Достапни линкови

Пендаровски - Зборувам за помирување, а не за нечија амнестија


Пендаровски - Помогнав во деблокирање на ќор-сокакот со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:05 0:00

Пендаровски - Помогнав во деблокирање на ќор-сокакот со Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Слободна Европа вели дека се залага за помирување, а на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ дека помирувањето го сфаќа како амнестија за премиерот Заев и неговите, вели дека нема намера да го амнестира Заев или неговите блиски, ако сториле криминал. Пендаровски вели и дека со изјавата за Гоце Делчев ја засилил македонската преговарачка позиција. Со Пендаровски раговараме и за случувањата околу СЈО, датумот за преговори со ЕУ, и реалната опасност Охрид да го загуби статусот на УНЕСКО.

Претседателе која е вашата перцепција ќе добиеме ли датум за преговори во октомври?

Моите први две посети надвор, откако стапив на функцијата, беа во Брисел, каде што имав средби со највисоките функционери на досегашната Европска Комисија и Европскиот Совет. И потоа посета на Берлин, каде што имав средба со највисоките германски претставници, вклучително и со германскиот претседател Штајнмаер. Од најрелевантни места добив уверувања дека одлагањето во Германија е од чисто технички причини и дека нема политички причини во позадината, како што имаше шпекулации и кај нас и во дел од меѓународниот печат, односно медиуми. Исто така информациите кои до овој момент ги имам е дека во моментов не постои ниту една европска држава, ниту една земја членка на ЕУ, ниту една европска влада која има став дека Република Северна Македонија не треба да почне со преговори до крајот на годината.

Од дипломатски извори се наведува дека е можна варијанта на условен датум за преговори. Имате ли такви информации?

Не, нема таква варијанта. Ова што се случи сега наместо во јуни како што самите тие од Европа ни ветија на софискиот Самит, ова што се случи е одложување од технички причини, не би сакал да зборувам за нови одложување од технички причини, меѓутоа само такво нешто е можно во правна и во политичка смисла, не и одложен датум.

Кога сме кај ентузијазмот, како стоиме со Бугарија? Вие имавте, искажавте една блискост со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Пред тоа изјавивте дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, кој се борел за независна, самостојна Македонија. Нели на некој начин, оваа изјава не е подривање на преговарачката позиција на македонскиот тим во рамките на мешовитата комисија со Бугарија?

Не е, туку напротив е засилување на преговарачката позиција од страна на еден од политичките фактори во нашата земја. Македонската јавност треба да знае дека комисијата од историчари составена од Македонија и Бугарија западна во ќор-сокак. Практично дојде до ситуација, дојде до периодот 19-20 век, во кој бугарската страна инсистираше, по мое убедување од политички мотиви, сè што се случувало во тој период да биде препишано само на бугарската историја и сите тие дејци, сите револуционери и сите настани да бидат дефинирани како исклучиво бугарски. Јас после една долга серија консултации, кои ги имав со академиците во нашата академија, со членовите на нашата комисија, со истакнати интелектуалци и професори по историја на наша страна, од нашата држава, заклучив дека е потребен извесен политички ветер во грб на нашата страна од комисијата и една политичка рамка да речам, не конечно или целосно решение, туку една политичка рамка во која идните разговори во рамки на таа комисија, евентуално можат да се одвиваат. Во спротивно добивавме чиста блокада, значи прашање беше на време кога до крајот на годината, освен она што го имавме со години од Атина, ќе добиевме чиста блокада кон ЕУ од Софија. Последната средба на комисијата во Скопје не беше продуктивна, има закажано следна средба во септември, во меѓувреме тие меѓу себе, членовите на комисијата имаат интензивна комуникација, циркулираат материјали во двете насоки во смисла да се најде заедничко стојалиште за тие работи и да дојдеме до она што е примарната цел на таа комисија да зборуваме за личности, не за сите, и да зборуваме за настани, не за сите настани во тие два века кои се споделени, не се само македонски, не се само бугарски, бидејќи целта е, повторувам, да видиме каде имаме споделена историја, не таа сторија да биде комплетно бугарска и ние од оваа страна само да потпишеме таква работа, бидејќи тоа не е целта на комисијата и што е поважно тоа не историски факт.

Помирувањето беше ваш приоритет во инаугуративниот говор. До каде е тој процес?

Да бидеме искрени, тоа е моја стара заложба и пред да бидам избран за претседател, меѓутоа тоа е процес кој многу држави во светот се обиделе да го направат и не успеале, затоа што е долг, тежок, мачен и во него задолжително мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители, особено битните, односно релевантните. Во држава како што е Македонија која е многу комплекса од различни причини и во етничка и во културолошка и во цивилизациска и во јазична смисла, но и во политичка смисла, каде разликите се толку длабоки, особено продлабочени изминатава деценија, навистина е тешко да очекуваме дека само една изјава и само еден говор на кого било, па еве и на претседателот на државата, може да направи промени преку ноќ. Јас се обидов и до овој момент мислам дека одам добро во таа насока, да ги соберам сите политички чинители тука кај мене или јас да отидам кај нив и да се договориме околу неколку базични работи.

Се видовте ли со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски?

Се видов и со албанската опозиција и со албанските партии на власт. Се видов со македонските партии на власт, се видов со партиите на етничките малцинства, односно други етнички заедници кои не се мнозински, дури и со оние политички партии кои не гласаа за мене на претседателски избори, меѓутоа до сега не успеав да направам средба до господинот Мицкоски, со образложение дека сега не е моментот.

Имаше изјави од таа страна дека Вие процесот на помирување го разбирате како амнестија на Зоран Заев и неговите луѓе.

Јас и тогаш во тие разговори кои ги имавме во одредени неформални форуми, јас го пренесов мојот став и не ми е воопшто тешко тоа да го кажам сега и јавно, дека ако е тоа проблем, јас се сомневам дека тоа е причината дека јас зад помирувањето гледам амнестија за Заев и неговите, ако е тоа потребно, можам и јавно да кажам дека немам никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестирам Зоран Заев ако направил криминал и кого било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал. Тоа можам да го кажам и да се држам до тоа до крајот на мандатот.

Како господине претседател да го спасиме Охрид, а и не само Охрид и добар дел од Македонија е загрозен од урбаната мафија? Што вие како претседател може да направите?

Јас имав конкретно за овој случај, иако некој ќе рече дека немам никакви надлежности, меѓутоа тоа не е точно. Охрид како проблем кој се појавува во последно време може да биде голем камен на сопнување за нашите евроатлански интеграции исто така зошто таму постои една значајна област која се нарекува заштита на човековата околина и таа станува се поважно и поважно поглавје при преговорите за секоја земја кандидат која сака да биде членка. Јас се видов со надлежните во владата и луѓето кои беа на заседанието на УНЕСКО. Тие ме информираа, тоа што тие го знаат, информациите со кои тие располагаат, меѓутоа за да бидам доследен, да ја чујам целокупната вистина и да не дозволам разно-разни шпекулации дека можеби владините претставници ја разубавуваат состојбата, или не ја прикажуваат таква каква што е во реалноста, јас овие денови веќе имам серија средби и со таканаречени независни експерти и луѓе кои воопшто не се поврзани со Владата на Северна Македонија и домашни и меѓународни експерти и мислам дека многу брзо ќе имам целосна слика за тоа бидејќи и на моите меѓународни посети надвор моите соговорници ме прашуваа што се случува со балканскиот бисер бидејќи Охрид е признат и познат многу подалеку од нашите граници.

Целото интервју со претседателот Стево Пендаровски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG