Достапни линкови

Колку пари ќе добие Македонија од ЕУ за справување со енергетската криза?


Архивска фотографија - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Скопје, 14 јули, 2022.
Архивска фотографија - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Скопје, 14 јули, 2022.

ЕУ интеграција на Западен Балкан, војната во Украина и енергетската криза се во фокусот на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен при посетата на регионот. Треба да го претстави пакетот за енергетска поддршка од 1 милијарда евра. Вечерва ќе биде и потпишан договорот за гранично управување Фронтекс.

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен со посетата на Скопје на 26 октомври ја започнува турнејата во земјите од Западен Балкан.

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски ќе ја пречека делегацијата предводена од Фон дер Лајен на платото пред Владата во Скопје во 18:15 часот. Во состав на амкедонската делегација ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши.

Главни пораки

Главна порака на посетата е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот, но ќе стане збор и за војната во Украина и за енергетската криза.

Целта на оваа посета е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската унија (ЕУ), најави на 24 октомври портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

„Оваа посета се разбира се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици“, рече Мамер.

Западен Балкан заедно со ЕУ ќе купува енергенси

Земјите од Западен Балкан ќе бидат вклучени во заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ, најави Фон дер Лајен минатата недела од Стразбур.

Тоа ќе биде еден дел од помошта што ЕУ ќе им ја понуди на земјите од Балканот. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

„Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми кои имаат за цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион“, рече портпаролот на ЕК, Мамер.

Енергетска помош за Западен Балкан од една милијарда евра

На 21 октомври министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Берлин, изјави дека Вархеји најавил финансиски пакет за регионот во износ од 1 милијарда евра за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Помошта е за надминување на тековните проблеми во однос на снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата и домаќинствата.

Македонија не произведува доволно струја, а берзанските цени по која ја увезува оваа година се 5 до 7 пати повисоки од изминатите години. Земјава се надева ЕУ да компензира дел од оваа цена.

Потпишување на договорот за Фронтекс

Пред прес-конференцијата на Ковачевски и Фон дер Лајен ќе биде потпишан и договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за за гранично управување (Фронтекс). Согласно најавите, договорот ќе биде потпишан и на македонски јазик без никакви фусноти и додавки.

Досега овој договор беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите на македонски јазик.

Откако ќе стапи на сила Фронтекс ќе може да биде повеќе инволвиран во управувањето со границите во Северна Македонија во однос на миграциските текови и борбата против “илегалната миграција“.

ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.

Посебен режим на сообраќај во Скопје

За време на посетата на Фон дер Лајен на Скопје на 26 и 27 октомври, ќе има посебен сообраќаен режим во главниот град, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Кои земји ќе ги посети Фон дер Лајен?

После Скопје, претседателката на ЕК, в четврток на 27 октомври ќе ги посети Приштина и Тирана, а в петок на 28 октомри ќе патува во Сараево и Белград. Подгорица ќе ја посети во сабота на 29 октомври.

Посетата на претседателката на ЕК на регионот, доаѓа на две недели откако Европската комисија ги објави извештаите за напредокот на земјите кон Унијата.

Во извештајот објавен на 12 октомври, ЕК констатираше дека Македонија има стабилен прогрес, но мора да продолжи борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.

Европската комисија препорача условен статус на кандидат за полноправно членство во Европската унија за Босна и Херцеговина. Во извештаите на ЕК за балканските држави, добра оценка за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ доби Црна Гора, а се поздравува и усогласеноста на Косово со одлуките на ЕУ што се однесуваат на руската агресија во Украина. Во делот за Србија, пак, се подвлекува дека земјата не ги почитувала санкциите против Русија, кои ЕУ и ги воведе против Москва како одговор на агресијата во Украина.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

Втора посета на Македонија за три месеци

Претседателката на Европската комисија последен пат беше во посета на Македонија на 14 јули, кога и одржа говор пред пратениците во македонското собрание.

Таа ги повика пратениците да го прифатат таканаречниот Француски предлог со кој се повлече бугарското вето за македонските евроинтеграции.

Откако предлогот беше прифатен, на 19 јули Македонија и ЕУ ја одржаа првата заедничка меѓувладина конференција со што официјално беше отворен почетокот на преговорите за членство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG