Достапни линкови

Децата се маскираа по дома, јануари во април, а банките во добротвори


Илустрација: Работник со заштитна маска го изнесува ѓубрето од хотел во Скопје кој служи како карантин за луѓето кои се вратиле од странство.

Поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, Априлијадата се организираше онлајн, па децата не се прошетаа по снегот што падна. Одложувањето на ратите за кредитите поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, со тоа што банките ќе продолжат да ги пресметуваат каматите предизвика бројни реакции.

Во време кога поголемиот дел од вестите се лоши, се бројат новозаболени и починати од коронавирусот, а луѓе остануваат без работа поради економската криза што ја предизвика пандемијата, млада девојка од Скопје се пофали дека оздравела од вирусот и со песна ги поздрави лекарите, сестрите и сите пациенти кои на Инфективната клиника се борат со болеста.

Нејзината објава ја сподели и министерот за здравство Венко Филипче и ѝ се заблагодари за одговорноста. Се работи за девојката која се врати од Шпанија и на аеродром сама се пријави дека има симптоми, а во авионот патувала со заштитна маска и ракавици.

Традиционалниот првоаприлски маскенбал оваа година се одржа по дома, поради мерките за држење физичко растојание од други луѓе за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Дечињата ги облекоа костумите на своите омилени суперхерои и парадираа пред своите родители, и преку скајп или вибер пред своите роднини и пријатели. Училишта, градинки и други институции организираа онлајн Арпилијади.

На возрасните, кои седат во изолација, им оди малку потешко со маските.

Ако пред неколку месеци некој влезеше во банка со маска преку лицето, веројатно ќе беше уапсен. Сега, носењето хируршка маска е пожелно во затворени простории. Некогаш и повеќе од тоа.

Во исто време, снегот ги изненади сите, а не само Македонија пат. Оваа година и април се маскираше во јануари. Дел од луѓето уживаат во снежната идила, други се жалат на снегот, а трети се практични, па велат дека студеното време придонесува луѓето повеќе да седат дома за да се спречи ширењето на заразата.

Сепак, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, објави дека механизацијата е на терен.

Други, пак, ужуваат во зимската идила напролет.

Оние, пак, на кои не им е до шега ја коментираат економската криза и владините мерки за справување со последиците.

Многу негативни коментари има на тоа што банките ќе ја пресметуваат каматата на кредитите и покрај тоа што ќе има шестмесечно одложување на плаќањето на ратите. Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека мора да се одржи стабилноста на банкарскиот систем, но голем дел од граѓаните го сметаат тоа за „воено профитерство“.

Епидемијата на коронавирусот почна во декември во Кина, но минатиот месец премина во пандемија, односно се рашири низ целиот свет. Од вирусот досега се заразија над 940 илјади луѓе во светот, а над 47 илјади починаа. Најмногу жртви заразата однесе во Италија и во Шпанија. Во Македонија досега има 354 потврдени случаи, а 11 починаа од болеста. Владата прогласи вонредна состојба и ограничување на движењето во обид да се спречи ширењето на болеста.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG