Достапни линкови

Отровниот воздух дополнително ќе ја влоши ковид сликата


Аерозагадување во Скопје, илустрација

Токсичниот воздух е хроничен проблем, а последиците од неговото вдишување ќе бидат најтешки за ковид пациентите со опструктивни проблеми, вели доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија. Екологистите бараат ефективно постапување на инспекциските служби

Очекувано за овој период од годината, концентрација на ПМ честички во воздухот повторно е висока. Веќе неколку дена Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, а не помалку токсични се и Кичево, Тетово, Велес, Струмица. Во период кога граѓаните се соочуваат со уште еден бран од пандемијата со корона вирусот, загадениот воздух создава дополнителна загриженост кај луѓето за влијанието на токсичниот воздух врз ширењето на делта сојот.

Лекарите очекуваат во периодот кој следува загадувањето да се зголемува, а најавите се и дека вирусот ќе се шири во услови на затворено. Тие посочуваат дека загадениот воздух е хроничен проблем и очекуваат тој да предизвикува компликации кај хронично болните пациенти, особено кај оние кои имаат проблеми со дишењето.

„Загадувањето е еден од главните причинители поради кој се јавува хронична опструктивна болест (ХОББ). Кај пациентите коишто имаат ХОББ влошувањето на белодробната функција значително ги влошува можностите за преживување односно за неразвивање на тешка клиничка форма на ковид. Загадувањето предизвикува и други системски заболувања, на пример на кардиоваскуларниот систем и тоа значи дека е очекувано кај нив да се развие тешка клиничка слика, која за жал може да заврши со смрт“, објаснува доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија.

Во извештајот кој вчера беше објавен од Европската агенција за животна средина се вели дека повеќе од половината од над 300.000 предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот во Европа во 2019 година ќе биле избегнати доколку се почитувале новите препораки за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација.

Според проценките на ЕЕА, во 2019 година во Северна Македонија 3.400 луѓе починале како резултат на загаденост на воздухот со ПМ2,5 честички, 120 луѓе како резултат на загадување со азотен диоксид и 90 поради загаденост на воздухот со озон.

И во Тетово деновиве тешко се дише. Хамди Сулејмани, член на Советот на општина Тетово вели дека во следниот период Советот ќе инсистира инспекциските служби поажурно да си ја вршат својата работа.

„Ние ќе бараме од Инспекторатот за животна средина да испита зошто на пример одредена фабрика не работи согласно законските правила и да има и казни за таквите. Во Тетово е многу јасна сликата. Во сите работилници кои работат со иверки, сите горат таков материјал. За почеток ќе бараме инспекторатот да функционира малку поефикасно, вели Сулејмани.

Мехмедовиќ пак апелира пациентите кои имаат системски заболувања да ја примаат својата редовна терапија, но и да се придржуваат на мерките за заштита од ковид 19.

„Носењето на маска е задолжително, треба да се избегнуваат простории во кои има концентрација на луѓе, да се одржува редовна хигиена на рацете. Носењето на маски е особено значајно кај овие луѓе зошто и во текот на зимските месеци кога загадувањето е големо, доколку носите КН95 маска тогаш може да очекуваме дека тие ПМ честички кои се всушност штетни, ќе бидат филтрирани во тие маски и на тој начин за 95 посто ќе ги намалите можностите да направите влошување на здравствената состојба како резултат на загадениот воздух“, советува Мехмедовиќ.

На ниво на ЕУ, ПМ2,5 честичките се ограничени на 25мг, но се прават напори таа граница да се спушти на под 20. СЗО досега препорачуваше дека нивото на овие честички не смее да надмине 10мг, а од годинава препорачува дополнително спуштање на 5мг. Дозволената граница во Македонија за ПМ2,5 е 25 микрограми на метар кубен, а за NO2 40 микрограми на метар кубен.

Доколку земјата почне да ги спроведува новите препораки на Светската здравствена организација за ограничување на аеро-загадувањето со ПМ2,5 честички на ниво на 5 микрограми на кубен метар во текот на годината, проценката е дека би биле спасени 2.500 прерано загубени животи.

Според Светската здравствена организација кај децата загадениот воздух може да предизвика намален раст и функција на белите дробови, респираторни инфекции и влошена астма, Кај возрасните, исхемични срцеви заболувања и мозочен удар се најчестите причини за прерана смрт што се должи на загадувањето на воздухот на отворено.

Од невладината „Еко герила“ посочуваат дека најголем проблем во тетовскиот крај е тоа што сите објекти во градот се греат на дрва и апелираат што побрзо да се гасифицираат училиштата, болницата и јавните установи со што би го намалило просечното загадување на воздухот таму.

Статистиката на оваа невладина организација говори дека просекот на ПМ честички во периодот кога работела фабриката Југохром годишното ниво на пм честички бил од 147 до 152 мг годишно. По затворањето на фабриката годишно ниво изнесува во просек околу 50 мг. што е сепак далеку од дозволеното ниво на метар кубен.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG