Достапни линкови

Настава на МРТ за основци и деца од претшколска возраст


Илустрација
Илустрација

Основците и децата на претшколска возраст од денеска имаат можност да следат едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТ.

Содржините се изведени од наставните програми по кои тие во моментов се едуцираат во училиштата и градинките, Одлуката ја донесе Министерството за образование и наука на минатонеделниот состанок по заклучокот на Владата да се најде алтернативвен начин за едукација на децата додека се затворени образовните институции.

Нема утврдени термини, така што секојдневно ќе има известување во колку часот ќе започнуваат овие програми.

Едукативните програми денеска започнаа од 09:30 часот содржини за деца за предучилишна возраст, потоа од 10:30 часот со ТВ Училница и во 12:15 часот се емитува Бушава Азбука.

„Почнувајќи од понеделник на трите канали на МРТ во соодветни термини во текот на денот за кои јавноста ќе биде информирана во најкус можен рок, наставници од основните училишта ќе реализираат скратени училишни часови на сите јазици на кои наставата се организира во училиштата во земјата. Оваа неформална едукација преку таканаречена ТВ училница ќе се реализира сé до повторното отворање на училиштата и градинките и нормално продолжување на формалниот воспитно – образовен процес на учениците и децата од претшколска возраст. Посебна работна група е задолжена и веќе го реализира планот за успешен почеток и тек на спроведување на иницијативата“, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

МОН најави и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика, ќе подготви план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период.

МОН апелира до наставниците да покажат интерес и волонтерски да се приклучат во реализацијата на оваа иницијатива.

Слична програма од денеска почнува и националната телевизија на Чешка, ЧТВ. Наставници од основни училишта, со помош на водители, ќе одржуваат настава за основците преку телевизија.

XS
SM
MD
LG