Достапни линкови

За температура се дава парацетамол, но што е со емоциите во пандемиско време?


Домашна настава за време на Ковид19
Домашна настава за време на Ковид19

Од ајде надвор да си играме, до ајде на Вибер да играме на телефон или компјутер- вака се смени животот на децата поради пандемијата со коронавирусот и мерките за спречување на неговото ширење. Но, додека повозрасните се посвесни што се случува, новата ситуација собено ги погодува помладите.

Долгите часови надвор со друштво децата ги заменија со долги часови дома на телефон, копмјутер или пред телевизор. Долгите часови во училиште, пак, во кои имаше и учење и дружба, ги заменија со онлајн настава, сами пред компјутер. Наместо досегашниот родителски совет, играј си со сите деца, добиваат препораки- држи дистанца, не се доближувај, не пипкај…

Пандемијата го смени животот на сите, но најмногу се чини ги погоди помладите кои се во фаза на развој и сега требаат да ги учат социјалните вештини. Драгана Тодоровиќ е мајка на три деца, на четири, пет и седум годишна возраст.

Животот им е целосно сменет, па секој своите социјални потреби главно ги извршува меѓу четири ѕида. Ништо не може да ја надомести физичката, непосредна комуникација меѓу децата, вели таа, додавајќи дека по долги месеци пандемиска состојба веќе ги забележува разликите во нивното однесување.

„Понервозни се, понапнати, а и кај најголемото дете врз него влијае и онлајн наставата бидејќи цел ден е пред компјутер“, вели Тодоровиќ.

Професорката на Филозофскиот факултет, психологот Софија Георгиевска вели дека сите овие нови правила со кои треба да се спречи ширењето на коронавирусот на кои родителите беа приморани да ги учат децата оставаат последици врз нив.

„Сето тоа секако дека остава последици, не само кај децата, туку и кај возрасните и веројатно ќе дојде време кога ќе се прашаме дали повторно ќе може да се поздравиме со некого без веднаш да ја дезинфецираме раката и ќе се плашиме дали ќе се разболиме. Некако овие девет месеци се претворија во нов начин на живот кој сакале или не ни стана нов образец на однесување. И токму поради тоа е многу важно родителите да им помогнат на децата да продолжат на еден поинаков начин кога се ова ќе заврши“, вели Георгиевска.

Како коронавирусот го смени животот на луѓето?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

И родителите препознаваат дека по завршувањето на пандемијата ќе треба да работат со своите децата на враќање во старата нормалност. Тодоровиќ веќе ја забележува таа потреба кај своите деца нагласувајќи дека родителите сега имаат три улоги- наставници, родители и психолози.

„Децата од моето лично искуство многу побрзо се навикнаа на тоа, немој, не допирај, но истовремено влегоа и во некаков вид параноично однесување, па и во нивните игри дома, меѓу братчето и сестричките постојано зборуваат за корона и сами меѓу себе си викаат не пипкај, внимавај“, вели Тодоровиќ.

Што советува професорката Георгиевска? Вели дека многу зависи од капацитетите на децата да се справат со нови ситуации и спремноста на родителите да работат со детето и да поминат време со него. Таа вели дека треба да се одржуваат и семејните ритуали, како на пример заедничкиот ручек, да се сослушуваат децата и нивните стравови и тоа вели ќе им помогне да се вратат на стариот образец на однесување.

„Не е важно само физичкото здравје, важно е и менталното здравје. Апсолутно препорачувам со одржување на сите оние препорачани мерки, сепак да се излезе надвор, да се спортува, да се одржи здравиот дух кој што е многу важен зошто ние многу често, кога едно дете ќе се разболи велиме треба парацетамол или чај, кога ќе си го удри коленото и ќе му потече крв му лепиме фластер, но кога не се чувствува добро многу често родителите знаат да кажат, добро, во ред е, ќе помине. Не поминува, потребно е да се разговара, за да видиме каде лежи проблемот и да видиме како може да помине“, вели Георгиевска.

И фондот за деца на Обединетите нации УНИЦЕФ уште во почетокот на пандемијата, новите мерки и карантините излезе со совети за родителите и старателите. Од организацијата препорачуваат да се одвои време кое ќе се поминува со детето, како читање книга, прошетка надвор, заеднички обврски, да се остане позитивен и реален, со пофалби за детето кога ги заслужува, да им се обезбедат безбедни начини на комуникација со врсниците, воспоставување на дневна рутина, останување смирен, да се разговара со децата за Ковид19, но и да се укаже кога детето се однесуваат лошо.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG