Достапни линкови

Киргистан - време за вистински промени?


Протест во Бишкек, Киргистан

Киргистан е во средина на својата трета револуција од 2005 година и веќе се појавија истите важни прашања - кои ќе бидат новите лидери и како ќе ја придвижат земјата напред? Овој пат, сепак, се чини дека „старите“ начини нема да успеат.

Многу приврзаници на 12-те опозициски партии кои учествуваа на парламентарните избори на 4 октомври излегоа за да гласаат за промени во раководството и за промени во начинот на водење на земјата.

Овие гласачи беа разочарани што од четирите партии кои освоија места во парламентот три се провладини за кои многумина во Киргистан велат дека победиле со купување гласови и користење државни ресурси.

Едно нешто на Киргистанците им се чинеше сигурно, а тоа е дека нема да има никакви позитивни промени од парламент преполн со луѓе лојални на претседателот.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите по спорните избори во Киргистан
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Едвај 24 часа по објавувањето на првичните резултати од гласањето, демонстранти упаднаа во зградата на парламентот и седиштето на државната телевизија, ја растурија канцеларијата на претседателот и ослободија некои од поранешните политичари.

Поништени изборните резултати во Киргистан

На 6 октомври, група лидери на опозицијата се состанаа и најавија формирање Координативен совет од претставници од осум од 16-те политички партии кои се натпреваруваа на парламентарните избори.

Лидерот на Бургин (Обединет) Киргистан, Адахан Мадумаров, беше избран за претседател на советот, а покрај него на фотографиите беа познати лица од други политички партии. На некој начин, можеби премногу познати.

Познати лица, повторно

Во март 2005 година, вистинска народна револуција го симна од власт првиот претседател на Киргистан, Аскар Акаев.

Тој постепено ја концентрираше власта во неговите раце и кога две од неговите деца се кандидираа за места во парламентот на изборите во 2005 година, тоа беше премногу за Киргистанците.

Тогаш ниту една опозициска партија не ги водеше протестите. Сето тоа го постигнаа обичните граѓани со помош на групите на граѓанското општество.

Опозициските лидери се обидоа да се „возат на овој бран“, но кога на 24 март Акаев избега од земјата, ниту еден лидер не се појави како водечка сила за таа револуција.

Сепак, опозицијата формира нова влада.

Во процес кој сè уште не е јасен, неколкумина од овие лидери го избраа поранешниот премиер Курманбек Бакиев за вршител на должноста премиер, а подоцна и за главен претседателски кандидат на предвремените избори што Бакиев лесно ги освои во јуни 2005 година.

Бакиев, за возврат, назначи други опозициски лидери и политичари ветерани на клучните места во владата.

Курманбек Бакиев
Курманбек Бакиев

Но, не помина многу време и луѓето видоа дека нема вистинска промена, бидејќи Бакиев започна да ги користи истите коруптивни практики како и човекот што го замени.

Некои луѓе дури рекоа дека Киргистан едноставно го замени „А“, што значи Акаев, за „Б“, што значи Бакиев.

На Киргистан не му беше подобро под водство на Бакиев отколку што тоа го правеше под времето на Акаев, и навиката на Бакиев да носи пријатели и членови на семејството во владата - како на пример, ставање на неговиот тогаш 32-годишен син Максим на чело на економијата на земјата - ги натера луѓето да почнат да бараат промени.

Протести против изборните резултати во Киргистан

Но, луѓето кои обично донесуваа одлуки беа истите имиња и лица кои луѓето во Киргистан ги знаеја многу години.

Бакиев беше симнат со револуцијата во април 2010 година. Таа револуција беше локализирана и првенствено се случи во два северни града - Бишкек и Талас - во период од нешто повеќе од 48 часа.

Тоа беше предизвикано од опозициски фигури, како што се лидерот на Ата-Мекен, Омурбек Текебаев и лидерот на Социјалдемократската партија, Алмазбек Атамбаев.

Бакиев избега од главниот град и на крајот од земјата. Текебаев, Атамбаев, поранешната министерка за надворешни работи Роза Отунбаева и некои други познати врвни опозициски фигури ја презедоа контролата.

Уставот беше изменет за да му се даде на Киргистан парламентарна форма на управување и беше постигнат одреден напредок кон таа цел, но целокупниот систем на управување остана претежно ист.

Киргистан тонеше од 2011 до 2017 година, кога Атамбаев беше претседател, а земјата продолжи по тој курс откако Соронбаи Јенбеков беше избран за претседател во 2017 година. За сето тоа време, оние што донесуваа одлуки, уште еднаш, претежно беа истите имиња и лица кои луѓето во Киргистан ги знаеја многу години.

Киргистанска револуција 3.0

6 октомври беше хаотичен ден во Бишкек. Очигледно е дека никој во моментот не ја контролира ситуацијата.

Но, во конфузијата, постои опасност и промените што многумина ги сакаа кога гласаа, да бидат игнорирани.

Координативниот совет се чини дека е старата група која повторно се издигнува на врвот, и уште еднаш многу од нив се со истите имиња и лица кои луѓето во Киргистан ги знаат многу добро.

Затоа, не е ни чудо што неколку младински групи одржаа собир на 6 октомври на кој повикаа на лустрација и ги побараа од луѓето што се обидоа да формираат нова влада да вклучат повеќе млади луѓе во процесот на донесување одлуки.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG