Достапни линкови

Македонскиот јазик е ваш, историјата не е услов за преговорите - порача Фон дер Лајен во Собранието


Обраќање на претседателката на ЕК Урсула фон дерл Лајен пред Собранието.
Обраќање на претседателката на ЕК Урсула фон дерл Лајен пред Собранието.

ЕУ ја чека Македонија, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците во Собранието во Скопје. Таа вели дека ја разбира фрустираноста што земјата се уште не е членка, но додава дека ако се прифати францускиот предлог веќе следната недела ќе има меѓувладина конференција. Пред Собранието, пак, има протести против предлогот. Демонстрантите гаѓаа со јајца кон собраниската зграда.

„Лично сакам да им порачам на пратениците дека ЕУ ја чека Северна Македонија да стане полноправна членка.Внимателно ги слушав, почитувани Македонци, вашите аргументи во однос на јазикот и идентитетот, нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Парламентот во Скопје. Овие зборови на гостинката од ЕУ беа пропратени со аплауз од дел од присутните во салата, но се слушаа и зборови како „предавници“ и „фашисти“. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти и посочија на Фон дер Лајен дека не се откажуваат од јазикот, идентитетот и се против асимилација.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

„Ќе го повторам тоа нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа, затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од Европската унија. Предлогот го почитува и вашиот национален идентитет, принципот на самоидентификација е важен за секој од нас“, рече таа.

Претседателката на ЕУ се обрати пред Собранието пред седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Додека таа се обраќаше пред пратениците, граѓани протестираат пред Собранието против францускиот предлог, за кој сметаат дека ќе ја „бугаризира“ Македонија.

Демонстрантите гаѓаа со јајца и тоалетна хартија кон Собрание

Со многу свирежи, црвени знамиња и плакати на кои пишува „НЕ“, голем број граѓани излегоа на протест пред македонското Собрание пред во него да се обрати претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен и најавената пленарната седница за т.н. француски предлог. Демонстрантите уште еднаш го искажаа своето незадоволство од предлогот на ЕУ за кревање на бугарското вето што треба да доведе до почеток на преговори на земјава за влез во ЕУ, бидејќи сметаат дека задира во македонскиот идентитет и носи бугаризација на Македонија.

Со транспаренти „Ние сме Македонци“, „Македонците уште се борат за своите правдини“, но и „Француски предлог“ ставен на импровизирана гилотина пред Собранието, демонстрантите го искажаа својот револт од последните случувања во надворешната политика.

Дел од присутните извикуваа навредливи коментари кон претседателката на ЕК, Фон Дер Лајен, а беше испишан и голем транспарент со порака до неа на англиски јазик за „Европа да се ослободи од фашистите“. Пред Собранието пак, оставија и повеќе ролни тоалетна хартија а дел од нив заврши фрлена пред полицајците кои го обезбедуваа Собранието заедно со неколку табли јајца. Дел од демонстрантите ставаа отпечатоци од раце со црвена боја, симболизирајќи крв.

Протестите беа обезбедувани од многу полиција, додека оклопни возила беа донесени пред Собранието, а во повеќе наврати и хеликоптери го надлетуваа законодавниот дом.

Пораки од опозицијата до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен додека се обраќа пред пратениците во Собранието на РСМ.
Пораки од опозицијата до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен додека се обраќа пред пратениците во Собранието на РСМ.

Фон дер Лајен ја разбира фрустираноста

Фон дер Лајен пред пратениците рече дека државата повторно покажала смелост и решителност, како што тоа го направила со Договорот од Преспа.

„Јас знам дека истото ќе се случи кога ќе станете членка на ЕУ, го знам ова бидејќи веќе покажавте еден витален капацитет да го промените вашето општество кон подобро, направивте напор за борбата против корупцијата. Имате слободни медиуми, граѓанско енергично општество, вие сте успешен модел за разновидно мултиетничко општество“, рече таа.

Собрание - Обраќање на Урсула фон дер Лајен - претседател на ЕК
Собрание - Обраќање на Урсула фон дер Лајен - претседател на ЕК

Шефицата на ЕК вели дека ја разбира фрустрираноста кај граѓаните во земјава, но, како што рече и ЕК е фрустрирана, оти во последните 13 години дава препораки за почеток на преговори, но тоа не се случува.

„Се разбира дека ќе бидете фрустрирани, што тоа не се случи веднаш по Договорот од Преспа, ова беше горчливо и не се откажавте, но и ние не се откажавме, заедно го следевме нашиот сон за една Европска унија и задно ќе го претвориме овој сон во реалност, сега сите мора да го свртиме погледот напред и да ја искористиме можноста да ги започнеме преговорите и да работиме на патот што води кон ЕУ, тоа може да го направиме веќе следната седница, со преземање на чекорот со францускиот предлог. Тој ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни, бидете уверени дека Комисијата секогаш била покрај оваа држава на ваша страна“, рече Фон дер Лајен.

Во обраќањето таа рече дека добрососедските односи и соработка се дел од ДНК-та на европската интеграција и во процесот на стабилизација на сите земји.

„Дозволете да ве уверам уште еднаш дека билатераланите прашања како што се историјата не се услов во пристапните преговори. Некои велат би било подобро да се чека подобар предлог секако ваше право е да го направите тоа, но размислете колку се обидувавме да стигнеме до овде преку различните претседателства, ве охрабрувам да ја искористите оваа можност“, рече таа.

Билатерални средби со државниот врв

Шефицата на европската комисија претходно се сретна со министерот за надворешни работи Бујар Османи, со претседателот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, а непосредно пред обраќањето во Парламентот, имаше средба и со собранискиот спикер Талат Џафери.

Османи рече дека посетата на Фон дер Лајен доаѓа во вистинско време. Тој потсети дека ова е втор пат во нашата историја, претседател на Европската Комисија да се обрати во Собрание. Првиот пат тоа го направи Романо Проди, на самиот старт на евроинтегративен пат на Македонија, по повод потпишувањето на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација.

Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека на средбата со претседателката на ЕК, тој го реафирмирал ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на Северна Македонија.

Тој потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската унија.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше тет-а-тет средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше тет-а-тет средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Од Владата соопштија дека Ковачевски и Фон дер Лајен на средбата констатирале дека сега е моментот кој треба Северна Македонија да го искористи за прифаќање на европскиот предлог. Претседателката на Европската комисија нотирала дека местото на Северна Македонија и Западен Балкан е во Европската Унија и тоа е единствениот пат кој води кон подобра иднина за сегашните и идните генерации, соопштуваат од Владата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG