Достапни линкови

Вести

Ел Салвадор - прва држава во која биткоинот стана официјална валута

Илустрација

Пркосејќи на предупредувањата на големите економии и финансиските регулатори, но и на несогласувањето на мнозинството од населението на таа централноамериканска земја, Ел Салвадор стана првата земја во светот во која биткоинот ќе се користи како официјална валута, за што аналитичарите веруваат дека може да влијае на позицијата на крипто-валутите во глобалниот финансиски систем.

Од вторник, 7 септември, Ел Салвадор е првата земја во светот што го прифати биткоинот како легално средство за плаќање, со планови за користење вулканска геотермална енергија за напојување на „рударството“ на дигитална валута, пишува лондонски „Тајмс“, додавајќи дека дигитален експеримент е внимателно следен низ целиот свет.

Во светот на биткоин
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Биткоинот, заедно со американскиот долар, кој е усвоен во Ел Салвадор во 2001 година и ќе продолжи да се користи како „референтна валута“, станува официјална валута на најмалата централноамериканска земја и мора да се прифати како плаќање кога се нуди - освен ако добавувачите или приматели немаат технологија за извршување трансакции. Биткоинот нема да подлежи на данок на капитална добивка, па дури може да се користи и за плаќање даночни придонеси.

види ги сите денешни вести

Трет дуел на Заев и Мицкоски

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе, пописот, и изборите беа тема на вечерашниот дуел меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5. Заев повика да не се користи трагедијата во Тетово за дневнополитички поени.

Тој повтори дека прво ќе ги чека резултатите од истрагата, па потоа ќе донесе одлуки за оставките понудени од функционерите за здравство и директорите на тетовската болница. Заев го осудува постојаното инсистирање на опозицијата за оставка на министерот Венко Филипче.

Мицкоски во текот на дуелот го обвини за трагедијата наведувајќи дека модуларната болница била пуштена во употреба без соодветен документ. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не е потребна само морална, туку и кривична и политичка одговорност. Заев на тоа возврати дека тоа се лаги искажани исклучиво за политичко профитерство.

„Желбата за власт да го прави човек толку политички профитер ви личи само вам. Вие сте и истражител и судија и обвинител“, му рече Заев на Мицкоски.

Тој побара од Заев да одговори дали има правилник за модуларните болници во Министерството за здравство, кој е проектант на овие контејнери, дали се сите модуларни болници вака поставени и како бил обезбеден приклучок за електрична енергија.

Ова е трет дуел на лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски.

Вучиќ - Приштина го крши Бриселскиот договор

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека акција на косовската полиција е спроведена спротивно на договорот од Брисел, и дека акцијата била спроведена без никаков договор со никого. Вучиќ вели и дека за состојбата со Косово разговарал со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Косово денеска одлучи дека граничните премини не може да се преминат со регистерски таблички на Србија, туку треба да се обезбедат привремени регистерски таблички со ознака Република Косово.

Тој најави дека утре ќе се одржи седница на Советот за национална безбедност.

Министерството за внатрешни работи на Косово, претходно соопшти дека во соработка со полицијата на Косово, спроведува акции на граничните премини на северот на Косово, кои се однесуваат на спроведување на Бриселскиот договор за слобода на движење.

Договорот за слобода на движење помеѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година, според кој српските таблички со кодовите на градовите во Косово беа укинати, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), односно мораше да се изврши пререгистрација на возилата на КС или РКС.

Меѓутоа, граѓаните на Косово не можеа да влезат на територијата на Србија со таблички РКС без трошоци, односно мораа да ги заменат со пробни, така што Косовскиот договор ги обврза да издаваат регистарски таблички на КС уште пет години, што Србија го прифати.

МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси

Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма, предупреди денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Тој денеска имаше годишен состанок со земјите-членки на агенцијата на ОН.

Гроси вели дека во Северна Кореја се одвојува плутониум, се збогатува ураниум и има други активности. Ваквите чувствителни активности се кршење на неколку резолуции на ОН.

Инспекторите на МААЕ немаат пристап до објектите на Северна Кореја, но агенцијата ги следи активностите таму преку сателитски снимки.

Најновото предупредување доаѓа неколку недели откако МААЕ објави дека по се изгледа повторно има активности во нуклеарниот центар Јонгбјон, каде, според сателитските снимки, се сигнализира дека Северна Кореја има намера да го зголеми производството на оружје.

Северна Кореја на 15 септември истрела две балистички ракети во морето, со што прекрши резолуција на ОН. Два дена пред тоа тамошните власти рекоа дека тестирале нови крстосувачки ракети со голем дострел.

Извршители и полицајци убиени при обид да иселат луѓе во Казахстан

Полициски екипи во близина на местото каде се убиени пет луѓе при обид да извршат налог за иселување.

Најмногу пет луѓе загинале во Казахстан, од кои двајца полицајци откако кон нив пукал човек кај кого дошле службениците со налог за иселување, соопшти полицијата. Настанот се случил во најголемиот град во Казахстан, Алмати.

Човек на околу 50 години отворил оган врз судските извршители и другите службеници кои попладнево отишле да ја извршат наредбата за иселување.

Полицијата во Алмати соопшти дека осомничениот е приведен и дека „ситуацијата е под контрола“.

Во Алмати живеат околу 1,8 милиони луѓе.

ДИК отфрли две листи за градоначалници и шест за советници

Апарати за читање на отпечаток од прст кои ќе се користат на локалните избори

Државната изборна комисијата (ДИК) информираше дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за претстојните локални избори закажани за 17 октомври.

ДИК отфрли две листи за градоначалници, една во Охрид и една во Струга и на и шест за советници во Врапчиште, Ѓорче Петров, Зелениково, Кичево, Струга и Тетово.

ДИК најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за редослед на кандидатските листи на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.

ДИК утре на јавна седница во 15 часот ќе ја спроведе жрепката за политичко рекламирање за распределба на локации за рекламни паноа и билборди согласно критериумите од Изборниот законик.

Нови ковид правила за влез на странците во САД

Претседателот Џо Бајден

Соединетите Американски држави од ноември воведуваат нови правила за влез во државата за странци. Администрацијата на претседателот Џо Бајден ќе бара од сите странски државјани пред да пристигнат во САД да бидат вакцинирани.

Координаторот за ковид -19 на Белата куќа Џеф Зинц, денеска ги објави новите правила според кои странците што летаат за САД ќе треба да покажат доказ за целосна вакцинација пред да се качат на авион, а треба да поседуваат и негативен тест за ковид, не постар од три дена пред летот.

Ќе се заострат правилата и за невакцинирани американски државјани, кои ќе треба да се тестирани еден ден пред да заминат од САД и пред да се вратат во земјата.

За целосно вакцинирани патници нема да се бара карантин, рече Зинц.

Новата политика заменува голем број услови за патување, кои првично ги воведе претходниот американски претседател Доналд Трамп, а потоа беа зајакнати од Бајден со кои се забрануваше влез на туристи, бизнис патници и сите останати категории без американско државјанство или легален престој, воведени со цел да се спречи ширењето на ковид -19. Со претходните правила беа забраниети летовите од Британија, ЕУ, Кина, Индија и други земји.

Зинц исто така рече дека американските здравствени власти од авиокомпаниите ќе побараат да собираат информации за патниците на меѓународните летови за да може полесно да се најдат контактите во случај на заразен.

Полска има докази дека Минск и Москва го оркестрираат мигрантскиот бран

Полска поставува жичана ограда на границата со Белорусија.

Полска соопшти дека има голем број докази дека Белорусија, поддржана од Русија, го организира бранот илегални имигранти што се прелеваат преку нејзините граници кон Европската унија.

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки денеска изјави дека никој не верува дека Минск дејствува сам во испраќањето илјадници луѓе преку границите во Полска и во Литванија, во знак на одмазда за санкциите што ЕУ ги воведе против авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко и неговиот режим по спорните претседателски избори во 2020 година. По изборите имаше насилни сузбивање на опозициските политичари и на независни медиуми.

„Имаме многу докази во нашите раце дека станува збор за систематска, организирана акција од страна на белоруските службеници и белоруската полиција“, рече Моравиецки. Тој додаде дека станува збор за добро насочена акција од Минск и Москва.

Од почетокот на август на границата биле забележани 7.000 мигранти, претежно од Блискиот Исток, рече полскиот премиер.

Неговите коментари доаѓаат на еден ден откако тројца мигранти беа пронајдени мртви на полско-белоруската граница. Засега не се соопштува причината за нивната смрт. Вчера беа спасени осум мигранти од страна на полските работници за итни случаи. Мигрантите се заглавиле во мочуриште додека се обидуваа да ја преминат границата.

Претставници на граничната служба на Белорусија денеска соопштија дека денеска на границата е пронајденото уште едно починати лице, „жена со несловенски изглед“. И за ова лице нема податоци како починало.

Претходно овој месец, Полска воведе вонредна состојба во траење од 30 дена, со која им се забранува на луѓето, вклучително и на медиуми движење во пограничната област. Тоа е првпат земјата да користи таква мерка од падот на комунизмот во 1989 година. Полска испрати и испрати илјадници војници на границата и започна да гради ограда со бодликава жица.

Дванаесет починати од ковид и 154 нови случаи на заразени

Дванаесет починати како последица на ковид-19 се пријавени во изминатото деноноќие, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Најмладиот на возраст од 30 години е од Валандово, еден починат има од Штип на 84 години и десет луѓе починале во Скопје, на возраст од 53 до 90 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Во последните 24 часа, пак, се регистрирани 154 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени 1.967 тестирања, соопшти Министерството.

Во Скопје има 118 нови случаи на заразени, Куманово – 12, Кавадарци – 5, Прилеп и Битола – по 3, Велес, Кичево, Кочани, Свети Николе и Крива Паланка – по 2, Струмица, Виница и Кратово – по 1.

Регистрирани сe 408 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 187.068 бројката на оздравени пациенти е 167.810, на починати е 6.472, а бројот на активни случаи изнесува 12.786.

Учениците продолжуваат со настава со физичко присуство

На училиште со маска.

Нема потреба од промена на моделот на настава, согласно податоците за заразени ученици, студенти и деца во предшколска возраст, а намалена е и инциденцата на ширење на вирусот, сметаат од Комисијата за заразни болести. Во државата со мали исклучоци во некои градови каде што имаше поголем број на заразени, наставата почна со физичко присуство.

За 40 проценти е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август, покажува последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје.

Во епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје опфатени се и децата од предшколска и школска возраст, како и популацијата што е на факултет.
Најмалку заразени има на возраст од 0 до 9 години, односно само 3,9 отсто од позитивните во државата се на таа возраст.


Во Скопје има 139 заразени основци, 70 средношколци, 72 студенти и 28 деца во претшколска возраст.

Во Куманово, има 5 заразени основци, 8 средношколци, 18 студенти и 3 деца во претшколска возраст.

Во Штип се заразени 5 основци, 8 средношколци, 3 студенти и 2 деца од претшколска возраст.

По 2 заразени деца од претшколска возраст има и во Велес и Ресен и 1 дете е заразено во Прилеп.

Од популацијата во основно, во Велес и Ресен има по 5 ученици, 6 има во Струмица и Кавадарци, а 8 во Прилеп. Средношколци позитивни на ковид има 3 во Велес, 7 во Кавадарци, 4 во Прилеп и 2 во Струмица. И од академската популација заразени со вирусот се 6 во Велес, по 2 во Кавадарци и Прилеп и по 3 во Струмица и Ресен.

Дипломат Миленкоски имал безбедносен сертификат издаден од УБК и за него немало барање за безбедносни проверки

Уапсениот дипломат Миле Миленкоски имал безбедносен сертификат издаден од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање(УБК) на 9 февруари 2019 година, соопшти Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Миленковски бил дипломатот во Мисија во ОБСЕ во Виена.

Од АНБ преку соопштение наведуваат дека од денот на формирањето на институцијата на 1 септември 2019 до 27 август 2021 година, денот на приведувањето на Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите.

Безбедносниот сертификат што го има Миленкоски е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен, а за останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати, наведува АНБ.

Од Агенцијата наведуваат дека се преземени активности за приспитување на условите под кои Миленковски го добил сертификатот и активности за одземање на безбедносниот сертификат.

Миленкоски беше уапсен во Србија според меѓународната потерница издадена по него од ерменскиот Интерпол, поради „илегален премин на граница извршен од група по претходен договор или со употреба на сила или закана“. Миленковски е во екстрадициски притвор во Србија, каде што се чека комплетирање на документацијата, по што може да биде екстрадиран во Ерменија.

Над 18 илјади студенти ќе добијат субвенциониран студентски оброк

Студенти со индекс

Прифатени се 18.149 апликации, од пристигнатите 21.693 за субвенциониран студентски оброк, соопшти Министерството за образование. Првиот рок за аплицирање траеше од 1 до 30 август. Повикот беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон за олеснување на животот на младите за време на студирањето. Девет месеци во годината студентите ќе добиваат по 2.400 денари наменети за купување здрави оброци.

Следниот рок за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе почне на 1 октомври и ќе трае до крајот на месецот, а се однесува на студентите од новата академска година и оние кои не успеајa да го остварат своето право додека траеше претходниот рок за аплицирање на повикот.

Вакцината на Фајзер ефикасна и кај деца од 5 до 11 години

вакцина на Фајзер/Бионтек, илустрација

Компанијата Фајзер денеска објави дека нејзината вакцина против корона вирусот е ефикасна кај деца од пет до 11 годишна возраст и дека наскоро ќе бара одобрување од американските власти за употреба.

За деца на училишна возраст тестирана е помала доза од вакцината, односно една третина од дозата што ја примаат возрасните. Сепак, било заклучено дека децата на возраст од 5 до 11 години развиваат иста количина на антитела како тинејџерите и младите возрасни.

„Ако ‘Фајзер’ го достави својот документ ЕУА до крајот на септември, а податоците ја потврдат безбедноста за употреба, „одобрувањето би можело да се случи во првите неколку недели од октомври … Производот на ‘Фајзер’ најверојатно ќе биде спремен“, пренесе неодамна Ројтерс изјава на неименуван извор кој ја цитира изјавата на главниот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи.

Вакцината, произведена од американската компанија Фајзер и германскиот партнер Бионтек, веќе се користи за имунизација на деца постари од 12 години.

Димитров: МНР нема надлежност да издава безбедносни сертификати

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Министерството за надворешни работи нема надлежност да издава безбедносни сертификати, ни капацитет да врши безбедносни проверки, ниту има луѓе што се бават со тоа, бидејќи тоа го прават безбедносните служби, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

„Во нашиот систем може Министерството да има некаков дополнителен филтер за вакви работи да спречи, меѓутоа вистинскиот ветинг го прават безбедносните служби, тие имаат пракса, имаат искуство и најважно законски надлежности за таа работа. МНР нема надлежност да издава безбедносни сертификати, односно нема процес и процедури што врши такви безбедносни проверки на кандидатите на луѓето“, изјави Димитров, во одговор на новинарско прашање во врска со ветингот во МНР што го најави актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи по приведувањето на дипломатот во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, Миле Миленкоски во Србија.

Димитров, кој беше шеф на дипломатијата од 2017 до 2020 година, посочи дека за овој случај не станало збор на средбата при размената на ресорите со актуелниот министер Османи во септември 2020 година, како и оти во МНР има записи од случајот и секој вработен во тоа Министерство има свое досие за кариерниот пат.

3апрашан во врска со случајот на Миленкоски и како „таква конфликтна личност останала толку време на високи функции во МНР“, Димитров истакна дека кога дошол на должност министер за надворешни, односниот дипломат бил во Виена во Мисијата при ОБСЕ, а по „една епизода“ бил префрлен во Амбасадата во Австрија.

„Неговото барање за продолжување на мандатот од три години (по Законот за надворешни мандатот на дипломатите во странство е три години) го одбив и потоа, ако не се лажам, работеше во Директоратот за конзуларни односи во МНР. Тука има право министерот за надворешни работи дискреционо да не го пушти надвор на мисија за да видиме што е работава. Како до тоа дошло до сега немам информации, бидејќи не го водам МНР“, рече Димитров.

Македонскиот дипломат Миле Миленковски од Мисијата во ОБСЕ во Виена, беше уапсен во Србија според меѓународната потерница издадена по него од ерменскиот Интерпол, поради „илегален премин на граница извршен од група по претходен договор или со употреба на сила или закана“. Миленковски е во екстрадициски притвор во Србија, каде што се чека комплетирање на документацијата, по што може да биде екстрадиран во Ерменија.

Кремљ: Исполнета целта на „Единствена Русија“ да ја потврди власта

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин позитивно го оцени резултатот на Единствена Русија на изборите во Руската државна дума, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој рече дека Единствена Русија имала задача „да ја потврди моќта“ и дека очигледно ја исполнила таа цел. Путин учествуваше во две фази на Конгресот на Единствена Русија, а летово ја предложи изборната програма на партијата.

Руската владејачка партија Единствена Русија, поддржана од Кремљ го освои долниот дом на парламентот по тридневното гласање кое беше проследено со нерегуларности и обвинувања за лажирање.

Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека кандидатите на Единствена Русија освоија 49,66% од гласовите на изборите во Државната дума, по 90% од преброените гласови.Според првичните резултати, Единствена Русија ќе има околу 112 места на партиско ниво, а нејзините кандидати водат во 195 изборни единици со едно место.

На второ место е Комунистичката партија на Руската Федерација со 19,56 проценти од гласовите, потоа Либерално -демократската партија на Русија, Само Русија и Новиот народ.

Извештајот од германските експерти ќе биде доставен за 10-15 дена

илустрација, ден по пожарот во модуларната болница во Тетово

Извештајот од германските експерти за пожарот во Тетово, според информациите од МВР, ќе биде доставен во некој рок од 10 до 15 дена, а нашите извештаи јас очекувам многу брзо да бидат готови, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Времето, посочи Заев, е важно бидејќи граѓаните бараат одговор, но не би сакал никако да избрзуваме.

„Не само заради тоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став по повод поднесените четири оставки, поважно е тоа што граѓаните бараат одговор, што всушност се случило, кои се причините или слично, така што јас лично ако прашате како премиер кога очекувам – очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите. А, дали ќе биде така или не најверојатно за тоа ќе каже републичкиот обвинител и надлежниот обвинител,“ изјави Заев.

Прашан зошто се чекаат извештаите, кога оставките се понудени и граѓаните бараат одговорност, премиерот Заев рече дека го разбира гневот и болката која е голема кај сите, но дека не може едноставно да се разрешуваат министри, Влада, Парламент, па дури и цел народ заради оваа болка.

За тоа, како одеднаш верува во судството и чека што ќе покаже истрагата, кога пред една година и самиот барал помош од ДКСК за справување со судството, Заев рече дека помош и поддршка бараат од сите независни институции, како од извршната власт и институциите под извршната власт, така и на правосудството, судството и обвинителството, и на сите други институции.

„Не можам да кажам дека денеска Зоран Заев има целосна доверба во правосудството, но сум должен да ја делегирам довербата согласно нивната одговорност да носат одлуки, транспарентни, отворени, ефикасни и јасни за граѓаните“, рече Заев.

Шахпаска: Состојбата во градинките стабилна, позитивни 13 воспитувачи, 9 деца

Jагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика

Министерката за труд и социјална политика Jагода Шахпаска денеска изјави дека состојбата поврзана со коронавирусот во градинките е стабилна и оти не е конатстирано негово ширење во овие детски установи.

„Состојбата со градинките е стабилна и веќе цела година се одржува како таква. Денеска на реферирањето на утринскиот кризен штаб информирав дека само 13 воспитувачи и други вработени во градинките се позитивни во целата држава и само девет дечиња“, рече Шахпаска во одговор на новинарско прашање.

Дополнително, додаде во изминатите седум дена бил напраен вонреден инспекциски надзор за почитувањето на протоколите. Извештајот на ДЗСИ, како надлежна институција, покажал дека тие се почитуваат и оти поради тоа нема ширење на вирусот во градинките.

„Нивниот извештај, кој е испратен до Министерството за труд и социјална политика, покажува дека протоколите доследно се почитуваат и оти нема хоризонтална трансмисија на вирусот во градинките“, рече министерката Шахпаска.

Итна седница на Советот за национална безбедност на Србија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска закажа итна седница на Советот за национална безбедност на која главна тема ќе бидат настаните во Косово, објавија Радио телевизија Србија (РТС) и Танјуг.

Претходно Косовското Министерство за внатрешни работи во соработка со косовската полиција, на граничните премини со Србија на северот од земјата, започна со спроведување на одлуката според која граѓаните кои имаат српски регистарски таблички на возилата, мораат да земат привремени табли при влез во Косово. Привремените таблички за 60 дена ќе чинат пет евра.

Како што објасни премиерот на Косово, Албин Курти, ова е реципрочна мерка кон Србија, бидејќи досега, граѓаните на Косово со таблички РКС (Република Косово), исто така, мораа да плаќаат за привремени табли при влез на територијата на Србија.

Претставниците на Европската унија (ЕУ) ги повикаа Косово и Србија „итно“ да ги намалат тензиите на теренот.

„Ги повикуваме двете страни да се воздржат од еднострани дејствија и веднаш да ги намалат тензиите“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано, потврдувајќи дека претставниците на ЕУ внимателно ги следат случувањата на северот на Косово.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељал Свечла на својот фејсбук профил сабајле напиша дека станува збор за рутински активности насочени кон зачувување на јавниот и уставниот поредок.

„Со цел да се овозможи слободно движење на граѓаните врз основа на договорот истечен на 14 септември 2016 година, Министерството за внатрешни работи донесе одлука со која се уредува и се обврзува да се обезбедат привремени регистарски таблички за сите возила со српски регистарски таблички“, вели тој.

Тој додава дека МВР ги презела сите неопходни мерки за зачувување на мирот на граничните премини. Косовските медиуми јавуваат дека припадниците на Специјалната единица на косовската полиција се наоѓаат на два премини на север, Јариње и Брњак.

Договорот за слобода на движење помеѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година, според кој српските таблички со кодовите на градовите во Косово беа укинати, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), односно мораше да се изврши пререгистрација на возилата на КС или РКС.

Меѓутоа, граѓаните на Косово не можеа да влезат на територијата на Србија со таблички РКС без трошоци, односно мораа да ги заменат со привремени, така што Косовскиот договор ги обврза да издаваат регистарски таблички на КС уште пет години, што Србија го прифати.

ДЗСИ: Проверивме 18 модуларни болници, нема недостатоци

Модуларна ковид болница во Гостивар, илустрација

Државниот здравствен и санитарен инспекторат го заврши вонредниот инспекциски надзор во 18 модуларните болници низ земјава и притоа не биле констатирани недостатоци.

Притоа било констатирано дека во моментот на наздор модуларните болници во Битола, Гостивар и Кочани немаат хоспитализирани пациенти. Модуларната болница во Дебар од своето пуштање во функција на ден 21.03.2021 година до 01.07.2021 год била затворена, за потоа да продолжи да функционира како вакцинален пункт.

Модуларната болница во Штип од 29.05 2021 година функционира како инфективно одделение со оглед на тоа што одделението, од КБ се реновира. Модуларната болница во Ресен функционира како амбуланта за тријажа, земање материјал за ПЦР тестирање и како дневна болница , но нема лежечки пациенти.

Модуларните болници во склоп на ЈЗУ Клиника за пулмологија и ЈЗУ УК за детски болници исто така функционираат како амбуланта за преглед и тријажа. Во останатите има хоспитализирани пациенти.

ДСЗИ исто така не регистрира недостатоци и по однос на санитарно-хигиенската состојба , извршената ДДД од овластена установа, селекција и диспозиција на медицински отпад, извршени здравствено –хигенски прегледи, обезбедени доволни количини на ЛЗО, обезбедени доволни количини на средства за дезинфекција , динамика на чистење и дезинфицирање на работните површини. Оттаму додаваат дека вработените во модуларните болници се имунизирани а дел имаат прележано Ковид 19.

„Во сите модуларни болници е истакнато на видно место дека е забранета посета и во моментот на надзор не е затекнато присуство на надворешни лица. Секаде има истакнат распоред на дежурства на здравствен персонал, лекари (специјалисти и специјализанти)и медицински сестри чија бројка е различна согласно капацитетот и бројот на хоспитализирани пациенти“, се вели во соопштението од Министерството за здравство кое се повикува на извештајот од вонредниот инспекциски надзор на ДЗСИ.

Осум мртви во престрелка во руски универзитет, напаѓачот убиен

Полиција пред Универзитетот во Перм по пукањето во кое загинаа осум лица, а неколкумина се повредени

Осум луѓе се убиени, а неколкумина повредени кога вооружен напаѓач отворил оган во Универзитетот во градот Урал во Перм, на околу 1.400 километри источно од Москва, по што бил ликвидиран. Во соопштението од Истражниот комитет се наведува дека напаѓачот е идентификуван, но не се даваат повеќе детали.

"Осомничениот е идентификуван. За време на апсењето, тој пружи отпор и е ранет", се вели во соопштението.

Портпаролката на универзитетот Наталија Печишчева изјави дека напаѓачот е „ликвидиран“.

Локалните медиуми јавија дека напаѓачот влегол во една од зградите на универзитетот и отворил оган.Телевизијата РЕН објави снимка од луѓе кои скокаат од прозорците на вториот кат во една од зградите.

Универзитетот во Перм, град со околу милион жители, на околу 1.400 километри североисточно од Москва, на својот профил на социјалната мрежа ВКонтакте објави дека на студентите и факултетите им било наредено веднаш да ги затворат училниците и вратите на канцелариите и да останат внатре.

Ова пукање е втор голем напад на вооружен напаѓач во училиште во Русија за четири месеци и покажува зголемување на ваквите напади, кои некогаш се сметаа за исклучително ретки во Русија.

Преземени се неколку чекори за да се направат училиштата побезбедни низ целата земја, а безбедносните мерки беа зајакнати, по опсадата на училиштето во Беслан, во кое повеќе од 330 луѓе, повеќето од нив деца беа убиени во Северна Осетија. Во нападот на првиот ден од учебната година во 2004 година, милитантот потоа зеде повеќе од 1.000 заложници во Беслан.

Во мај, 19-годишниот Илназ Галијавиев нападна училиште во Руската Република Татарстан, убивајќи девет лица: седум осмоодделенци и двајца наставници. Галијавиев по психијатриската проценка беше окарактеризиран како психички болен.

Пукањето ги натера руските пратеници да ја зајакнат контролата врз оружјето.

Кацаров: антиваксерите кои нападнаа лекари да бидат изведени пред суд

вакцинација против ковид во мобилна амбуланта во Софија

Бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров побара антиваксерите кои вчера го нападнаа медицинскиот тим на мобилната станица за вакцинација во Варна да бидат изведени пред суд.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Кацаров коментирал дека медицинските лица од Варна биле принудени да ја прекинат вакцинацијата. Тој додаде дека бугарските здравствени власти нема да дозволат медицинските лица да бидат навредувани и понижувани затоа што совесно ја вршат својата работа и спасуваат животи.

Вакцинацијата против Ковид-19 во Бугарија е доброволна и секој одлучува дали ќе се вакцинира или не.

Министерот за здравство на Бугарија, исто така, коментираше дека властите во земјата не принудуваат никого да се вакцинира, но нема да дозволат организирани групи антиваксери да ги спречат оние што сакаат да бидат имунизирани. Речиси 5.000 луѓе се во болници, а 390 се во многу сериозна состојба во одделите за интензивна нега во бугарските болници со тешка форма на Ковид-19, додавајќи дека повеќе од 95 проценти од нив се невакцинирани.

„Како министер за здравство, го повикувам обвинителството да го испита случајот и доколку се утврдат докази за кривично дело, сторителите да се изведат пред лицето на правдата“, рече Кацаров.

ИД ја презеде одговорноста за нападите врз Талибанците

Милитантната група Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за неколку бомбашки напади врз талибански возила во источен Авганистан.

Доцна синоќа, новинската агенција Амак пренесе изјава на Исламската држава за преземање одговорност за нападите, што се случија викендот во Џалајлабад, во кои загинаа осум лица, меѓу кои и неколку талибански борци.

Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан минатиот месец, додека Соединетите Држави и НАТО беа во завршна фаза на повлекување на своите војници.

Тие сега се соочуваат со големи економски и безбедносни предизвици во обидот да владеат со Авганистан, а забрзаната кампања на нападите на ИД дополнително ги комплицира тие напори.

Санчез стигна на Ла Палма, евакуација поради ерупцијата на вулкан

илустрација, ерупција на вулканот Кумбре Виеја на Канарските острови

Шпанскиот премиер Педро Санчез пристигна во Ла Палма на Канарските Острови, каде што вулканска ерупција доведе до евакуација на 5.000 луѓе. Снимките од воздух покажуваат дека лава од вулканот Кумбре Виеја се истура надолу и уништува куќи.

Санчез изјави дека властите внимателно ги следат пожарите што можат да произлезат од горење лава. Воени и цивилни стражари се распоредени за да пружат помош. Вулканот последен пат еруптирал пред 50 години.Се наоѓа на југот на островот Ла Палма, каде живеат околу 80.000 луѓе.

Јонас Перез, локален туристички водич, рече дека се уште може да почувствува како земјата се тресе поради ерупцијата.

„Но, најневеројатното нешто што никогаш порано не сум го доживеал е дека бучавата што доаѓа од вулканот звучи како полетување на дваесет борбени авиони и е исклучително гласна, неверојатна“, додаде тој.

Локалните власти издадоа наредба за евакуација од четири села, вклучително и Ел Пасо и Лос Ланос де Аридан, а беа поставени и привремени засолништа.

Засега нема извештаи за жртви.

Не е можно да се предвиди кој друг ќе треба да биде евакуиран “, рече претседателот на Канарските острови, Ангел Виктор Торес, вчера вечер додавајќи дека лавата полека се движи кон брегот.

Санчез го одложи одењето на Генералното собрание на ОН во Њујорк за да се сретне со Торес и да разговара за одговорот на итните служби на ерупцијата.

Островот Ла Палма беше во состојба на готовност откако беа регистрирани повеќе од 22.000 земјотреси околу вулканот за една недела. Канарските острови, архипелаг од седум острови во северозападна Африка, последен пат забележале вулканска ерупција во 2011 година. Вулканот Камбре Виеја последен пат еруптираше во 1971 и 1949 година.

Косовска полиција на границата со Србија поради регистарските таблички

граничен премин Мердаре, на границата Косово-Србија

Министерството за внатрешни работи на Косово, во соработка со полицијата на Косово, спроведува акции на граничните премини на северот на Косово, кои се однесуваат на спроведување на Бриселскиот договор за слобода на движење.

Ова на својот Фејсбук профил го потврди министерот за внатрешни работи, Џељал Свекла, истакнувајќи дека станува збор за рутински активности насочени кон зачувување на јавниот и уставниот поредок.

„Со цел да се овозможи слободно движење на граѓаните врз основа на договорот истечен на 14 септември 2016 година, Министерството за внатрешни работи донесе одлука со која се уредува и се обврзува да се обезбедат привремени регистарски таблички за сите возила со српски регистарски таблички“, вели тој.

Тој додава дека МВР ги презела сите неопходни мерки за зачувување на мирот на граничните премини.

Косовските медиуми јавуваат дека припадниците на Специјалната единица на косовската полиција се наоѓаат на два премини на север, Јариње и Брњак.

Договорот за слобода на движење помеѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година, според кој српските таблички со кодовите на градовите во Косово беа укинати, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), односно мораше да се изврши пререгистрација на возилата на КС или РКС.

Меѓутоа, граѓаните на Косово не можеа да влезат на територијата на Србија со таблички РКС без трошоци, односно мораа да ги заменат со пробни, така што Косовскиот договор ги обврза да издаваат регистарски таблички на КС уште пет години, што Србија го прифати.

Реципрочни мерки кон Србија во неколку наврати објави премиерот на Косово, Албин Курти.

Досега попишани вкупно 1.037.309 лице

Вкупно 1.037.309 лице, 323.286 домаќинства и 438.705 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 193.370 лица.

Граѓаните кои имаат дилеми и нејаснотии во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис и на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.

Неколку мртви во престрелка на рускиот универзитет во Перм

Фотографија од вооружениеот напаѓач направена од студент на Универзитетот во Перм, 20 септември 2021

Руските медиуми јавуваат дека вооружен напаѓач отворил оган и убил неколку луѓе во универзитет во градот Перм.

Новинската агенција РБК цитира извори кои велат дека во престрелката загинале три лица, додека Телеграм канал 112 известува дека загинале пет лица.

„Russia today“ јавува дека во нападот на универзитетот загинале пет лица, а шест се ранети.

Портпаролката на универзитетот изјави дека напаѓачот е „неутрализиран“.

Новинската агенција ТАСС цитира извор кој вели дека непознато лице влегло во една од зградите на универзитетот и отворило оган.

Телевизискиот канал РЕН објави снимка на која се гледа како луѓето скокаат од прозорците на вториот кат од зградата на универзитетот.

Во објавата на онлајн профилот на универзитетот ВКонтакте, на студентите им беше кажано да се затворат во училниците и да останат на место. Во истото соопштение се додава дека предавањата се откажани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG