Достапни линкови

Класична он лајн настава во моментот не е опција


илустрација
илустрација

Од министерството за образование велат дека поради повеќе фактори во овој момент, образовните институции тука, не се подготвени за спроведување на настава на интернет. Од министерството велат дека во следниот период ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година.

Откако училиштата и факултетите ставија клуч на вратите, а учениците и студентите не посетуваат настава, дел од родителите на социјалните мрежи веќе реагираат дека во услови на ограничено движење надвор, голем дел од денот го децата го поминуваат играјќи видео игри и гледајќи различни содржини на мобилните телефони или таблетите.

Од министерството за образование велат дека затворањето на воспитно-образовните институции не треба да значи прекин на образовната надградба и дека и во домашни услови во вонредни ситуации има начин како децата да продолжат да се едуцираат. Оттаму веќе понудија листа на бесплатни и слободни за користење дигитални платформи, апликации и содржини што може да бидат корисни за едукација на младите и нивна препорака е таа да се практикува.

И од министерството за труд и социјална политика апелираат дека децата треба да го продолжат учењето и додека се дома.

Пандемијата на коронавирусот во Европа принуди некои од земјите да ги искористат предностите на дигиталната технологија и да ги приспособат своите активности на интернет. Па така класичната настава е заменета со електронска, или таканаречено „паметно школо“.

Интеренет настава засега кај нас не се спроведува, зошто како што наведуваат директорите од некои основни училишта тоа не е законски регулирано.

И од министерството за образование велат дека класична онлајн настава во моментов не е опција, имајќи предвид дека за истата не постои правна регулатива, но имајќи и предвид дека спроведувањето на ваков тип настава зависи и од повеќе други фактори.

„Не сите деца особено најмалите основци поседуваат, користат и знаат да ракуваат со ИТ уреди, или пак, имаат концентрација да следат онлајн настава. Исто така, воведувањето на онлајн настава е детерминирано и одпоставеноста и квалитетот на интернет мрежата, која сакале или не мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба“, ни одговорија од министерството за образование.

Од таму додаваат дека во насока на континуирана едукација на децата, министерството донесе одлука за емитување на едукативната програма „ТВ Училница“ на МРТВ, која се емитува секој ден.

„Станува збор за едукативни содржини изведени од наставните програми по сите предмети, што всушност децата требаше да ги изучуваат доколку посетуваа настава во овој период. Содржините ги предаваат наставници од училиштата, а воедно емисијата има и водители. Ова е неформален тип на образование, кој секако не може да го замени формалниот воспитно – образовен процес, но е добра алтернатива за исполнување на времето на децата додека седат дома со корисни и едукативни содржини“, додаваат од ресорното министерство.

Од ИТ секторот пак велат дека процесот на воведување електронска настава може да се реализира, но дека кон овој процес треба да се пристапува системски.

„Проблемот е немање на содржини, односно прилагодување на содржините за дигитална употреба и кои ќе може да се применуваат и во и надвор од училница. А сето тоа е дел од некакво отсуство на системски пристап со визија ова да се вгради како дел од наставниот процес. Прво треба да имаме на ниво на политика решение дека тоа треба да се прави и да се направат соодветни законски измени или решенија“, вели Филип Стојановски од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Во однос на тоа дали следењето на видео настава преку компјутер дома да биде успешно реализирана Стојановски вели дека не е исклучено да има технички пречки во реализацијата.

„Ние немаме увид до кој степен е функционална опремата во училиштата и ако се користи видео тоа бара брза и стабилна интернет конекција. Е ако сега сите училишта тоа го прават, не сум сигурен дали таа цела инфраструктура би го издржала тоа. Ние немаме јавно достапен попис на интернет инфраструктурата во училиштата. Но, тоа е само еден аспект. Поважно е осмислувањето на целиот систем и обезбедувањето и вклучување на сите засегнати страни“, вели Стојановски.

Во меѓувреме, од Министерство за образование и наука најавуваат дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период.

Инаку коронавирусот откажа и низа конференции и саеми во Европа и некои од нив понудија виртуелни верзии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG