Достапни линкови

Мали инвестиции во образованието


Министерот за образование Арбер Адеми

Со ребалансот на буџетот парите во образование ќе се скратат за 13,7 милиони евра. Министерството за образование очигледно има проблем со планирање на тие сретства, коментираат активисти кои се загрижени што образованието не е приоритет и на оваа Влада.

Студентите кои се сместени во студентските домови оваа година пред вратите на домовите ќе се соочат со старите проблеми и веројатно ќе бараат одговор на прашањето зошто не се исполнија ветувањата за реконструкција. Одговорот на нивното прашање лежи во кратењето на пари во буџетот за образование во висина од 13,7 милиони евра. Со ребалансот на буџетот се предвидува намалување од 100 милиони денари за изградба и реконструкција на студентските домови.

Ова е уште една година во која не се исполнуваат во целост буџетските планирања за изградба и реконструкција на студентските домови, вели Петар Барлаковски од Младинскиот образовен форум.

„Состојбата во студентските домови и понатаму ќе остане нерешено прашање ако уште една последователна година се потфрли со трошењата за нивна изградба и реконструкција. Години наназад се ветува дека ќе има изградба на нови домови, нова студентска населба и реновирања и поправања на домовите,но за жал тоа е тргнато oд приоритетите со ребалансот“, изјави Барлаковски.

Но, студентите во домовите не се единствени кои ќе бидат разочарани.

Со ребалансот се предвидуваат 70 милиони денари помалку за изградба на основни училишта, а 20 милиони денари помалку се предвидуваат за изградба и реконструкција на средни училишта.

Барлаковски вели дека образованието со години не е приоритет на која било влада, вклучувајќи ја и оваа, а оти тоа се гледа од резултатите. Тој посочува дека државата е на четврто место од дното на ранг-листата на меѓународното ПИСА тестирање кое ја мери употребливоста на знаењето на учениците.

„Меѓународните истражувања покажуваат дека имаме лош систем на образованието кој продуцира неквалитетен кадар. Со истражувањето на Светската банка се покажа дека ученици кои поминале 11 години во училиште во однос на знаењето се на ниво како на шест години. Има кратење и на парите во високото образование, а тоа загрижува кога постојано се намалува квалитетот и со години не се наоѓаме во првите илјада на Шангајската листа“, вели Барлаковски.

Блажен Малески од „Реактор истражување во акција“ вели дека јавноста е сведок оти неколку влади во земјава на почетокот од својот мандат настапуваат амбициозно кон образованието, но за жал потоа изостанува целосно искористување на парите.

Секоја година го повторуваме муабетот дали владата не е толку концентрирана на младите и ја губи првичната идеја за нив, вели Малески. Според него, јавноста треба да побара отчет од министрите да кажат зошто една институција како што е МОН, не успева да ги спроведе своите планови кои си ги задава за една година, и секоја година тема на дискусија е каде одат овие пари и зашто парите се тргаат од буџетот.

„Ребалансот во суштина е пренаменување на пари кои владата знае дека не би можеле да се искористат и ги трансформира во други министерства и ги префрла на други потреби. Треба да ни стане јасно дека тоа ни укажува оти МОН и образовните институции очигледно имаат проблем со апсорбирање на тие средства, но и со планирање“, вели Малески кој дополнува:

„Ако во 2018 година, кога бил изгласан сегашниот буџет и имале еден план, очигледно плановите не се оствариле, па затоа низ годините преамбициозно влегуваат во новите фискални години со буџетот, а за жал подоцна поради нестручен кадар и поради разни други причини кои се јавуваат во годината не успеваме да ги потрошиме како општество парите наменети во образованието“, вели Малески.

Инаку, во високото образование со ребалансот најмногу кратења на средствата се предвидени за Универзитетот „Мајка Тереза“ и парите наменети за изградба на двата факултета во кампусот на УКИМ. „Мајка Тереза“ ќе добие скоро 2,5 милиони евра помалку од предвидените, а парите наменети за изградба на „барокните“ згради на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се скратени за скоро 1,9 милиони евра.

Филип Стојановски од Метаморфозис потсетува дека во изминатите години во образованието имаше и инвестиции за кои нема информација што се случува со нив како проектот „Компјутер за секое дете“. Тој вели дека јавноста треба да има јасна слика за претходните трошења и да се направат приоритети за во иднина.

„Во моментов генерално имаме сознанија дека во многу училишта таа опрема што била купена веќе не е функционална. Со тек на време опремата се расипува, но неопходно е да дознаеме какви биле ефектите од проектот „Компјутер за секое дете“. Идејата беше информатиката да се подигне на повисоко ниво, но не добивме информации дали со таа инфраструктура сега има навистина дигитална писменост во училишта соодветно на европските земји“, вели Стојановски.

Невладините организации бараат од МОН во буџетот за образование да се предвидат средства и за обезбедување инклузивно и еднакво квалитетно образование за сите ученици низ државата, обновување на инфраструктурата и подобрување на хигиената во училиштата, учебници за сите предмети во сите образовни степени и на сите јазици на настава, осовременување на методите и помагалата за предавање во училиштата, модернизирање и соодветно опремување на средните стручни училишта, обезбедување на пристап до современа светска литература преку разни бази за учениците и студентите, научни истражувања и за самостојна научно – истражувачка работа на студентите и многу други потреби.

Од Министерството за образование пак наведуваат дека со ребалансот на буџетот, средствата ќе се одржат на нивото воспоставено во 2018 година и оти тоа нема да иницира никакви застои.

Од таму посочуваат дека е предвидено продолжување на реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти кои се во тек и треба да бидат завршени оваа година, како реконструкција на училишта, изградба на училишта, изградба на спортски сали.

"Заокружена е изградбата на едно ново училиште,ОУ Вера Јоциќ во Гази Баба, а во тек е изградбата на уште две, во Студеничани и Ново Лисиче . Изградени се 6 спортски сали, 15 се во фаза на градба. Завршена е реконструкцијата на 20тина училишни објекти, а 10тина училишта се во фаза на реконструкција. Се набави опрема за ученичките домови", велат од МОН

Во врска пак со барањата на Синдикатот за образование за зголемување на платите за 25 проценти, од министерството информираат дека во моментов во тек се разговори за дефинирање на ново покачување на платите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG