Достапни линкови

Короната ги извади на површина проблемите на земјоделците


Билјана Петровска- Митревска, проект менаџер на Национална федерација на фармери (НФФ)

Имавме пад на цената на откуп на јагнето, па на зелката, пченицата...и на крајот кулминира кај тутунот. Сето тоа е поради тоа што не се почитува законот дека на самиот почеток треба да има пријавување од откупувачите кои количини ќе ги откупат, вели Билјана Петровска- Митревска од НФФ.

Актуелни се проблемите на тутунарите, претходно беа оризарите, имаше проблеми со откупот на грозје, на јагнето? Зошто цело време земјоделците се соочуваат со проблеми?

Корона-кризата оваа година само ги истакна, ги извади на површина оние наталожени проблеми коишто ги имаме со години наназад. Ние сè уште немаме воспоставен стабилен систем на договорно производство, сè уште не се решени проблемите со откупот и со пласманот, односно производните цени се далеку повисоки од продажните и тоа укажува дека ние немаме стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба до потрошувачите да обезбеди доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени од една страна, а од друга страна малите земјоделски производители и натаму се најранлива категорија, бидејќи тие истовремено мора да се справуваат со шокот предизвикан од корона-кризата, како од здравствен, така и од економски аспект, а од друга страна да произведуваат земјоделски производи.

Токму тоа и го прикажа нашата анализа којашто ја работевме со професорките од Факултетот за земјоделски науки и храна Александра Мартиновска - Стојческа, Емељ Туна и Марина Нацка, која што покажа дека имаме нарушени пазарни синџири, но воедно се прикажа и еден нов момент. Анализата се однесува на прекинатите пазарни синџири предизвикани од корона-кризата и се дадени соодветни препораки на коишто треба да се одговори и да се решат соодветни проблеми и предизвици во земјоделството. Самата анализа покажа дека од 90 анкетирани испитаници, 98 проценти покажаа дека веќе применуваат и имаат идеја, имаат желба да размислуваат за нови стратегии, канали и инвестиции за реализација на продажбата, како што е онлајн продажбата. Знаеме дека ковид-пандемијата го поттикна зголемувањето на потрошувачката на здрава храна, така што тука имавме и такво влијание. Што се однесува до карактеристичните проблеми на земјоделството, имавме пад на цената на откуп на јагнето, па се префрли на пад на цената на зелката, па од зелката премина на пченицата, па на грозјето, оризот, и на крајот кулминира кај тутунот. Сето тоа е поради тоа што ние едноставно немаме изграден систем и не се почитува соодветната законска легислатива онака како што е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој дека на самиот почеток треба да има пријавување од откупувачите кои количини ќе ги откупат. На таков начин може да се видат наталожените или настанатите проблеми, бидејќи не можат да ја откупат таа количина и тука веќе може да се настапи со стратегија којшто ќе ги минимизира шоковите коишто треба да ги претрпат и оние коишто откупуваат и оние коишто произведуваат. Тоа сè уште не се почитува.

Билјана Петровска- Митревска, проект менаџер на Национална федерација на фармери (НФФ)
Билјана Петровска- Митревска, проект менаџер на Национална федерација на фармери (НФФ)

Може ли да се направат системски промени за решавање на проблемите?

Системските решенија постојат во нашата регулатива, Законот за земјоделство и рурален развој буквално тоа го прикажува. Тој вели дека на почеток самите откупувачи треба да ги пријават количините коишто треба да ги откупат за да може да се види што ќе остане неоткупено, каков проблем ќе настане, да се направат стратегии за отворање на нови можности и нови пазари за да не се доведеме во ситуација најголемите економски шокови да ги претрпат малите производители, а голем дел на храна, односно земјоделски производи да не се искористат и да останат на нивите да скапуваат. Реално тоа е голем шок и голем проблем. Од друга страна, во Законот за земјоделство и рурален развој јасно е наведено дека пред секој откуп треба да се склучи договор и да се знае која количина ќе биде откупена по која цена, се поставуваат класи и тоа си е регулирано согласно законот. Кај тутунопроизводството секоја година се прават вакви договори, но во овој момент, она што беше укажано и од тутунопроизводителите, е дека настана манипулација во делот на класите, односно проценка на тутунот трета или четврта класа. Тоа беше еден од горливите проблеми. Проблем е што кога откупната цената ќе почне да паѓа се почнува со дополнителни манипулации од страна на откупувачите, односно откупните пунктови почнуваат да се затвораат, тоа беше случајот и кај грозјето и кај тутунот. Имаме определени денови кога се затворени, па ќе се отворат, повторно по ниска цена и тој недефиниран добар круг, односно стабилен систем со почитување на законската регулатива не се почитува и е на штета на малите производители, на земјоделците.

Протести на земјоделци пред владата 04.01.2020

Правевте анализи за тоа колку ковидот се одрази на земјоделството во земјава? Што извади на површина оваа пандемија?

На самиот почеток корона-кризата предизвика страв кај руралното население за тоа како ќе се справат, бидејќи имаме ограничен пристап до информации во руралните средини, инфраструктурата е навистина лоша и немаме соодветни здравствени установи, амбуланти и лекари во самите села. Тука се создаде еден голем страв. Со затворањето на градинките и училиштата дополнително се зголеми работата на жените во руралните средини. Покрај тоа што треба да работат на поле, зголемена им беше работата и во домашни услови, грижа за децата, грижа за повозрасните, а да не зборувам за оние семејства каде што имаме лица со попречености. Анализата за финансиски производи, пак, покажа дека ние и понатаму немаме достапност и добра информација до земјоделците за користење на финансиски производи. Јас секогаш тоа го укажувам, дека за време на мерките дадени од владата, Развојната банка даде многу поволни кредити со ниски каматни стапки и поволни грејс-периоди, но тука не ги опфатија регистрираните земјоделци, односно оние земјоделци чија основна дејност е земјоделството. Од друга страна, Анализата за нарушени пазарни врски укажа дека навистина немаме стабилен систем на храна, кој не само што ќе ги задоволи потребите на државата, туку воопшто ќе помогне за развој на земјоделството и на малите земјоделци.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG