Достапни линкови

Датумот за избори и политичките драматурзи


Архивска фотографија- лидерска средба во вила Водно

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска најавуваат дека ќе ги соопштат своите позиции за датумот за предвремените парламентарни избори. Разликата меѓу двете страни сега се сведе на десетина дена.

Двете партии со спротиставени ставови за датумот на кој би се одржале предвремените парламентарни избори, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за денеска ги најавуваат своите ставови. Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера ги соопшти своите позиции, односно избори кон средината на јули со исполнување на два услова- присуство нацелосна мисија на ОБСЕ и ОДИХР и имплементација на протоколите за заштита при гласање кои ВМРО-ДПМНЕ ги предложила, денеска, по состаноците на партиските тела се чека на одговорот од СДСМ.

Од владејачката партија, пак, инсистираат изборите да се одржат 22 дена по престанокот на вонредната состојба, односно на петти јули, а партискиот лидер Зоран Заев рече дека е можно поместување на осми јули.

По информациите во дел од јавноста дека двете страни разговараат за постигнување на договор за датум од СДСМ велат „продолжуваме со барање решенија ова да се реализира на најбрз можен и целосно демократски начин“.

Мицкоски, пак, смета дека изборите треба да бидат десетина дена подоцна од првиот датум, односно околу 15 јули. На власта и даде рок до вчера да го соопшти ставот, а на прашањето дали е можен бојкот тој рече дека идните чекори ќе се договараат на Централниот комитет на партијата чиј состанок е закажан вечерва во 19 часот. Во очекување на позицијата на власта, а и на одлуките на нивното партиско тело, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и денеска ги повтори условите.

„Ако се исполнат условите за востановена набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР и воведување на сериозни здравствени протоколи за изборната кампања и денот на гласање ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули“, рече Милошоски.

Инаку, ОБСЕ/ОДИХР веќе распиша конкурс за ангажирање на експерти кои треба да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори, како што е наведено од меѓународната организација, на 5 јули.

Во конкурсот објавен на нивната веб страница се наведува дека по покана од С. Македонија за набљудување на изборите и во согласност со мандатот што го има ОДИХР, се подготвуваат да распоредат Специјална мисија за проценка на изборите. Конкурсот трае до 16 јуни, а избраните кандидати во Македонија треба најрано да пристигнат на 19 месецов.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира набљудувачите да бидат пристигнати и да почнат со работа од првиот ден на кампањата. Ако изборите, пак, се одржат на петти јули тогаш кампањата почнува денеска, односно дваесет дена пред изборите, а набљудувачите би стигнале четири дена подоцна.

Во однос на протоколот за гласање Комисијата за заразни болести го подготви пред повеќе од еден месец, односно на 14 мај. Во него е предвидено при собири и настани да се одржува физичка дистанца, да се носи заштитна маска и да се врши дезинфекција на рацете, а на денот на гласањето членовите на гласачки одобри и набљудувачи да носат заштитни маски и ракавици, просториите да бидат со отворени прозорци или да се проветруваат, да има средства за дезинфекции.

Комисијата предвидува гласачите да чекаат надвор во дистанца од два метри, а на гласачките места да нема повеќе гласачи од број на боксови за гласање.Но во меѓувреме бројот на заболени од коронавирусот во земјава драстично се зголеми, така што можни се промени во протоколот.

Инаку вонредната состојба прогласена поради коронавирусот во земјава престана во саботата, откако претседателот Пендаровски не донесе нова одлука за вонредна состојба со што го отвори патот за избори.

Првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. До нив дојде по инсистирањето на откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG