Достапни линкови

Косово и Србија - македонски партнери за трговски блокади


Илустрација - граничен премин во Косово

Приштина и Скопје се во повторна трговска расправија поради што си најавуваат меѓусебни блокади. Според упатените, за честите несогласувања на Македонија најчесто во трговијата со Косово и Србија има неколку причини.

Рецидиви од односите во поранешната заедничка држава, нерегулирани трговски односи и големо влијание на моќните бизнисмени врз владите - во овие три причини дел економисти ги лоцираат проблемите во трговијата кои често се случуваат меѓу Македонија и двете соседни земји, Косово и Србија.

Сега актуелен е проблемот во трговијата меѓу Скопје и Приштина. Косово наложи забрана на увозот на компири и мед од земјава, како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово. Од македонското министерство тврдат дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи

Но, ова не е првпат да има несогласувања. Во 2013 година на пример Македонија реши да се наплаќа за секое возило и патник кој сака да влезе во земјава од Косово, а Приштина како одговор воведе целосна блокада за македонски производи. Чести проблеми во трговски односи има и со Србија, а најчесто се поврзани со брашното и пченицата.

Според Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, покрај рецидивите од минатото и нерегулираните трговски односи, особено се изразени и релации меѓу бизнисмените и властите, оти како што вели се работи за мали држави.

“Некој поголем бизнисмен или економски субјект има поголемо влијание кај одредени политички личности во министерствата и доаѓа до израз на нивните конкретни интереси при што вршат притисок и законската регулатива да не е прецизна и стабилна во односите меѓу државите”, вели Хајредини.

Македонските власти, пак, по состанокот за актуелниве случувања соопштија декаќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката за забрана на увоз на компир и мед од земјава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов изјави дека македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.

“Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана, истакна Атанасов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот Правилник за условите за ставање во промет на храната од животниско потекло наменета за директно снабдување до крајните потрошувачи”, рече Атанасов.

Инаку тензии со Косово имаше и лани кога Приштина одлучи привремено, во рок од 90 дена да ги зголеми царините за 30 отсто за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство. Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на македонските производители на косовскиот пазар.

„Не е случајност што проблемите на Македонија се со Косово и со Србија. Тоа се две земји со кои Македонија беше долго време во заедничка држава. Такви проблеми не можат да се јават со Бугарија, Грција и Албанија оти во односите со нив имаме поинаква традиција, менталитет и навики“, вели Хајредини.

Тој додава дека Косово, пак, слични проблеми во трговијата има и со Албанија. Пролетва двата соседа се скараа околу одлуката на Албанија за мерки поврзани со увозот на брашно, пиво и компири од Косово. Приштина на оваа одлука се закани дека ќе воведе сто отсто зголеменени царини за албанските производи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG