Достапни линкови

На светот му се заканува глад од библиски размери


илустрација
илустрација

Светот се соочува со опасност од глад од библиски размери, предупредува Дејвид Бејзли, директор на Светската програма за храна. 256 милиони луѓе се изложени на ризик од гладување, за кое придонесе пандемијата на коронавирус, се вели во извештајот објавен деновиве од ОН и други организации.

„Ние не зборуваме за луѓе што легнуваат на празен стомак“, вели Дејвид Бејзли, директор на Светската програма за храна за весникот „Гардијан“, додавајќи:

„Зборуваме за екстремна состојба, вонредна состојба - луѓето буквално се на работ на глад. Ако не ги храниме, тие ќе умрат”.

Грузија, пазар во време на коронавирус
Грузија, пазар во време на коронавирус

Тој пред пандемијата предупреди дека ситуацијата е сериозна:

„Јас веќе кажав во прогнозата на крајот на минатата година дека 2020 година може да биде најлошата година од Втората светска војна.“

Г20: Да не се нарушат глобалните текови на снабдување со храна

А, на почетокот на оваа година Источна Африка беше погодена од најголемите јата на скакулци во текот на изминативе неколку децении, што доведе во ризик 70 милиони луѓе.

Влијание на пандемијата

Тој додаде дека пандемијата на „ковид-19“, која никој не можел да ја предвиди го одведе светот во непозната област.

„Претстои вистинско невреме. Ние гледаме ширење на гладот од библиските размери “, вели Бејзли.

Жени чекаат на ред за храна во Судан
Жени чекаат на ред за храна во Судан

Според извештајот на ОН, 256 милиони луѓе можат да бидат на работ на глад, двојно повеќе од пред пандемијата.

„Ова е навистина повеќе од пандемија, затоа што создава пандемија на глад, тоа е голема хуманитарна катастрофа.“

Како ковид-19 ќе влијае врз глобалното производство на храна?

Причината е што епидемијата „ковид-19“ носи огромни побарувања за ресурси.

Бејзли смета дека никој од загрозените не мора да умре:

„Ако обезбедиме пари и ги задржиме синџирите на снабдување отворени, можеме да избегнеме глад. Ако дејствуваме сега, можеме да го спречиме тоа.“

Тој напоменува и дека е неопходно да се дејствува веднаш, бидејќи е невозможно да се предвиди што ќе се случи за неколку недели.

Брза и комплексна реакција

Бејзли пред Советот за безбедност изјави дека светските лидери мораат брзо да дејствуваат и оти околу 2 милијарди долари помош треба да се соберат што е можно поскоро.

Потребни се уште 350 милиони долари за да се создаде мрежа на снабдување за да се обезбедат храна, лекови и заштитна опрема за оние кои имаат потреба.

Тој предупреди дека мерките за да се избегне гладта можат да траат со месеци.

Дистрибуција на храна во Белорусија
Дистрибуција на храна во Белорусија

Според него, постои страхување дека три или четири месеци откако ќе заврши пандемијата со „ковид 19“ во развиените земји, парите ќе секнат.

Битка за спас на светската економија

Притоа тој наведува дека ќе треба да се обезбедат воздушни мостови поради и онака парализираниот воздушниот сообраќај, што ја отежнува испораката на помошта, а хуманитарните добротворни работници не можат да дојдат до местата каде е потребна помош.

„Ни требаат и пари и пристап - не едното или другото, туку и двете. Кога ќе се прекине синџирот на снабдување, луѓето не можат да дојдат до храна, и ако немаат храна долго време, тие ќе умрат “, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG