Достапни линкови

Дали Ковид-19 има сила да го помести датумот за избори?


Граѓаните за полесни мерки, но не и за избори

Зголемениот број на заболени од Ковид 19 не ја предомислува власта да бара набрзо одржување на избори. Политичките аналитичари се поделени по прашањето дали треба да се зборува за избори кога земјава прави чекор назад кон пикот на заболени од Ковид 19.

Да се оди на избори или не прашање е сега. Шекспировата дилема во македонски услови на пандемија се наметнува поради зголемениот број на заболени и починати од Ковид 19 од една страна, а од друга страна техничка влада која ја игра и улогата на Собранието во услови кога пратениците се распуштени. Аналитичарите се поделени по ова прашање, по вчерашната најавата на лидерот на владејачката партија СДСМ Зоран Заев кој како што рече, датумот за изборите е завршена работа, ќе се одржат на 5 јули. Опозицијата смета дека е лудост идејата за избори во ситуација кога бројката на заболени расте и се очекува втор пик од пандемијата.

Мицкоски: Како граѓанин велам - прво пандемијата, па избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција истакна дека и натаму се подготвени да преговараат за датум за избори, но, по намалувањето на дневните бројки на заразени и починати од Ковид 19.

„Оваа три годишна пандемијата во Македонија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев може да се победи само на избори, но доколку за него тоа е точка, јас би додал уште две точки, затоа што не е добро јавно да се затвораат каналите за комуникација со точка, еве нека остане оваа моја изјава дека на неговата точка додавам уште три точки, па да видиме како ќе се развиваат работите затоа што ниту за Македонија, ниту за граѓаните, ниту за демократијата не е добро да ставиме точка, изјави Мицкоски.

Коронавирус - Новозаразени 89 и седум починати

Во меѓувреме, комисијата за заштита од заразни болест размислува за карантини на одредени општини и порестриктивни мерки токму поради загрижувачкиот пораст на бројките од186- те нови заболени во последните три дена, но и 14 починати во изминативе 72 часа.


Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека изненадувачки е што воопшто Заев наместо за загрижувачките бројки на заразени и потребни нови мерки за спречување на ширењето на болеста, зборува за датум за избори. Дополнително и во неговата партија двајца се потврдени дека се заболени од Ковид 19, а голем дел од раководството, па и пратеничките кандидати се во самоизолација, додава тој. Според Божиновски, за избори треба да се зборува во јавноста кога една до две недели по ред ќе има помалку од 5 проценти заболени од тестираните.

„Ако имаме сега избори, за две или три недели па и за месец, ние не можеме да очекуваме поголема извесноста од 20 проценти до 25 проценти, затоа што повторно ќе имаме психоза. Она што луѓето почнаа да се отпуштаат по малку, иако се уште постоеше оној страв, во последнава недела особено денеска мислам дека е повторно вратено се назад како на почетокот на април. Така да мислам дека да се зборува сегаво ваков момент за избори е надвор од контекст“ вели Божиновски.

Од друга страна, пак, политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека здравјето на граѓаните е најприоритетна работа во овој период но факт е дека земјата се наоѓа во една институционална и уставна криза која бара секако напор да се надмине. Тоа може да се случи само со повторно свикување на Собранието или со нови избори. Но, Зибери потсетува дека претседателот на Собранието одбива по секоја цена да го активира работењето на Парламентот, и друго излезно решение освен избори не останувало. Затоа Зибери има разбирање што во ваква ситуација политичарите се обидуваат да договорат датум кој би значел надминување на ваквата состојба.

„Јас мислам дека состојбата со вирусот ќе го диктира темпото на постигнување на некој договор, доколку продолжи овој тренд на заболени како вчерашниот, тешко дека ќе може да се постигне таква согласност и консензус, но ако се смири состојбата тогаш мислам дека 5 јули или 12 јули би бил датум кој може да ги собере сите политички сили на една точка, “ вели Зибери.

Граѓаните за полесни мерки, но не и за избори
Граѓаните за полесни мерки, но не и за избори

Од денот кога беше евидентиран нулта пациентот, вчерашниот ден е на второ место по бројот на заразени. На врвот е 15 април, кога беа регистрирани 107 лица. Регионот со најголем број новозаболени е Скопје, но состојбата станува алармантната и во Штип. Меѓу новозаболените се и потпреседателот на СДСМ Мухамед Зекири и актуелната директорка на УЈП Сања Лукаревска.

Премиерот ковид-негативен, останува во изолација

Директорката на УЈП позитивна, Царовска, Манчевски, Муареми и Ганиу во изолација

Божиновски посочува дека токму предизборните активности на власта, средбите со граѓани и делење на флаерие ризично и неодговорно однесување кон граѓаните со кои имаат блиски контакти и може да создадат нови кластери на болеста.

„Неодговорно е од политичарите без разлика од која партија од која партија се, максимално треба да се избегнат средбите во живо. Нели препораките беа да се избегнуваат контакти колку што е возможно повеќе, и сега истата власт која го препорачува тоа се меша со луѓе, прави средби и собири“ додава Божиновски.


Аналитичарите стравуваат дека постои ризик опозицијата да одбие учество во изборите. Откако Заев ставот за одреден датум за извори го правдаше со коментар дека коронавирусот ќе биде тука и на 5 јули, и на 5 август или 5 октомври, ВМРО-ДПМНЕ не даде конкретен одговор на прашањето дали ќе учествува на изборите и под кои услови ќе прифати да партиципира.

„Не е време да нафрламе избори, сега треба да се сплотиме и да ја надминеме ситуацијата“ рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски: Заев не е реален, комуницирам со Пендаровски и Владата

Заев: Завршена работа, избори на 5 јули

Во меѓувреме, главниот албански партнер во владата – ДУИ, во последните изјави повикуваше на консезус меѓу партиите за датумот за парламентарните избори.Собранискиот спикер Талат Џафери,вчера изјави дека партиските лидери мора да покажат одговорност за излезно решение, бидејќи не може државата да продолжи со постојана вонредна состојба до недоглед, и да се чека само по себе да помине.

Демократската партија на Албанците смета дека треба да има избори на 5 јули., поради надминување на проблемот со нефункционалноста на Владата. Коалицијата Алтернатива како датум за избори го предложија 26 јули, но од таму додаваат дека се подготвени и да попуштат со цел консензус околу датумот.

Од друга страна, од Државната изборна комисија ги демантираат информациите дека веќе се подготвуваат за избори. Оттаму тврдат дека работат само на тековни активности, и дека согласно владината уредба, се што е поврзано со изборите во овој момент е стопирано.

Во земјата изборите беа закажани за 12 април, но беа одложени поради избувнувањето на пандемијата. Собранието на Северна Македонија претходно беше распуштено.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG