Достапни линкови

Слогани - на избори заедно со граѓаните, а на власт сами


Архивска фотографија- гласање на гласачко место во Скопје.

Изборните слогани на партиите треба да се јасни и кратки, за секои избори се смислуваат нови, но се забележува дека неколку термини се повторуваат на секое гласање и од различни партии.

Заедно, државата, правда се неколку од најчесто користените зборови во слоганите на партиите на македонските избори од независноста до сега. Во пресрет на претседателските избори избори сега , кандидатот на владиното мнозинство Стево Пендаровски според најавите ќе оди со слоганот “Заедно напред”, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со слоганот “За честита Македонија”.

Во текот на кампањата вообичаено партиите додаваат и други слогани. Но, она што е забележливо е честата употреба на терминот “заедно” особено кога партиите ја имаат извршната власт, а се бираат градоначалници или претседател.

Во 2009 година со слоганот “Заедно можеме повеќе”, ВМРО-ДПМНЕ тогаш како владејачката партија настапи на локалните избори порачувајќи им на граѓаните дека ако изберат градоначалници од нивната партија тие ќе работат заедно за подобри резултати. ДУИ и во 2011 и во 2016 година одеше со слогани во кои го има тој термин, па на предвремените парламентарни пред осум години слоганот им беше “Заедно до целта”, а во 2016 година “Заедно одлучуваме”.

И политичкиот аналитичар Петар Арсовски забележува дека некои термини се користат почесто, но додава дека слоганите најмногу зависат од моментот во кој се наоѓа електоратот.

“Најчесто се користи терминот заедно оти партиите сакаат сите свои гласачи да ги мобилизираат за гласање, а термините сигурност, правда, успех, напредок побудуваат позитивна атмосфера кај гласачите па често се користат”, вели Арсовски.

Кога се во опозиција, пак, партиите го користат и предлогот “за”, па така во 2011 година СДСМ беше на изборите со слоганот “За твојата иднина”, ВМРО- ДПМНЕ, пак, сега оди со “За честита Македонија”. Опозициската партија во своите слогани употребува често и зборови како правда и чесност. Нивниот кандидат на претседателските избори во 2004 година Сашко Кедев имаше слоган “новото лице на Македонија, правда сигурност и успех“, a Борис Трајковски на изборите во 1999 годинадовербата од граѓаните ја бараше со паролата “Умно, чесно, одлучно”.

“Кога партиите се наоѓаат во опозиција слоганите им се малку поагресивни и се бават со правда итн, а кога се на власт, им се по мобилизирачки, повеќе се занимаваат со заедништво, со напредок. Ова се можеби единствените генерализации кои може да се направат за слоганите”, вели Арсовски.

Претседателски избори: кандидати и комичари
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:05 0:00

Актуелниот претседател, а на два пати кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов водеше кампања за вториот мандат во 2014 година избрана понеобични слогани за македонските услови. Тој на изборите одеше со паролите„Државата пред сè“, а како придружни слогани се користеа „Цврсто на своите корени“, „Цврсто и сигурно“, „Вредност и традиција“, „Гордо и достоинствено“. Според Арсовски ова е отстапка затоа што се работеше за втор мандат до кој Иванов веќе имаше изградено сопствена политички ракопис преку застапување на традиционални и десни вредности.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG