Достапни линкови

Дали потопи како во западна Европа ќе има сѐ почесто?


истражувачите со децении предвидуваат временски нарушувања од климатските промени, илустрација

Екстремните врнежи од дожд што предизвикаа смртоносни поплави низ западна Европа беа толку алармантни што многумина се прашуваат дали вината за невремето треба да им се префрли на климатските промени.

Научниците веќе долго време велат дека климатските промени ќе доведат до поголеми врнежи од дожд. Но, утврдувањето на нивната улога во минатонеделните катастрофални врнежи, според експертите, ќе трае најмалку неколку недели.

„Поплави секогаш се случуваат, и тие се како случајни настани, како тркалање коцки. Но, ние ги сменивме условите за тркалање коцки“, вели Ралф Туми, климатски научник од Империјал колеџот во Лондон.

Расте бројот на жртви од поплавите во Германија

Минатонеделниот потоп шокираше многумина. Германската канцеларка Ангела Меркел ги нарече поплавите катастрофа и вети дека државата ќе им помогне на погодените во овие „тешки и страшни времиња“.

Општо земено, зголемувањето на просечната глобална температура - сега околу 1,2 Целзиусови степени над пред-индустрискиот просек - ги прави пообилни врнежите од дожд, велат научниците.

Потоплиот воздух држи повеќе влага, што значи дека на крајот ќе се испушти повеќе вода. „Кога ги имаме овие обилни врнежи од дожд, тогаш атмосферата е скоро како сунѓер - стискаш сунѓер и водата истекува“, вели Јоханес Квас, професор по теоретска метеорологија на универзитетот во Лајпциг.

Десетици починати поради топлотниот бран во Канада

Зголемувањето на просечната глобална температура од еден степен го зголемува капацитетот на атмосферата да држи вода за 7 насто, велат климатските научници, зголемувајќи ја можноста за настани со големи врнежи од дожд.

Другите фактори, вклучително и локалната географија и воздушниот притисок, исто така, одредуваат како се засегнати специфичните области.

Герт Јан ван Олденборг од Светска организација за атмосфера, меѓународна научна мрежа која анализира како климатските промени можат да придонесат за специфични временски настани, вели дека очекува да поминат неколку недели за да се утврди врската помеѓу дождовите и климатските промени. „Брзи сме, но не сме и толку брзи“, вели тој.

Првите набљудувања покажуваат дека дождовите можеби биле предизвикани од повеќедневниот низок притисок над западна Европа, при што тој бил блокиран да се движи на исток и север. Поплавите следуваа само неколку недели откако во рекордниот топлотен бран загинаа стотици луѓе во Канада и САД.

Климатските промени носат невреме?

Научниците сметаат дека ваквата екстремна топлина е „практично невозможна“ без климатските промени. Европа исто така беше невообичаено жешка. Финската престолнина Хелсинки, на пример, го забележа најтоплиот јуни од 1844 година. Врнежите пак, ги уриваат рекордите.

Иако истражувачите со децении предвидуваа временски нарушувања од климатските промени, некои велат дека сепак ги изненадила брзината со која се случуваат ваквите крајности. „Се плашам од тоа што се случува толку брзо“, вели Хејли Фаулер, хидроклиматолог од Универзитетот Њукасл во Британија, истакнувајќи ги „сериозно рекордните настани низ целиот свет и тоа само за неколку недели“.

САД и ЕУ ја обновуваат соработката за климатските промени

Други, пак, велат дека врнежите не биле толку изненадувачки, но дека големиот број на жртви сугерира дека областите немаат ефективни системи за предупредување и евакуација за да се справат со екстремните временски настани. „Врнежите од дожд не се еднакви на катастрофа. Она што навистина вознемирува е бројот на жртвите. Тоа е повик за будење“, вели Туми.

Портпаролот на Светската метеоролошка организација Клер Нулис пак смета дека иако Европа е подготвена „во целост“, таа тешко може да се справи со екстремни настани, како што беа минатонеделните кога за два дена наврна дожд колку за два месеца. Според неа, треба да се засилат климатската акција и нивото на амбиција:

„Не правиме доволно за да останеме во рамките на целите на Парискиот договор и да ги одржуваме температурите под 2 Целзиусови степени, дури и 1,5 степени Целзиусови, до крајот на овој век“.

Таа исто така потсети дека покрај поплавите загрижува и невообичаеното топло време во делови на Скандинавија. „Кувола Анјала, на југот на Финска, забележува температури над 25 степени Целзиусови скоро 27 последователни дена. Ова е Финска, не е Шпанија, не е Северна Африка“, вели Нулис.

Европејците се загрижени

Катастрофалните временските услови се случуваат во време Европската унија подготвува драстични планови кои чинат милијарди евра за да ги ограничат климатските промени кои пак, според Европејците, се најсериозниот проблем во светот.

Девет од десет граѓани на ЕУ сметаат дека климатските промени се сериозен проблем, а осум од десет испитаници сметаат дека се работи за многу сериозен проблем, објави Европската комисија.

На прашањето кој е единствениот најсериозен проблем со кој се соочува светот, 29 проценти од испитаниците ги издвоиле климатските промени, влошувањето на природата или здравствените проблеми поради загадувањето.

Специјалната студија на Европската комисија исто така покажа дека девет од десет Европејци се согласуваат дека емисиите на стакленички гасови треба да се сведат на минимум. Во исто време, 87 проценти сметаат дека ЕУ треба да постави амбициозни цели за зголемување на употребата на обновлива енергија, а истиот процент смета дека е важно ЕУ да обезбеди поддршка за подобрување на енергетската ефикасност.

81 процент се согласуваат дека чистата енергија треба да добие поголема јавна финансиска поддршка, дури и кога тоа доведува до намалување на субвенциите за фосилни горива.

Меѓутоа, климатскиот пакет на ЕУ беше критикуван од индустријата, која стравува дека ќе ја загрози конкурентноста на економијата, но и од еколошките организации, кои сметаат дека ЕУ не оди доволно далеку и предупредуваат на можни социјални последици.

Кина го стартуваше системот за тргување со јаглерод

На 14 јули, Европската комисија усвои пакет со цел усогласување на главните политики на ЕУ со цел намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 насто до 2030 година од нивото во 1990 година.

Одобрување и критики

Германскиот министер за економија Питер Алтмајер го поздрави новиот пакет мерки за климата на Европската комисија како „амбициозен, детален и конструктивен!“. Но додаде дека мора да постои можност за верификација и модификација и не ја исклучи можноста од контра-предлози за спроведување на одредени мерки.

Сепак, министерот предупреди и дека не смее да се заборави на конкурентноста на компаниите и да се дозволат добрите намери да доведат до преместување на работните места од ЕУ, што, како што рече, нема да има корист ниту за климата, ниту за Унијата.

Тој особено ги критикуваше плановите за автомобилската индустрија, наведувајќи дека „фактичката забрана за мотори со внатрешно согорување“ претставува „погрешен одговор на климатските побарувања во сообраќајот“ и дека наместо тоа треба да се користат сите достапни технолошки опции.

Од друга страна, германското здружение за животна средина Дојче Умвелтхилфе ги критикуваше мерките поврзани со транспортот на Европската комисија како недоволни.

„Горните граници на СО2 за автомобилите нема да се променат ништо до 2030 година, така што загриженоста за автомобилите ќе може да фрли друга генерација на климатски убијци на нашите патишта“, рече шефот на ова здружение Јирген Реш. Тој исто така проценува дека е предоцна 2035 година, да биде краен рок за деактивирање на моторите со внатрешно согорување.

Планот на ЕК предвидува и заострување на постојниот систем на трговија со емисии и овој механизам ќе се прошири и на поморскиот транспорт, а воспоставен е и посебен систем што ќе вклучува згради и патен сообраќај.

Француското Министерство за еколошка транзиција соопшти дека „има резерви во однос на оправданоста на овие мерки и нивните последици врз домаќинствата и малите бизниси“ и најави дека ќе работи на „одржување на социјалната правда во центарот на климатските активности“.

„Намалувањето на емисиите е клучно за забавување на климатските промени“, смета Стефан Рамсторф, океанограф и научник за клима во Постдамскиот институт за истражување на влијанието на климата.

„Веќе имаме потопол свет со топење на мраз, издигнување на морињата, поекстремни временски настани. Тоа ќе биде со нас и со следните генерации“, вели Рамсторф.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG