Достапни линкови

Цветковска ја користи „последната шанса да се бори за студентскиот добробит“


Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ 2021
Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ 2021

Меѓу целите на новата претседателка на Универзитетското студентско собрание при УКИМ се дигитализација на наставен процес, студентски културен центар и кариерен центар. Новоизбраната претседателка Ева Цветковска, која е последна година на мастер студии, вели дека и е задоволство да е член на „организација ентузијасти за подобро студентско утре“.

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја избра Ева Цветковска за нов претседател. Мандатот на нејзиниот претходник, Борјан Ефтимов заврши во февруари годинава. Покрај тоа што планира да започне и свои активности, Цветковска планира да ги продолжи активностите од нејзиниот претходник. Како на пример, студентските научни конференции и унапредување на концепти и работилници во областа на науката започнати лани и надзор на правилната имплементација на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Инаку, Цветковска студира на правниот факултет „Јустинијан први“ и е последна година на мастер студиите, насока меѓународно право и односи и право на Европска Унија.

РСЕ: Кои слабости си ги забележала на твојот факултет за време на студирањето?

Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ 2021
Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ 2021

Цветковска: Главниот недостаток на правните студии е тоа што самиот факултет не нуди шанса за практична примена на теоретското знаење преку наставната програма. Едно време имаше „решение“, според кое, за да запишеш зимски семестар, потребно беше студентот да приложи потврда дека посетувал пракса преку лето. За жал, студентите ја заобиколуваа оваа обврска, и од таа причина веќе не постои. Факултетот не нуди посета на суд, работа на случај, пишување поднесоци и останати вежби. Од друга страна, недостаток е што студентите не се оспособуваат за пишување научно истражувачки труд. Академско пишување, особено во области како право и политика е нужно. Затоа методологија на пишување и истражувачка работа сметам дека треба да биде приоритет на нашиот, а и на секој факултет.

РСЕ: Што те мотивираше да се кандидираш за претседателка на УСС УКИМ?

Цветковска: Тоа што ми е последна година како студент, и последна шанса да се борам за студентскиот добробит. Дополнително, извојуваната борба за легитимно студентското организирање. Формирањето на студентските собранија подразбира отворање на вратите кон демократски студентски тела, оперирани од желбата за личен интерес и профит како што беше до скоро. Задоволство ми е да сум член на организација ентузијасти за подоброто студентско утре.

РСЕ: На кои области ќе се фокусираш, односно кои би ти биле приоритетите?

Цветковска: Дигитализација на наставниот процес во две насоки, и тоа: дигитализација на административното работење на факултетите, и дигитализација на наставниот процес(усовршување на системот кој заради короната се наметна како неопходен, и негово приспособување на редовни услови). Потоа, студентски културен центар. Поточно, реновирање на простор кој ќе може да им служи на студентите како постојано зборно место за дружење, забава и творење, приспособен за потребите на секој вид културен настан. Дополнително, мобилна варијанта на студентски културен центар преку тоа што ќе набавиме потребна опрема која студентите ќе може да ја шетаат и да одржуваат претстави, изложби, концерти и свирки во било кој град низ земјата и во странство. Понатаму, реновирање на читални и дворови на кампусите, акциски план за реновирање на студентските домови, ревизија на системот за стипендии, комплетно нова стратегија и дополнителни нови стипендии, воспоставување постојани психолошки центри во рамки на Универзитетот, преку кои се овозможува бесплатен пристап до прихолошко советување за секој студент на УКИМ, како и намалување на дополнителните трошоци за студирање и нивна унификација на ниво на УКИМ, недозволиво е секој факултет различно и произволно да наплаќа една иста потврда или уверение. Исто така, инвестиции во научно истражувачка дејност. УСС ќе формира и комисија за пракса која во соработка со Универзитетот ќе создаде мрежа на кариерни центри кои ќе работат на унапредување на практичната настава. Кариерните центри дополнително ќе посредуваат меѓу барателите и давателите на пракса. Ова подразбира дека ќе има еден до два задолжени студенти чија задача ќе биде активно да контактираат фирми и да ги прибираат сите понуди за пракса за студентите.

РСЕ: Дали Борјан Ефтимов, претходниот претседател, ти даде некои совети и што?

Цветковска: Уф, Борјан ми даде многу совети. Ама вака сублимирано, да гледам да не се заплеткам во бирократска процедура.

РСЕ: Неодамнешно истражување на МОФ покажа дека дури 63,6 проценти од студентите на УКИМ не го знаат името на претходниот претседател на УСС, а половина не знаат како се вика претставникот на матичното факултетско студентско собрание. Кој е твојот став за ова? Овие заклучоци што говорат?

Цветковска: Мислам дека студентите за жал студентските собранија се’ уште ги поистоветуваат со студентските парламенти. Не помага и тоа што непосредно по нивното оформување, започна пандемијата. Не сметам дека е страшно тоа што не го знаат името на претседателот, претседателите се тука да ги застапуваат одлуките кои собранијата како колектив ги носат, зашто сепак се колективни тела. Битно е да ја препознаваат нашата работа и да се чувствуваат дека некој навистина се грижи за нивното добро. Треба време да се стекне доверба, но тука сме да се докажеме. Претпоставувам дека би помогнало собранијата да ја засилат транспарентноста на нивното работење, особено преку социјалните мрежи и да си ангражираат добар пиар и маркетинг менаџер. Плус ни фали журка за запознавање.

РСЕ: Пандемијата наметна онлајн настава во образование и брзо адаптирање на дигитилизација. Колку е задоволителна дигитализацијата на УКИМ и колку штети или не на квалитетот на образованието?

Цветковска: Дигитализацијата беше долго очекувана и одолговлекувана. Моменталниот систем не е совршен, и не знам точно колку му наштети на квалитетот на образованието оваа година, резулатите веројатно ќе ги видиме во иднина. Но, она што е позитивно, можеби единствено позитивно што можам да кажам дека короната го предизвика, е што конечно ги натера нашите високо образовни институции да се прилучат кон 21 век и глобалните трендови. Во наши раце сега останува да ги понудиме капацитетите со кои располагаме и да се бориме за унапредување и усовршување на дигиталниот систем.

XS
SM
MD
LG