Достапни линкови

Продолжениот карантин има ефект, ама не го решава проблемот


илустрација
илустрација

Граѓаните научија да живеат со полициски час. Откако ги „преживеаја“ двата продолжени карантини, во најава е трет, во очи Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј. Јавноста е поделена во реакциите, а стручната фела смета дека ова е последниот обид да се намали бројот на заразените од корона вирусот

Во очекување на владината одлука за тоа дали ќе го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести да си седиме во карантин од сабота вечерта до вторник наутро, реакциите во јавноста не стивнуваат. Оваа сабота завршува рамазанскиот пост и муслиманите в недела го прославуваат Рамазан Бајрам. Причината за предложениот карантин, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.

Но, уште пред официјалното објавување на предлогот на Комисијата реисот на Исламската верска заедница испратил писмо до Владата во кое ја информира дека нема да бидат почитувани ограничувањата на движењето за време на продолжениот викенд.

„Евентуален полициски час ќе значи губење на довербата во компетентните органи на сите верници од муслиманска вероисповед“, вели во денешната објава на својот фејсбук профил реисот Сулејман Реџепи.

ИВЗ нема да ги откаже молитвите, а Ријасетот наведува дека ќе се почитуваат мерките за растојание при клањање на верниците како и преостанатите препораки.

Колку за потсетување и за време на христијанскиот празник Велигден, кога карантинот траеше рекордни 85 часа и МПЦ не ги затвори црквите за верниците, па така беше дозволена и причест од иста лажичка. Три недели подоцна во Струга се одржа ѓурѓовденската литија на која присуствуваа стотици верници, а голем дел од нив не носеа заштитни маски и не држеа растојание.

Реакции за полицискиот час стигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата не се согласува со предложената мерка за целосен полициски час за време на продолжениот викенд. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е потребно посуштинско делување во борбата против корона вирусот со оглед на тоа што како што наведуваат земјава е на врвот по штетните последици од ширењето на овој вирус.

„Нелогично е да се најавува дека рестораните ќе работат од вторник, а да е задолжително седење дома за време на целиот продолжен викенд. Со други зборови недела и понеделник за Владата на СДСМ е опасно, а вторникот не е. Според кои критериуми е донесена ваква препорака? На овој начин СДСМ директно ја злоупотребува здравствената криза согласно дневно политичките потреби и си игра со чувствата на граѓаните,“ реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако беше објавен предлогот на Комисијата за продолжениот карантин, не стивниваат реакциите и на социјалните мрежи. Дел од граѓаните сметаат дека карантинот е оправдан и дека е добро да има построги мерки. Други пак се противат на најавениот карантин во време кога се најавува отворање на угостителските објекти од вторник следната недела.

За тоа дали постои контрадикторност во тоа да има 58 часовен карантин, а веднаш потоа да се отворат кафаните го прашавме доктор Никола Пановски, микробилог. Тој вели дека ова е последниот обид на здравствените власти да ја стават ситуацијата со епидемијата под контрола, но за жал не е убеден дека на долг рок ќе се постигнат посакуваните ефекти.

„Ова е всушност одложување на неизбежното, се сака да се постигне истото како што го имавме по 5,6 случаи претходно после долгите карантини, бидејќи само тие даваат ефект. Но тој е краткотраен ефект, односно не го решава проблемот. Сега се плашат дека ќе имаат масовни собирања како што имаше во Чаир и Сарај поради празниците и дека ќе се јават пак нови случаи, но тоа нема да го реши проблемот, туку само ќе го одложува. Секако тука има и политички причини, се е ставено на купче, вели доктор Пановски.

Според него потребна е построга контрола и повеќе казни за тие кои не ги почитуваат мерките во секојдневниот живот. Додава дека е рано и отворањето на угостителските објекти, но оти тоа е неизбежно за да продолжи нормалниот живот и да нема поголеми последици за домашната економија.

Инаку, по намалувањето на бројот на заразени од корона вирус по двата долги и продолжени карантини, за Велигденските и мајските празници, во земјава повторно почна да се зголемува бројот на заразени со 20 до 30 случаи секој ден. Тоа пак се совпадна со намалувањето на органичувањата за движење, кога Владата одлучи полицискиот час да трае од 19 часот вечер до 5 часот наутро.

Министерот Филипче посочи дека сите други ослободувања од рестрикциите, што беа најавени за крајот на оваа недела, ги оставиле за почетокот на следната недела.

Министерството за здравство денеска информира дека Институтот за јавно здравје регистрирал 11 оздравени пациенти (Скопје-2, Штип-1, Прилеп-4, Велес-2, Кочани-2), 40 новозаразени и еден починат пациент.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1898, бројката на оздравени пациенти е 1378, на починати е 111, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 409“, соопшти ресорното министерство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG