Достапни линкови

Случај Морина: Како да се избегне незадоволство од соседите


Барањето за екстрадиција на поранешниот член на ОВК, Морина наиде на спротиставени пораки од Косово и од Србија, а и домашни политичари побараа негово ослободување. Но, упатените велат најважно е владеењето на правото и односите со соседите не треба да бидат нарушени ако одлуката е донесена согласно законите.

Министерството за правда ја доставило документацијата за екстрадиција на поранешниот член на Ослободителната војска на Косово- ОВК, Томор Морина до Кривичниот суд во Скопје. По барањето за негова екстрадиција судот треба да донесе свое мислење, но конечната одлука ја носи Министерството за правда. Морина беше уапсен на 24 јули на граничниот премин Блаце врз основа на меѓународна потерница на Интерпол издадена од Србија поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово. Според упатените, политиката не треба да се меша во донесувањето на одлуката и тоа не треба да влијае на односите меѓу соседите.

Кривичниот суд во меѓувреме го одби барањето на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и заменик-министерот за внатрешни работи,Агим Нухиу да го посетат Морина, кој е во притвор. Османи од апсењето на Морина, повикува на негово ослободување и порача дека нема основа за негова екстрадиција во Србија.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека по барањето за екстрадиција треба да се постапи согласно законите кои се многу јасни и политиката не смее да се меша во правните одлуки и решенија, а во случајов во надлежноста на Министерството за правда.

„Било кој друг министер од друг ресор, навистина нема право, ниту ингеренции да се меша во делокругот на работењето на Министерството за правда. Имаме законски прописи ако се исполнети условите за екстрадиција, а има цело одделение кое работи на проблематиката на екстрадиција и имаме и пракса и искуство со барањата за екстрадиција. Навистина не гледам што е спорно да се постапи по барањето за екстрадиција ако се сите услови се исполнети или ако не се сите законски услови исполнети нема да се овозможи екстрадицијата“, вели Давидовиќ.

Српските власти сметаат дека Северна Македонија ќе го прекрши меѓународното право ако не го испорача Морина. Косовските власти пак тврдат дека меѓународната потерница е покрената врз основа на лажни наоди.

Според Маргарита Цаца Николовска од Институт за човекови права, соседните земји нема да имаат простор да и забележат на Северна Македонија доколку го почитува владеење на правото. Таа додава дека се одлучува за екстрадиција на Морина, а не за неговата вина, при што Интерпол дошол до заклучок дека потерницата е основана.

„Она што јас мислам дека е добро за регионот е вакви однесувања да се стават настрана, а да се размислува повеќе за владеење на право имајќи во предвид дека сите три држави се борат и презентираат дека нивна главна цел е владеење на правото, кое подразбира национални и меѓународни стандарди. Прашањето на екстрадиција е регулирано и доколку истото се третира правно мислам дека ниту една од овие држави не треба да употребуваат заканувачки изјави во однос на одлуката, доколку истата е базирана врз правото“, вели Цаца Николовска.

Косовскиот амбасадор во Скопје, Ѓерѓ Дедај предупреди дека екстрадицијата на Морина би можела да ги наруши односите меѓу Северна Македонија и Косово.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG