Достапни линкови

Младите и Ковид-19: Можна ли е контрола на заразата со отворени училишта?


Илустративна фотографија - Ученици носат заштитни маски додека слушаат предавање во средното училиште Франсоа-Жиру во Винсен, источно од Париз.
Илустративна фотографија - Ученици носат заштитни маски додека слушаат предавање во средното училиште Франсоа-Жиру во Винсен, источно од Париз.

Треба ли да се воведат мерки во образовните институции на краток период за да се намали ризикот од раст на ковид инфекции? Дел експерти велат да, но со тоа треба да се спречи и движењето на младите навечер. Македонските власти уверуваат дека состојбата во училиштата е стабилна.

Додека Европа се соочува со четвртиот бран на Ковид-19 и висок раст на инфекции, во некои земји особено се на удар децата на училишна возраст, со што се отвора прашањето дали преку воведување онлајн настава на одреден период вирусот ќе може да се држи под контрола.

Избувнувањето на пандемијата во 2020 година предизвика големи промени во образованието. Школите и универзитетите низ светот беа затворени, а 1,5 милијарди деца на глобално ниво останаа надвор од училниците, според податоците на Обединетите нации. Наставата се изведуваше онлајн на далечина преку дигитални платформи, но затворањето на школите влијаеше врз знаењето на учениците, нивното здравје, благосостојба и врз нивите семејства. Проценките се дека многу деца можеби никогаш нема да го достигнат загубеното образование, а бројни студии покажаа дека затворањето на училиштата предизвикало бројни негативни психолошки и социјални последици врз младите. Затоа во 2021 година скоро сите земји во светот одлучија дека децата треба да се вратат назад на училиште.

Така и учениците во земјава оваа учебна година ја започнаа во училниците. Ситуацијата, иако во моментов не е критична како во земјите од соседството, властите најавуваат нови мерки за задолжителна вакцинација во јавната администрација со кои ќе бидат опфатени и просветите работници. Мерки за учениците засега нема и тие и натаму ќе можат физички да посетуваат настава, и покрај тоа што има зачестени случаи кога родители се заразуваат од своите деца кои вирусот го префатиле на училиште или во градинка.

Министерката за образование и наука Мила Царовска состојбата во училиштата ја оцени како „апсолутно стабилна“. Таа изјави дека во моментов под 1 процент е бројката на позитивни случаи во училиштата од вкупно 255 илјади ученици кои активно присуствуваат на настава и дека има од 0,01 до 0,03 позитивни ковид случаи на дневно ниво.

„Во овој момент сите индикатори и сите бројки покажуваат дека состојбата е стабилна и дека во интерес на учениците е наставата да се одвива со физичко присуство“, рече Царовска.

Но, дали овие бројки се незначителни за ширењето на Ковид-19? Иако пред започнувањето на новата учебна година УНИЦЕФ наведе дека новите варијанти на вирусот треба да се земат предвид, но школите секогаш треба последни да се затвораат, а први да бидат отворени доколку тоа е безбедно, дел експерти сметаат дека сега ризикот од високи инфекции треба да се намали со тоа што во краток временски период децата би следеле настава онлајн.

Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека во есенскиот период не се само ковид инфекциите кои се шират меѓу родителите и семејствата. Затоа, според него, периодов треба да се премине кон онлајн настава, иако како што вели, не очекува земјата да биде погодена од висок бран како што е случај во другите европски земји.

„Од тоа што се случува во соседството, без разлика што некои велат дека ние тоа го поминавме во август и септември, за секој случај јас би предложил еден месец, до нова година, да одат онлајн. Или сите, или пола да следат настава од дома, а другата половина да следат настава со физичко присуство, особено во средните школи каде што има по 34 ученици во клас“, вели Пановски.

Тој додава дека доколку се воведе мерка за следење онлајн настава, треба да се ограничи и движењето на младите навечер.

„Тоа оди едно со друго, затоа што глупаво е да се ограничи наставата со физичко присуство, а истите студенти и ученици потоа да одат во ноќни клубови. Местата на ширење сугурно не се само училиштата. Тоа е и јавниот превоз и работните организации каде што луѓето заборавија да носат маски“, вели Пановски.

Инаку, на 20 октомври започна скриниг на учениците за рано детектирање на Ковид-19. Според Министерството за здравство, скринингот треба да значи безбедна настава и заштита на здравјето на децата и со него да се добие целосна слика на трансмисијата на вирусот во училиштата. Планот на Министерството е да се тестираат вкупно 8.200 ученици по случаен избор од регистарот на Е-дневникот, со претходна дозвола од родителите или старателите на учениците.

Пановски вели дека ваков скрининг не може да биде веродостоен и да ја даде вистинската слика во училиштата. Скрининг со брз антигенски тест од старт е осуден како непродуктивен, вели тој.

„Значи не се прави скрининг во другите држави, туку се тестираат сите деца, до едно, еднаш или два пати неделно. Тоа би значело, не осум илјади тестови, туку 500 илјади тестови неделно за да се тестира секое дете. Така се прави во другите земји за позитивните случаи да бидат отстранети и тоа се прави со ПЦР тестови кои се многу поосетливи“, вели Пановски.

Според д-р Пановски, за да биде направен скрининг кој на крајот ќе даде некаков ефект, тој треба да биде скрининг за антитела за да се добијат информации колку од децата имаат имунитет, односно колку од нив биле во контаткт со вирусот и се заштитени.

Засега такви мерки за децата нема. Тие продолжуваат со настава со физичко присуство, а мерки се најавени во јавната администрација каде вработените ќе треба задолжително да бидат вакцинирани, што значи дека тоа ќе важи и за персоналот во училиштата.

Царовска вели дека процентот на вакциниран персонал во училиштата е над 75 проценти, а дека дополнителен процент ја прележале болеста, па според тоа рече дека не верува оти мерките ќе претставува проблем за просветниот кадар.

Школите остануваат отворени и во повеќе земји во Европа и покрај критичната ситуација. Германија бележи високи стапки на инфекции кај децата на училишна возраст, но германскиот Парламент донесе закон со кој забрани широкораспространето затворање на училиштата. Во Франција исто така растат бројките меѓу учениците, но тие остануваат во клупите со тоа што властите ја вратија старата мерка за задолжително носење на маски. И Холандија ги задржува школите отворени и покрај растот на случаи меѓу младите, како и Австрија која воведува целосен локдаун, но школите остануваат отворени за настава со физичко присуство, а властите само ги повикуваат децата да останат дома.

Светската здравствена организација во Европа соопшти дека и покрај растот на ковид инфекции на континентот, 45 земји и територии препорачаа школите да останат отворени за настава со физичко присуство преку превенција и контрола на инфекциите. 7 земји се определија за целосно или делумно затворање и две земји препорачаа учење на далечина. СЗО наведе дека доколку и кога ќе се наметнуваат ограничувања за намалување и контрола на преносот на инфекции, прекинувањето на образованието на децата треба да биде последно средство.

УНЕСКО пред почетокот на оваа учебна година наведе дека целото општество има одговорност за намалување на трансмисијата на вирусот за децата и младите да можат да продолжат да учат во училниците и дека повеќе од било кога целото општество треба да му даде приоритет на образованието и да покаже национална солидарност да ги одржи школите безбедни и отворени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG