Достапни линкови

Кој ја плаќа струјата за „копачите“ на криптовалути?


Илустрација - просторија за „копање“ крипто валути

По вчерашната потрага на полицијата по „диви копачи на криптовалути“ се наметнува прашањето зошто МВР разговарала со ЕВН за кражба на струја, кога ГТЦ набавува струја од друга фирма - Енерџи Актив. Дополнително, опозицијата обвинува дека подрумските простории каде што полицијата не ни влезе, ги користат синовите на починатиот пратеник Амди Бајрам. Од раководството на ГТЦ засега нема одговори.

Вкупно 2,4 милиони евра за три години има потрошено Градскиот трговски центар во Скопје за набавка на електрична енергија од добавувачот Енерџи Актив. Претпријатието ГТЦ за последната набавка на електрична енергија исплатила 765 илјади евра, каде што цената за потрошен мегаватчас е фиксна и изнесува 3.693 денари, покажуваат податоците од договорот за јавна набавка објавен на Бирото за јавни набавки. Тоа значи дека ГТЦ од Енерџи Актив купува еден киловатчас во вредност од речиси 3,7 денари. Но, според сметките во кои имаше увид Радио Слободна Европа, сопствениците на дуќаните во ГТЦ преку фактура плаќаат по 15,9 денари од потрошен киловатчас.

По вчерашниот настан во кој полицијата се приближи до подрумските простории за кои имала дојава дека „на диво се копаат криптовалути“, МВР излезе со соопштение дека не утврдиле кривично дело кражба на струја.

Дел од новинарските екипи вчера објавија видео снимки на кои се гледаат по десетина графички картички поврзани на компјутерски сервери со кои се вршело „копањето“ криптовалути. Медиумите јавуваа и дека полицијата не ни влегла во подрумските простории за да утврди дали имало компјутерска опрема која ја прикажаа во видео инсертите.

Полицијата соопшти дека кога излегла на терен разговарала со претставници на ЕВН, иако ЕВН според податоците од Бирото за јавни набавки не ја снабдува со струја ГТЦ, туку компанијата Енерџи Актив.

„Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена каква било кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик“, се вели во одговорот на МВР.

Според тендерот - договорот за набавка на електрична енергија истекува кон крајот на месецов и со него е регулирано дека Енерџи Актив врши снабдување со електрична енергија со утврдени потреби според анализа на историска потрошувачка на електрична енергија.

Одговори побаравме од дел од сопствeниците на помалите дуќани во ГТЦ кои бараа да бидат анонимни. Тие се жалат дека во изминатиот период плаќаат повисоки сметки за струја од претходно, но досега мислеле дека тоа се должи само на поскапувањето на струјата, затоа што немаат пристап до броилата кои им се сместени во подрумските простории. Дуќанџиите велат дека секој од нив си плаќа според потрошени киловатчасови.

„Јас сум сопстевеник на мал дуќан, но имало периоди кога ми стигнувале двојно па и тројно поголеми сметки за струја. Никогаш не сум се симнал во подрум за да видам состојба на броилото. Можно е да се уштекал некој на струјата во ГТЦ, но досега немало проблем со енергијата ако некој трошел голема количина на струја“, ни изјави анонимно сопственик на мал дуќан во ГТЦ.

Според сметката во која РСЕ имаше увид, сопствениците плаќаат паушали за кондициски зимски режим и за оддржување, додека за струја и вода имаат броила. Струјата која ја трошат ја плаќаат по цена од 15,9 денари за киловат час, додека пак, според тендерот, Енерџи Активе одредила фиксна цена кон ГТЦ од 3,7 денари по киловат час.

Сметка за трошоци во ГТЦ
Сметка за трошоци во ГТЦ

Занаетчијата со кој разговаравме во ГТЦ вели дека за проблемите со подрумските простории и кој ги користи со години се зборувало, ама никој не преземал мерки. Тие објаснуваат дека под ГТЦ има огромен празен простор во подрумот којшто е запечатен и никој нема пристап до него.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на својот официјален профил на Фејсбук напиша дека синовите на поранешниот пратеник Амди Бајрам во магацин од ГТЦ имаат голема „графичка фарма“ за копање на биткоини, со многу компјутери кои трошат многу струја на ден, а „копаат“ до еден милиони евра месечно.

„Но, струјата е на ГТЦ, платена заеднички од сите 300 дуќанџии во трговскиот“, напиша Милошоски.

Во медиумите досега подрумските простории во ГТЦ предизвикуваа контроверзии, каде што со години работеше пералница на коли. Бизнисот со миење автомобили, во времето кога државниот трговски центар беше под контрола на партијата на Амди Бајрам, во два наврата го добиле фирми коишто истражувањето на БИРН ги поврза со неговиот син, Габриел. Според нивното истражување, фирмата којашто ја водела пералницата сѐ уште му должела на ГТЦ околу 16.000 евра за кирија.

До објавувањето на овој текст, директорот на Градскиот трговски центар не одговори на нашите повици за барање на одговори на прашањето кој ги изнајмува подрумските простории и кој ја плаќа струјата за подрумските простории.

„Копање“ на криптовалути во земјава не е кривично дело. Ова е област не е забранета, туку единствено не е регулирана.

Полицијата посочи дека ова е втора пријава за кражба на електрична енергија преку див приклучок на компјутери од подрумските простории на скопскиот Градски трговски центар. И тогаш полицијата не утврдила кривично дело.

„Во август 2021 година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело „кражба на електрична енергија“, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути“, се вели во одговорот на МВР.

Според кривичниот законик, „копањето “ криптовалути не е забрането, што значи дека не е регулирано, а казниво е само крадењето на струја. Честопати овие две работи одат заедно, затоа што дел од „копачите на криптовалути“ се приклучуваат на диво во енергетската мрежа за да си го намалат трошокот на „новиот бизнис“, велат познавачите.

Кривичниот законик вели дека до три години казна затвор може да се соочи сторителот на кражба на електрична, топлинска енергија или природен гас. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема, тогаш сторителот може да се казни и до пет години затвор и плус парична казна.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG