Достапни линкови

Колку потрошиле институциите за ставката ковид-19 ?


Ковид-19 центар во Скопје

Десетици милиони евра во јавни набавки лани беа наменети за заштитна опрема, дезинфекциони средства ,ПЦР тестови, лекување на пациенти заразени со ковид-19 како и набавка на дополнителна лабараториска опрема, покажуваат податоците од владиниот портал „Финансиска транспарентност за ковид -19“.

Тестови, брисеви, апарати за механичка вентилација, маски, ракавици, скафандери, лекови, реагенси, кислородни боци, кислородни концетратори се само дел од набавките кои изминатава година ги спроведоа македонските институции со цел справување со коронавирусот.

Речиси 10 милиони евра лани институциите потрошиле само за дополнителна медицинска заштитна опрема, дезинфекциони средства, скафандери, но и реагенси за Д-димери и делумно за ПЦР тестови, покажуваат податоците од „Финансиска транспаренст ковид-19 “ во период од 1 февруари до 31 декември 2020 година. Но, овие податоци не се целосни затоа што дел од институциите доцнат со објавување на склучените договори за тендерите и по неколку месеци, па не може да се извлече целосна слика за парите потрошени минатата година за справување со коронавирусот.

Според податоците од владиниот портал „ковид-19 Финансиска транспарентност“, најмногу пари за заштитна опрема потрошило Министерството за внатрешни работи кое врши централизирана набавка за сите полициски станици, кои во време на вонредната состојба имаа дополнителни обврски со полицискиот час. МВР купило заштитна опрема во вредност од речиси 2 милиони евра. Станува збор за збир од пет набавки направени во еден ден во месец март со кои е купено маски за повеќекратна и еднократна употреба, Н95 маски и ракавици, бесконтактен топломер, како и преносливи компјутери.

Министерството за здравство според податоците на овој сајт, само за медицинска опрема потрошиле 320 илјади евра. Министерството за здравство за разлика од внатрешни работи не набавува за сите здравствени уставно односно, не се централизирани сите набавки кои се однесуваат на овој сектор затоа што болниците и лабараториите за одредени набавки сами распишуваат тендери. Дополнително во јавно достапните документи е забележливо дека Министерството за здравство доцни со доставата на податоците до Бирото за јавни набавки и по пет месеци од склучен договор. Како пример за таквото доцнење и неисполнување на законскиот рок се тендерите за немедицинската опрема за модуларните болници кои делумно се финансирани од Швајцарската амбасада, чии договори се склучени во мај, а испратени и објавени во Бирото за јавни набавки во октомври. Модуларните болници се дел од проектот на Светска банка, па за нив не може да се најдат детални информации на Бирото за јавни набавки. Според оние договори кои се објавени на владиниот портал „Отворени Финасии“, поставувањето на модуларната болница која е поставена во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во близина на Инфективната болница во јавни набавки се потрошни речиси 200 илјади евра. Поставувањето на оваа болница е донација од Швајцарската амбасада.

Покрај полицијаците на терен во периодот од вонредната, но и во кризната состојба беа повикани и војниците. Министерството за одбрана, односно Секторот за логистика за медицински потрошен материјал во еден ден од ноември потрошил вкупно 41 илјади евра за 12 набавки.

Според Центарот за граѓански комуникации, кои ги следат јавните набавки, од почетокот на пандемијата е забележано дека повеќето од половина институциите го прекршиле законот за јавни набавки со тоа што не објавиле ниту известување за склучен договор во законскиот рок, ниту договорот кој го склучиле. Во нивните извештаи е наведено дека речиси 70 проценти од тендерите се спроведени во итна постапка без објавување на оглас со преговарање директно со фирмите. Дополнително забележале и значителни разлики во цените по кои се набавени исти производи од различни институции, особено кај маските, ракавиците и заштитните униформи.

„Значаен дел од договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот не содржат детален опис на набавените производи, количините и поединечни цени“, се вели во нивниот последен извештај.

Во период од март до октомври 2020 година договори за итни набавки за заштита од коронавирусот склучиле 103 државни институции. Половина од вкупната вредност на итните набавки за заштита од коронавирусот се спроведени од институции од здравствениот сектор, кои набавуваа поединечно, бидејќи има малку централизирани набавки.


„ Договори за итни набавки склучиле вкупно 204 фирми, но дури 42 % од вкупната вредност на договорите им припаѓаат само на пет фирми. Прва на листата е „Биотек“ која склучила 13 договори во вкупна вредност од 1.232.752 евра. Следна е „Гифти текс“, со само два договори вредни 1.138.192 евра“, е наведно во извештајот на Центарот за граѓански комуникации за периодот од март до октомври 2020 година.

За боци со медицински кислород, како и опрема за кислород и нејзино сервисирање, но и за килослороден концетрат, медицинските установи потрошиле милион евра, од кои половина милион евра се само за една набавка, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Најголемиот тендер за оваа намена кој го распишал ЈЗУ Универзитетски клиники и ургентен центар, а го добил ТГС Техногас Скопје е во вредност од 577 илјади евра за медицински гасови – кислород и азот.

Клиниката за инфективни болести која во изминативе 11 месеци имаше најмногу работа со хоспитализирани пациентите заболени од коронавирусот на јавни набавки потрошила вкупно 2 милиони и 302 илјади евра. Најголемиот дел од набавките се однесуваат на потрошлив медицински материјал, тестови и антивирусни лекови, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Институтот за јавно здравје, лани со зголемениот прилив на работни задачи поврзани со пандемијата, за јавни набавки потрошил еден ипол милион евра. Во тие набавки спаѓаат дополнителна лабараториска и компјутерска опрема, како и заштитна опрема, но и набавки за основни потреби на институтот.

Од Министерството за здравство велат дека од својот буџет за ПЦР тестови одвоиле 70 илјади евра. Но, тоа е само дел од парите кои државата ги потроши за тестирање на населението за ковид-19. Дел од ПЦР тестовите и брзите тестови за откривање на коронавирусот беа донација. Според пресметките на РСЕ водени од последното соопштение на ФЗО дека проценетата вредност на еден ПЦР тест е 1500 денари, произлегува дека за 200 илјади тестови направени од почетокот на пандемијава во државните институции се потрошени речиси 5 милиони евра.

Од друга страна, пак, речиси 190 илјади граѓани не сакале да чекаат„Мој термин“ па проверката дали се носители на коронавирусот го направиле во приватните клиники и лабаратории. За приватните ПЦР тестови од почетокот на пандемијата до сега од џебот на граѓаните се потрошени 9 милиони и 224 илјади евра.

Инаку, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 86.494, бројката на оздравени пациенти е 67.453, на починати е 2.622, а бројот на активни случаи изнесува 16.419.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG