Достапни линкови

Кандидатските листи свежи, изборниот модел бајат


Архивска фотографија од гласање во Собранието.

Ретко кој од досегашните пратеници се најде на листите на партиите за овие избори. Тие сега нудат „свежи“ имиња, кои не се толку познати на јавноста, затоа пак поизвикани имиња може да се најдат на листите на вонпарламентарните партии кои ќе учествуваат на изборите. Најголемите играчи на политичките партии после изборите се инсталираат веднаш во владата, а собранието пак останува второстепен орган на државната власт, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски. Изборниот модел е виновник што со години имаме неквалитетна понуда на пратеници, вели поранешниот пратеник Насер Зибери.

Пратенички листи со нови имиња од кои поголемиот дел се непознати за пошироката јавност. Големите партии менуваат и над 80 отсто од досегашниот парламентарен состав. Листите ги предводат познати личности во политичкиот и јавниот живот, но потоа на листите следува „свежа“ крв.

Од политичките лидери само претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не предводи пратеничка листа. Листите на останатите парламентарни партии ги предводат партиските лидери, сегашни и поранешни министри, професори и активисти. Повеќе личности од јавниот живот се чини ги сочинуваат листите на вонпарламентарните партии кои претендираат да влезат во Собранието. Па на тие листи може да се сретнат познати професори, адвокати, лекари, граѓански активисти, организатори на протести, луѓе од јавниот живот. На изборите закажани за 15 јули ќе учествуваат вкупно 15 политички субјекти, од кои четири коалиции. Но и на овие избори нема независни кандидатски листи, оти никој не успеа да ги собере потребните гласови.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски вели дека години ќе поминат додека пратениците да бидат главен фактор во државата. Собранието честопати е доведено во позиција само да ги помине одлуките што ќе ги донесе владата и до ден денес таа претстава за Собранието не е сменета, а не се менува ниту односот на политичките партии кон Парламентот како највисоко законодавно тело, вели тој.

„Најголемите играчи на политичките партии, раководствата, тие по изборите се инсталираат веднаш во владата, а собранието пак останува, да кажам, според својата важност второстепен орган на државната власт“, вели Петковски.

Тој вели дека ние сме далеку од демократската свест и култура според која пратениците во парламентот навистина ќе ги преставуваат граѓаните, наместо да ги застапуваат ставовите на партијата.

„Стегите во политичките партии се пресилни и луѓето кои не ги спроведуваат ставовите на политичките партии и не ги извршуваат буквално речено наредбите, раководствата на политичките партии тие луѓе политички ги дискредитираат, не ги играат, не ги избираат на избирачки листи, на функции и така натаму“, вели Петковски.

Пратеничките листи со нови луѓе за исти политики

ВМРО-ДПМНЕ од досегашниот свој партиски состав во Собранието во кој имаа 36 пратеници задржаа само седум. СДСМ, пак, од своите партиски редови досега имаа 35 пратеници, а од нив за во следните четири години кандидираа 11 пратеници. ДУИ за овие избори ќе се натрпеварува во сите шест единици. Од нивните досегашни 10 пратеници, во игра за во новиот состав остануваат само партискиот лидер Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери. На кандидатските листи сега како предводници се и сегашни и поранешни министри, актуелни градоначалници, поранешниот градоначалник на Чаир и партиски потпретседател Изет Меџити, сегашниот директор на Центар за јавно здравје Арбен Зибери, кој во последно време поради коронакризата е се поприсутен во јавноста, потоа граѓанската активистка Мери Николова Буџаку.

Алијанса за Албанците на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши кои во колаиција ќе настапат на изборите, предводат избирачки листи, дел од нивните досегашни пратеници се најдоа на листите, но дел не. Од Алијансата најавија дека на избори ќе одат со личности кои веќе се познати и „уживат голема популарност кај албанското гласачко тело во државата“, набројувајќи доктори, професори, магистри.

Од познати личности, на листата на ВМРО-ДПМНЕ, носител на листа е оперскиот пејач Игор Дурловски. На листата на новоформираната „Твоја“ партија се имињата на професорите Мирјана Најчевска, Ѓорѓе Марјановиќ, адвокатот Александар Тортевски. Доктор Тодор Ношпал се трка за „Глас за Македонија“. Водачите на протестите „Уа лопови“, се на листата на ГДУ. Нов обид за влез во Собранието прави и „Левица“. За пратеници се натпреваруваат и Јанко Бачев и Јове Кекеновски како дел од „Единствена Македонија“.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека изборниот модел во земјава е проблематичен, па откако се применува пропорционалниот модел со затворени листи во Македонија има проблем со квалитетот на претставување на граѓаните.

„Овој модел диктира послушност и дисциплина во партиските редови и секој што има намера да се кандидира треба да биде послушен на партиските структури, на лидерот. Тие партиски структури обично се склони да најдат луѓе кои што ќе бидат послушни, а не индивидуалци, луѓе кои ќе се наметнат со свое мислење“, вели Зибери.

Лидерите договараат и издаваат наредби, пратениците гласаат

Во Македонија Собранието не функционира од 16 февруари, кога пратениците се самораспуштија за да се одржат предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април. Поради корона-кризата избори беа одложени, а неделава партиите се договорија тие да се одржат на 15 јули. Тогаш ќе се избира десеттиот парламентарен состав.

Собранието добива едвај преодна оценка

Досегашниот состав, според анкетата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, си заминува со оценка 2,6 на скала од 1 до 5. Анкетата спроведена од 17 февруари до 6 март годинава покажува дека над 70 отсто од граѓаните сметат дека избраните претставници во Собранието секогаш тргнуваат од своите лични или интересите на својата политичка партија, додека половина од граѓаните сметаат дека пратениците само понекогаш ги имаат предвид интересите на граѓаните. Според анкетата, над две третини од граѓаните се убедени дека во извршувањето на своите функции Собранието е до извесен степен контролирано од страна на Владата, и покрај тоа што уставната надлежност на законодавниот дом го предвидува токму спротивното, законодавниот дом да ја избере и да врши политичка контрола и надзор над Владата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG