Достапни линкови

„Смеењето е здравје“ – онлајн априлијади


Априлијада 2019

Актуелната епидемија на коронавирусот наложи физичко дистанцирање и ограничи организирање на собири. Затоа, за утрешната априлијада, се организираат онлајн верзии. Организаторите велат дека смеата и забавата не треба да се заборават.

Секој први април, Денот на шегата, се организираат маскенбали и различни забавни активности, особено за најмладите. Но, оваа година ширењето на коронавирусот ги „расипа“ плановите за априлијадите низ земјата. Сепак, најмладите ќе можат и од дома се маскираат и да се позабавуваат, бидејќи се подготвуваат онлајн априлијади.

„Во овие услови кога ни е најпотребно смеење, за прв пат на несекојдневен начин ја организираме градската „Априлијада“. Ве покануваме да ни се придружите на овој настан кој ќе се одвива на Фејсбук страната на „ДКЦ Карпош“ со live stream, во среда (01 април 2020), со почеток во 12 часот. Смеењето е здравје, а здравјето ни е најпотребно во моментов“, најавија од Детскиот културен центар-Карпош.

Покрај ДКЦ Карпош, и Дом на култура „Драги Тозија“ – Ресен најавија онлајн натпревар за „Избор на најубава онлајн шеговита маска“.

„Сакаме да внесеме позитивна енергија и барем малку да го отргнеме вниманието во овие тешки моменти на борба против КОВИД-19. Изборот на „Онлајн маска“ почнува денеска, а децата имаат задача да изработат маска од материјали што ги имаат дома.

Порачуваме да бидат креативни и да се чувствуваат забавно. Потоа родителот треба да ја постави фотографијата од изработената маска на својата фејсбук-страница, а гласањето за објавените шеговити маски или „лајкување“ ќе се врши до 3 април, до 17 часот“, појаснуваат организаторите.

За 10-те најшеговити онлајн маски, поточно на децата што ќе ги изработат, ќе им доделат награди по завршување на кризната ситуација со вирусот корона. Натпреварот го организираат во соработка со „Кловн Заги“.

XS
SM
MD
LG