Достапни линкови

Вести

Ципрас: Грција ќе биде силна поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ

Зоран Заев и Алексис Ципрас во Скопје

„Го менуваме наративот на национална омраза и поделби. Градиме нов наратив на соработка, разбирање и заеднички раст. Успехот на овие напори не е успех само за Грција и Северна Македонија и туку е успех на целиот Балкан и Европа"изјави премиерот на Грција Алексис Ципрас на заедничката пресс конференција со премиерот Зоран Заев во Владата. Тој нагласи дека верува оти се обидуваат заедно со македонскиот премиер да изградат поинаква историја за Балканот.

Tој рече дека ова е прва официјална посета на грчки премиер на земјава и дополни дека 30 години биле потребни за да се воспостават нормални односи и оти затоа сега треба да се трча, и да брза за да се премостат тие јазови.

"Разговаравме за градењето на соработка во рамки на НАТО, но и на ниво на регионот. Грција ќе ја подржува Северна Македонија во напорите да продолжи со реформите и да стане дел од ЕУ. Во регионот Северна Македонија може да одигра важна улога, оти е држава која ги поврзува Грција и Србија. Најважното прашање на разговорите беше економијата и тоа не може да биде поинаку, оти мораме да забрзаме. И покрај тешкотиите, има многу грчки претприемачи кои работат и се активни во Северна Македонија. Воспоставивме координативен комитет кој ќе ги поддржува економските потфати., рече Ципрас.

Премиерот на грчката влада, Алексис Ципрас, одговарајќи на новинарско прашање во врска со античките споменици кои беа дел од проектот „Скопје 2014“, рече дека наскоро ќе се затворат дилемите по оваа прашање и дека на нив им е местото во античкото грчко минато.

„Верувам дека со започнување на спроведувањето на договорот и климата на доверба меѓу двете држави ќе успееме да ги увериме сите во позитивните резултати од договорот. Се соочивме со лажни вести, но кога ќе креираме нови работни места, кога ќе го зголемиме приливот на туристи и слично, тогаш постепено сите ќе ја сфатат штетата од изминатите децении кога не можевме да ги решиме нашите спорови.За трговските знаци, ќе има експертска група под надзор на МНР која ќе се обиде да ги реши тие проблеми. Комитетот ќе дискутира и за археолошки прашања од областа на културата. Спомениците од античка Македонија и нивното распоредување и именување ќе расчисти дека тие се дел од античкото грчко минато. Овие споменици припаѓаат на светот, дел се од светското наследство, ќе ни биде драго кога ќе ги ставите имињата на спомениците. Халкидики е моја омилена туристичка дестинација, но и на Зоран“, рече Ципрас.

До средина на мај треба да се формира комитет од зеднички екперти кои ќе ги решаваат отворените прашања.

Премиерот Зоран Заев истакна дека од договорот цела земја ќе имаме бенефит, и дека тој договор ќе го подобри животот на сите граѓани во Република Северна Македонија.

"Деновиве Алексис упати повик до ЕУ да отпочнат преговори за членство на Северна Република Македонија во Унијата. Ова Ципрас го направи со цел да се уназади национален национализмот и да се постигне напредок меѓу народите”, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Премиерот Заев истакна дека денеска за прв пат во историјата Република Северна Македонија е домаќин на грчки премиер. ,,Денешниот ден е историска одредница. До сега гледавме пропуштени прилики и залудно изгубено време. Пред нас има можности и заеднички интереси. Два народи кои покажаа дека со храбри одлуки она што до вчера беше невозможно сега е реалност”, рече Заев.

Според премиерот Заев,спроведувањето на Преспанскиот договор кој во целост продолжува да се имплементира овозможува двете земји максимално да ги искористат политичките и економските капацитети.

Премиерот Зоран Заев, на заедничката прес конференција со грчкиот премиер Ципрас информираше дека ќе се отвори нов граничен премин со соседна Грција кај Кавадарци си цел подобрување на економската

,,Јас и Ципрас во име на двете влади потпишавме акционен план што го договорија министрите на билатералните средби. До средина на мај ќе се формира експертска група за упототреба на договорот и името како и имплементација на договорите за соработка во одбраната и залагањето на Грција за наш влез во ЕУ. Со овие договори создаваме соработки кои го подобруваат животот на нашите сограѓани”, рече Заев.

Со Советот за соработка помеѓу двете држави ќе претседаваат премиерите на државите.

По средбата со премиерот Зоран Заев, грчкиот премиер Ципрас ќе оствари средба со претседателот на Собранието на СРМ, Талат Џафери. Исто така двајцата премиери денеска заеднички ќе го отворат и бизнис форумот на кој ќе учествуваат повеќе од 400 стопанственици.

Премиерот Заев за крај упати порака до сите граѓани во земјава да создаваат пријателство со соседите од Грција исто како и тој што го создал своето пријателство со Ципрас изминатите неколку месеци.

види ги сите денешни вести

Нов Зеланд воведува нови рестрикции поради омикрон

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн

Државјаните на Нов Зеланд ќе се соочат со нови ограничувања против ковид 19 откако се пријавени девет случаи на омикрон сојот, објави денеска премиерката Џасинда Ардерн.

Сите случаи се забележани во едно семејство кое отпатувало во Окленд на почетокот на овој месец на свадба, пренесува Асошиејтед прес.

Засилените мерки, кои стапуваат на сила од утре, ќе опфатат задолжително носење маски и ограничувања за собири.

Ардерн нагласи дека нема да има заклучување и дека сè останува отворено, а луѓето сè уште можат да ги посетуваат семејството и пријателите и слободно да се движат низ земјата.

„Нашиот план да управуваме со случаите на омикрон во рана фаза останува ист како и за делтата, ќе направиме брзи тестови, ќе најдеме контакти со заразени луѓе и ќе изолираме случаи и контакти за да го забавиме ширењето“, им рече Ардерн на новинарите во Велингтон.

Нов Зеланд беше меѓу неколкуте земји кои ја избегнаа епидемијата на сојот омикрон, но Ардерн минатата недела призна дека епидемијата е неизбежна со оглед на високата преносливост на новата варијанта.

Околу 93 отсто од Новозеланѓаните на возраст над 12 години се вакцинирани против коронавирус, а 52 отсто од нив примиле бустер доза. Новите мерки ја погодија и самата премиерка, која планираше венчавка следниот викенд, но истата е одложена.

Турска новинарка уапсена поради твит за Ердоган

илустрација

Турски суд и одреди притвор на познатата новинарка Седеф Кабас, додека го чека судењето за обвиненијата за навреда на турскиот претседател Ердоган и со тоа го прекршила законот според кој досега се гонети десетици илјади луѓе, јави турската Си-Ен-Ен.

Полицијата ја привела Кабас два часа по полноќ и прво ја одвела во главната полициска станица во Истанбул, а потоа ја префрлила во градската судница, каде судот нареди нејзино официјално апсење.

Наводната навреда се однесува на коментар во врска со кабинетот на претседателот, кој Кабас го дала на антирежимскиот телевизиски канал и на нејзиниот Твитер профил, за што беше осудена од некои владини претставници.

„Честа на претседателскиот кабинет е чест на нашата земја. Ги осудувам вулгарните навреди насочени кон нашиот претседател и неговиот кабинет“, напиша на Твитер Фахретин Алтун, директорот за комуникации на турската Влада.

Мердан Јанардаг, главниот уредник на каналот Теле 1, на кој Кабас го коментираше кабинетот на претседателот, остро го осуди нејзиното апсење.

Турскиот закон за навреда на претседателот предвидува затворска казна од една до четири години.

Во октомври минатата година, Европскиот суд за човекови права ја повика Турција да го промени законот, откако одлучи дека притворањето на луѓето според законот ќе ја наруши слободата на изразување.

Украина лута на Берлин зошто одбива да и испорача оружје

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја обвини Германија дека го „поткопува единството“ и го „охрабрува Владимир Путин“ со тоа што одбива да испорача оружје на Киев поради зголемените стравувања од можна руска инвазија.

Кулеба на Твитер напиша дека „неодамнешните изјави на Германија за неможноста да се пренесе одбранбено оружје во Украина, не соодветствуваат на нивото на нашите односи и актуелната безбедносна ситуација“.

Додека Кулеба рече дека Киев е благодарен на Берлин за неговата поддршка од 2014 година, кога Русија го нападна и анектираше украинскиот полуостров Крим и почна да ги поддржува сепаратистичките борци на истокот на Украина, „моменталните изјави на Германија се разочарувачки и се во спротивност со оваа поддршка и напори“.

Во меѓувреме, германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт во интервју за весникот „Ди велт“ изјави дека Берлин ќе постави теренска болница во Украина во февруари, но ја отфрли можноста за испорака на оружје.

„Испораките на оружје не би биле корисни во моментот, за тоа треба консензус во федералната влада“, рече Ламбрех.

Со околу 127.000 руски војници распоредени долж нејзините граници, Украина побара од Германија да обезбеди шлемови и заштитни елеци, истовремено барајќи од Берлин да ја преиспита својата позиција за испораката на оружје.

Времето денеска сончево и студено

илустрација

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, многу студено и ветровито. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Кон крајот на денот особено на североистокот облачноста ќе се зголеми и ќе има слаб локален снег. Минималната температура е во интервал од -13 до -3, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.

Во Скопје умерено облачно, многу студено и ветровито. Ќе дува умерен до повремено засилен северозападен ветер. Минималната температура се спушти до -8, а максималната ќе достигне 2 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во следните денови времето ќе биде многу студено и ветровито со умерен до засилен северозападен ветер. Утринските температури на многу места ќе се спуштаат до околу -10 степени и помалку, а дневните ќе бидат околу и под нулата.

Нови 1913 заразени со ковид19, вкупно 21 починат

Ковид амбуланта во Скопје.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часa направени се 7.219 тестови, а регистрирани се 1.913 нови случаи на Ковид19. Најмногу во Скопје – 888, а потоа следуваат Битола – 148, Кавадарци – 111, Куманово – 83, Велес - 72, Охрид – 59,Тетово – 58, Прилеп – 51, Штип – 50, Струмица – 44, Гевгелија – 38, Кичево- 34, Гостивар и Неготино – по 31, Струга -30, Делчево – 26, Кочани – 24, Ресен – 23, Радовиш и Валандово – по 19. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени. Од вкупниот број на позитивни (1.913), регистрирани се 243 реинфекции.

Во последните 24 часа регистрирани се 16 починати лица на возраст од 61 до 89 години, сите се починати во болнички услови. Согласно Регистарот на умрени лица од Мој Термин, пријавени се пет починати лица од 67г до 88г. Пријавените се починати во период од 6.01.2022 до 19.01.2022 година и сите пријавени се починати во домашни услови. Од вкупниот број на починати лица 21, десет лица се целосно вакцинирани.

Во последното деноноќие регистрирани сe 1.353 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид -дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 254.857, бројот на оздравени пациенти е 226.409, на починати е 8.198, а бројот на активни случаи изнесува 20.250.

Фридрих Мерц е новиот претседател на ЦДУ

Фридрих Мерц

Со големо мнозинство гласови на партиската конвенција, Фридрих Мерц е избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Германија.

„Длабоко сум трогнат и изненаден од овој резултат“, рече Мерц (66) по објавувањето на резултатите на партиската конвенција одржана онлајн.

За Мерц гласаа 94,6 отсто од пратениците на конвенцијата. Тој е познат како претставник на конзервативното крило на партијата и најави дека ЦДУ ќе се врати на конзервативните насоки од кои, според многу членови, партијата отстапила поради либералниот курс што го водеше долгогодишниот претседател на партијата и германска канцеларка Ангела Меркел.

Во својот говор на конвенцијата, која првично требаше да се одржи во Хановер, но беше префрлена на онлајн издание поради епидемиолошката ситуација, Мерц го критикуваше новиот германски канцелар Олаф Шолц (член на Социјалдемократската партија на Германија СПД).

„Шолц прави премалку кога станува збор за посредување меѓу САД и Русија. Поранешните канцелари би покажале поголема решителност“, рече Мерц.

Тој апелираше до ЦДУ и сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), со која ЦДУ ја формира Христијанско-демократската унија, да покажат решителност како најсилна опозициска група во парламентот.

„Тоа што се случи минатата година не смее да се повтори“, рече Мерц, алудирајќи на несогласувањата меѓу врвот на ЦДУ и ЦСУ.

Местото претседател на ЦДУ остана празно откако актуелниот претседател Армин Лашет објави дека поднесува оставка по само една година по поразот на парламентарните избори во септември.

Мерц е трет претседател на ЦДУ откако Анегрет Крамп-Каренбауер првпат беше избрана на крајот на 2018 година по оставката на тогашната канцеларка Ангела Меркел, а Армин Лашет по неа. Тој се појави и во двата случаи како противкандидат, но загуби од кандидатите кои беа познати како избор на Ангела Меркел.

Мерц и Меркел никогаш не беа во добри односи, што кулминираше со отфрлање на поканата за вечера што Мерц им ја упати на сите поранешни претседатели на партии. По доаѓањето на Ангела Меркел на чело на партијата, Мерц влезе во конфликт со идната канцеларка, по што неколку години се повлече од политиката.

Критичарите го обвинуваат Мерц дека има блиски релации со индустријата и за фактот дека бил член на надзорниот одбор на американскиот финансиски фонд Блекрок во времето кога се повлече од политиката.

Британската шефица на дипломатијата во февруари во Москва

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус се очекува да ја посети Москва и да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во февруари, објави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи.

Агенцијата цитираше извор од Министерството кој рекол дека „британската министерка за надворешни работи побарала можност да отпатува во Москва“ и оти посетата е одобрена.

Предложената посета ќе биде прва посета на британскиот министер за надворешни работи на Москва од декември 2017 година.

Иницијативата доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија и Западот поради распределувањето на руски војници долж нејзината граница со Украина и барањата на Москва да ги ограничи активностите на НАТО во земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Во говорот во Австралија вчера, Трус го предупреди рускиот претседател Владимир Путин „да се откаже и да се повлече од Украина пред да направи огромна стратешка грешка“.

Четврти ден рекорден број заразени во Токио

илустрација

Токио забележа најголем дневен број на зараза со коронавирус четврти ден по ред, додека варијантата омикрон продолжува брзо да се шири.

Во главниот град на Јапонија се регистрирани 11.227 нови случаи на зараза, соопштија локалните власти, еден ден по повторното воведување на ограничувањата за движење и деловни активности, кои треба да траат до 13 февруари.

Стапката на зафатеност на болничките кревети во Токио се зголеми на 34,3 отсто. Зголемувањето на 50 отсто би ја оправдало вонредната состојба со построги ограничувања, рекоа локалните власти.

Префектурата Осака соопшти дека денеска има 7.375 заразени, што е рекорд втор ден по ред.

Јанев: Бугарија ќе прифати седум воени авиони од Шпанија и Холандија

Стефан Јанев

Пет воени авиони Еурофајтер од Шпанија и два Ф-35 од Холандија ќе го чуваат воздушниот простор на Бугарија, изјави министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев по церемонијата на инаугурација на претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова.

Шпанија и Холандија понудија да испратат борбени авиони во Бугарија поради зголемените тензии меѓу Русија и НАТО.

„Авионите од Шпанија и Холандија ќе ја извршуваат задачата за заштита на воздушниот простор на Бугарија, кои ќе бидат заедно со бугарските пилоти,“ изјави Јанев.

В понеделник бугарската влада ќе одлучува за шпанските сили, а воените авиони од Холандија треба да пристигнат во Бугарија во април или мај.

Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека е многу важно малите земји, како што е Бугарија, да имаат целосни овластувања сами да одлучуваат за својата судбина и за своето членство и што се случува на нивните територии.

„Бугарскиот суверенитет го ставаме над се, изјави тој како одговор на прашањето за инсистирањето на Русија за повлекување на силите на НАТО од Бугарија и како тој ја толкува таа порака.

Почина фронтменот на „Парни ваљак“, Аки Рахимовски

Денеска на 66 годишна возраст почина пејачот и фронтмен на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, објавија хрватските медиуми. Веста за смртта беше објавена и на официјалната страна на „Парни Ваљак“ на социјалните мрежи.

Според информациите во медиумите, на Рахимовски утрово му се слошило и бил префрлен во болница, каде што подоцна починал. Тој пред три години преживеа мозочен удар.

Александар Аки Рахимовски е роден на 5 јуни 1955 година во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Како тинејџер членувал во неколку бендови, од кои некои се групата Вакуум, Блад брадерс и Тор, со кои настапувал на фестивалот во Загреб во 1975 година. Истата година се запознава со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јурица Паѓен. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основаа првата постава на Парни ваљак. Тој беше вокал на 18 студиски албуми на групата.

Во Јапонија земјотрес со јачина 6,6 степени

Земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала го потресе островот Кјушу во Јапонија во раните утрински часови, пишува Ројтерс.

Земјотресот е регистриран на длабочина од 45 километри. Според последните информации, во земјотресот се повредени 13 лица, а во повеќе градови имало и прекини во електричната енергија.

Исто така, оштетени се и неколку згради и улици. Потресите ги почувствувале граѓаните на провинциите Мијазаки, Кочи, Оита и Кумамото. Не е издадено предупредување за цунами.

ЕСМ ги потпиша договорите со БЕГ, одлуките ќе се реализираат со два потписи

илустрација

АД ЕСМ ги потпиша договорите за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на Балкан Енерџи (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Од компанијата објавија детали од договорите.

Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, Балкан енерџи нема да смее да врши исплати и да склучува договори.

Од АД ЕСМ информираат дека средствата што ќе ги добијат од Владата за справување со кризата со снабдување на топлинска енергија, ќе се уплатуваат повремено, во потребни износи, на посебна наменска сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.

„Средствата од шест милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија што се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес“,соопштија од АД ЕСМ.

„Балкан енерџи“ секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои пристигаат на другите нивни сметки, а додека трае договорот за деловно-техничка соработка, ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и врзан потпис од прокуристот од АД ЕСМ.

Од АД ЕСМ појаснуваат дека Владата ја задолжила оваа енергетска компанија да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во Скопје затоа што станува збор за најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. Исто така компанијата поседува и свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје и располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.

Најмалку шест мртви во пожар во зграда во Индија

илустрација

Најмалку шест лица загинале, а 15 биле повредени во пожар што избувнал во 19-катница во Мумбаи, финансискиот центар на Индија, соопштија властите.

Пожарот настанал поради краток спој на клима уредот во еден стан, изјави градоначалникот Кишори Педнекар. Станарите изјавиле дека пожарот избувнал на 15-ти кат и дека густ црн чад ја зафатил зградата, која набрзо ја напуштиле повеќе од 90 луѓе.

Дваесетина противпожарни возила го изгаснаа пожарот по два часа, јавуваат медиумите. Повредените се пренесени во најблиските болници.

Пожарите се вообичаени во Индија, каде што се прекршуваат градежните закони и безбедносните стандарди. Во август, пожар уби осум пациенти со ковид во болница во Ахмедабад, главен град во државата Гуџарат. Во декември 2018 година, во пожар во ресторан во Мумбаи загинаа 15 луѓе.

МВР демантира дека му издадале пасош на Звицер

илустрација

Министерството за внатрешни работи ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека му е издаден македонски пасош на Радоје Звицер кој се посочува како лице кое планирало да изврши атентат врз српскиот претседател Александар Вучиќ.

„ Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека на извесен Радоје Звицер, му бил издаден македонски пасош. Потсетуваме и дека случајот „Двојник“ е расчистен и за тоа веќе се изречени и судски пресуди, а сите патни исправи поврзани со оваа истрага се поништени во управна постапка и истите не се валидни односно не можат да се користат“, стои во реакцијата од МВР.

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека од страна на МВР му е издаден пасош на Звицер.

„Нов скандал го тресе МВР на Спасовски. Радоје Звицер според информации на Европол, потврдени од МВР Србија потврдија дека е откриен заговор за атентат врз претседателот на Србија, Вучиќ. ВМРО-ДПМНЕ во рамки на обелоденувањето на аферата „мафија“ пред помалку од една година откри дека на списокот мафијаши и криминалци кому Спасовски им издал легален македонски пасош, но под друго име е токму атентаторот на Вучиќ, Радоје Звицер“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

ОН го осудија воздушниот напад на затвор во Јемен

Луѓе бараат тела на преживеани, по воздушниот напад на затворот во Саади, Јемен

Обединетите нации (ОН) го осудија воздушниот напад врз јеменскиот притворски центар во кој загинаа повеќе од 70 луѓе, пишува Би-би-си. Објектот во Саади, што се смета за упориште на бунтовничкото движење Хути во северозападен Јемен, вчера беше погоден.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, побара „ескалацијата да прекине“.

Во денешното соопштение коалицијата предводена од Саудиска Арабија која се бори против бунтовниците Хути во земјата негираше дека извршила воздушен напад. Коалицијата, исто така, соопшти дека локацијата не е на списокот на цели што може да се избегнат, а кој е договорен со ОН и не е пријавен од Црвениот крст.

Коалиционите сили предводени од Саудиска Арабија се борат против бунтовниците Хути од 2015 година. Десетици илјади цивили, вклучително и повеќе од 10.000 деца, се убиени или ранети како директен резултат на борбите.

Неколку часа по воздушниот напад, спасувачите сè уште извлекуваат тела од урнатините, но надежите дека ќе најдат преживеанисе повеќе се намалуваат, јавува Би-Би-Си.

Точниот број на загинати е нејасен. Лекарите без граници (MSF) соопштија дека загинале најмалку 70 луѓе, иако се очекува тој број да се зголеми.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG