Алити, кој доаѓа од редовите на ДУИ. Тој за време на конфликтот во 2001 година беше дел од ОНА, а како командант го доби псевдонимот Мсуси. Со неговото седнување во директорската фотелја, Владата најави дека врвен приоритет е продажбата на Поштата, но до нејзина реализација не дојде.

Заинтересирани имаше многу, неколку странски компании преговараа со македонските власти и беа блиску до склучување договор, но, сепак, приватизацијата остана нереализирана. Пред осум години „Канадски пошти“ беше на чекор да влезе во Македонија, но, како што тогаш пишуваа медиумите, по смената на власта во 2002 година, поранешниот директор на поштата, Таип Јакупи, не ја дозволил продажбата поради штетни одредби за државата. Македонија, по ова плаќаше пенали во вредност од над 200 илјади канадски долари. На крајот на 2008 година, владата донесе одлука за приватизација, при што на продажба би се понудиле 49 проценти. По распишувањето на огласот се јавија заинтересирани компании од Хрватска, Словенија и Германија, но без успех.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG