Достапни линкови

Пратеничките листи со нови луѓе за исти политики


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со целосните пратенички листи, а на нив поголем дел се нови имиња непознати за пошироката јавност. ДУИ и Алијансата за Албанците ги прават последните подготовки за целосните листи, а аналитичарите сметаат дека постојаното поставување нови кадри не е добро за демократијата.

Не многу познати имиња во досегашниот политички живот може да се најдат на објавените листи со кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Двете партии ги објавија своите кандидати, а листите, според изборниот законик, треба да ги достават најдоцна до 12 март на полноќ за парламентарните избори кои ќе се одржат на 12 април.

ВМРО-ДПМНЕ од досегашниот свој партиски состав во Собранието во кој имаа 36 пратеници задржаа само седум. СДСМ, пак, од своите партиски редови досега имаа 35 пратеници, а од нив за во следните четири години кандидираа 11 пратеници. Според некаква проценка, со новите листи партиите всушност менуваат околу 80 отсто од досегашниот парламентарен состав.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија постојаните смени на пратениците не се многу добар сигнал за македонската демократија. Ова, вели тој, е потврда и дека одлуките за тоа кој ќе биде на листа се носат само од партиските лидери и блиските на нив и сугерира дека она кон што треба да цели државата се отворените листи и промената на изборниот модел.

„Ова прави и институционален прекин во работата на Собранието, одново и одново нови луѓе влегуваат во Собранието со никакво искуство во него и допрва треба да се запознаваат со процедури, закони и процеси на креирање политики, а сето тоа влијае и на квалитетот на законодавната работа. Од друга страна, мислам дека и се демотивираат и пратениците да работат во најдобар интерес на граѓаните оти потоа, на крајот, од партијата зависи дали ќе бидат избрани или не“, вели Трошановски.

Нови лица по избор на лидерот

Споредбата во составот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 до 2020 година и оваа сега предложената листа покажува дека партискиот лидер Христијан Мицкоски се одлучи да не кандидира пратеници со долг стаж кои се и препознатливи партиски ликови, како Илија Димовски, Владимир Ѓорчев, Трајко Вељаноски. Доста коментари во јавноста, пак, предизвика кандидирањето на поранешниот новинар и пратеник во претходен состав по предлог на СДСМ Сафет Бишевац, сега на листата на ВМРО-ДПМНЕ.

Речиси слични коментари предизвикаа други трансфери на пратеници во спротивна насока, од ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ. Панчо Минов и Зеќир Рамчилович, во минатото жестоки критичари на Зоран Заев како опозиционер, сега се нудат како решенија од владејачката партија. Во листата на СДСМ сега ги нема Александар Кирацовски и Фросина Ременски, двајцата споменувани во јавноста поврзано со случајот „Рекет“, но некои други попознати пратеници како Хари Локвенец, Ѓулумсере Касапи и други.

„Генерално во македонската политика постои и еден феномен на ново дете. Значи во отсуство на резултати, спроведување на политики кои би резултирале со промени, развој и подобрување на состојбите во земјата постоечките политички кадри се брзо потрошливи и постои јавен притисок за промени, ама партиите не се одлучуваат на промени во политиките и постигнување на резултати, туку во промена на кадрите“, вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски.

И кај партиите на Албанците комбинациите се слични па ДУИ најави дека околу 90 отсто од нивните кандидати ќе бидат нови лица, иако носителите на листи, како што јавија дел медиуми, Али Ахмети, Талат Џафери, поранешниот министер Беким Незири, актуелниот министер Арбр Адеми, поранешниот градоначалник Изет Меџити се носители на листите. Алијанса за Албанците на Зијадин Села, пак, најави дека ќе одат со личности кои веќе се познати и „уживат голема популарност кај албанското гласачко тело во државата“, набројувајќи доктори, професори, магистри.

Носители - кај ВМРО-ДПМНЕ голема промена, СДСМ со континуитет

Од носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори во 2016 година ниту еден не е повторно носител, а од нив за пратеник е кандидиран само Антонијо Милошоски. Пред четири години носители на ВМРО-ДПМНЕ беа Никола Груевски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Илија Димовски, Владимир Ѓорчев и Милошоски. Сега Мицкоски ги предложи Гордана Сиљановска Давкова, Владо Мисајловски, Игор Јанушев, Александар Николовски, Игор Дурловски и Дафина Стојановска. Само таа е во моментов пратеник, двајца се партиски потпретседатели Мисајловски и Николовски, а Јанушев е партиски генерален секретар.

„Мислам дека Сиљановска- Давкова првенствено е таа која што би требало да повлече дел од конзервативните неопределени гласачи, а и номинацијата на Дурловски оди во таа насока, тој се смета за симбол на отпорот кон промената на името. Мислам дека комбинацијата од овие два носители цели на конзервативните неопределeни гласачи и порадикалните гласачи кои застанаа зад одбраната на името“, вели Трошановски.

СДСМ, пак, во однос на носителите на листи има сосема мали промени. Во единицата во 2016 година носител беше актуелниот претседател Стево Пендаровски, а сега е актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Во втората, третата, четвртата и петтата носителите со исти - Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, а разлика има во шестката. Таму носител пред четири години беше актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, а сега ќе биде Биљал Касами, лидерот на Беса, коалициониот партнер на СДСМ.

Според Трошановски, СДСМ се одлучиле на таков потег поради тоа што главните носители на промените што ги направи владејачката партија, пред се на надворешен план кои се промовираат и како најголеми успеси се логично да бидат и носители на листи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG