Достапни линкови

Три препораки за борба против корупцијата


Банкноти по 1000 денари. Илустрација.

Во извештајот за напредокот на земјата кон ЕУ се наведени 3 препораки на кои ќе треба да се посвети државата во борбата против корупцијата во наредната година. Оценката е дека Северна Македонија има одредено ниво на подготовка или умерено е подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата.

Спроведување на новиот закон со која се префрлаат некои од надлежностите на поранешното СЈО во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и регулирање на статусот на прислушуваните материјали, така што утврдувањето на одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од прислушувањето ќе продолжи.

Повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал.

Демонстрирање на политичка волја за борба против корупцијата преку поддршка на релевантните тела со натамошни финансиски и човечки ресурси и преку обезбедување јасни политички упатства за сите државни институции, за тоа како да се справат со корупцијата во согласност со препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Ова се трите препораки на Европската комисија на кои земјата треба да се посвети во наредната година во борбата против корупцијата, кои се наведени во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Вообичаено оваа година, како и сите години наназад извештајот укажува дека проблемот со корупцијата се протега низ сите сектори и секаде треба да се преземаат мерки за да се намали ризикот од коруптивно однесување, вели претседателката на Транспаренси Интернешенел, Слаѓана Тасева. Според неа, сега има конкретни препораки за кои ќе треба да се покаже вистински резултат и најпрвин треба да се усвои Националната стратегија за борба против корупцијата во Собранието.

„Оттука натаму треба да очекуваме дека вицепремиерот за борба против корупцијата ќе може ги координира активностите на Владата. Сепак најголем дел од тој проблем се наоѓа во извршната власт. Тоа е во сите сегменти, почнувајќи од јавните финансии, јавните набавки, вработувањето и се друго што претставува работа на јавна и државна администрација. Има многу проблеми таму и дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки коишто се случуваат поради некакво влијани или интерес што апсолутно треба да се покаже подготвеност за да се елиминира“, вели Тасева.

Оценката во извештајот е дека Северна Македонија има одредено ниво на подготовка или умерено е подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата. Постигнат е добар напредок во истрагите, гонење и судење на случаи на корупција на високо ниво. Државната комисијата за спречување на корупцијата, како што се посочува, е особено активна во спречувањето на корупцијата и отвори голем број случаи, вклучително и оние во кои беа вклучени високи функционери од целиот политички спектар, во согласност со минатогодишната препорака. Се истакнува и дека продолжиле напорите да се оствари напредок во случаите на СЈО.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека во извештајот им се одало признание за добриот напредок на реформите во правосудството и борбата против корупцијата, и се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера.

„Зголемени се напорите на Северна Македонија и остварени се видливи резултати како во судството, така и во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, порача тој.

Според Тасева неопходна е разрешница на случаите на СЈО низ соодветна судска постапка, како и зајакнување на мерките за финансиски истраги, но првенствено јакнење на капацитетот на ДКСК.

„ДКСК има надлежности, меѓутоа нема услови да работи. Повторно во извештајот се бара Владата да обезбеди услови за рбаота на ДКСК на обвинителството и на сите други кои се занимаваат со овие состојби за да може ефективно и ефикасно да се покажат резултати во однос на заплена на имот, конфискација, осуди, но и во други мерки кои се засновани на одлуки на ДКСК како непотизам за кои не е потребна кривична постапка и за кои исто така чекаме да станат ефективни“, додава таа.

Во истражувањето на МЦМС објавено во јануари годинава се наведува дека перцепцијата за корупција како круцијален проблем скокнала за едно место погоре во однос на лани, односно на четврто место веднаш после невработеноста, политичката нестабилност и ниските приходи како клучни проблеми.

Во однос на перспективите за сузбивање на корупцијата, најчестиот одговор или на околу 42 проценти од испитаниците е тврдењето дека корупцијата секогаш ќе биде присутна во земјата, но може да се намали во некоја мера. Околу 25 отсто од граѓаните веруваат дека корупцијата може значително да биде намалена, а помалку од 5 проценти се оптимисти и веруваат дека корупцијата целосно може да биде отстранета.

„Од друга страна пак, не може да се занемари фактот дека 26,4 отсто од граѓаните мислат дека корупцијата не може да се намали.Токму ваквиот песимизам е опасен и ги подгрева повисоките стапки на прифатливост и вклученост во корупција“, се посочува во извештајот на МЦМС.

Со новата Влада за прв пат беше назначен и воцепремиер за борба против корупција, а функцијата ја извршува Љупчо Николовски кој порача дека борбата ќе се води преку многу канали.

„Широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби итн. Целта ни е да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста. Да јакнат граѓаните и институциите, а да се намалуваат дискреционите права и моќта на политичарите и носителите на јавни овластувања. Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите, и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција или моќ“, рече Николовски.

Истражувањето на МЦМС покажува дека за околку 80 проценти од македонските граѓани сметаат оти водечките фактори за широко распостранета корупција се неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо и лично богатење на оние кои се на власт и недостаток на строга административна контрола врз корупцијата.

Податоците од Државниот завод за статистика укажуваат на тоа дека бројот на лица прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба се движи во рамките од 106 лица во 2007 година, до 92 во 2018 година.

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика на ЕУ, Оливер Вархеји при неговата посета на Скопје по објавувањето на извештајот порача дека е потребно борбата против корупцијата да продолжи непречено.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со Вархеји му соопштил дека криминалот и корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG