Достапни линкови

Дистанцата и маските исчезнуваат во Битола, само една казна за неносење маска


Луѓе шетаат на Шеталиштето во Битола

Шеталиштето и паркот во Битола се полни со луѓе, а физичката дистанца од два метри речиси и да не постои. Маска кој носи кој не носи, но казните се реткост.

Ако до пред два месеца сите патишта во Битола водеа до Широк Сокак, сега најчестата дестинација каде се упатуваат битолчани се Шеталиштето и Паркот. Затворените кафулиња ја преполовија посетеноста на амбиенталната улица Широк Сокак, а убавото време ги привлече битолчани во зеленило. Посетеноста е голема, од младо до старо, а ретко кој носи маска и ги почитува препораките за држење дистанца од два метри. Младите седат групирани во друштва по тревниците, постарите по клупите поседнати еден до друг, а наоколу други трчаат, се рекреираат, пешачат, возат со велосипеди.

„Каде што мора да ги стават, ги носат, но повеќето ги држат во раце.“

„Заедно со пријателот седиме на клупа и малку сме разделени.“

„Повеќето одат без маски, но секој за себе, јас не се откажувам од ова.“

„Ние младите ретко носиме маски, а и тие што со маска излегуваме од дома, во паркот ја вадиме зашто врсниците не носат маски и ни се смеат некои“, велат анкетираните битолчани.

Иако дел од граѓаните не носат заштитна опрема, сепак, полицијата досега изрекла само една казна за неносење маски во Битола. Дури и низ маркетите можат да се сретнат битолчани кои не носат маски. Во некои не ги примаат да влезат, а некои без проблеми пазаруваат иако не се придржуваат до натписот на влезот дека не е дозволено да влегуваат без маски.

Полабавиот однос можеби се должи на тоа што во Битола досега немаше поголем број на заболени. Вкупната бројка на лица кои се заразија со КОВИД-19 е под триесетина, од кои повеќето се оздравени, кај неколкумина болеста е во тек, а имаше два смртни случаи. Од болеста се заразија лица од 5 до 85-годишна возраст, повеќе мажи од жени. Меѓу нив и осуммина здравствени работници, кои веќе се излекувани. Во хотел Широк Сокак при Епинал и во Молика на Пелистер беа сместени во карантин неколку стотици лица кои се вратија од странство, но меѓу нив немаше заболени лица од КОВИД-19.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG