Достапни линкови

Избори какви немало досега


Архивска фотографија- избирачко место

За еден месец гласачите ќе може да излезат на избирачките места на начин поинаков од оној на кој што досега имаа можност да бираат вкупно 21 пат, ако се соберат одржани парламентарни, локални и претседателски избори.

Дваесет и вторите избори по ред од добивањето на независноста се одржуваат во време на пандемија на коронавирусот, па различно е што гласањето ќе трае три дена. На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, а на 14 јули ќе гласаат немоќни и болни лица, хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите. На 15 јули гласањето ќе започне како и на досегашните избори во 07 часот, но ќе трае два часа подолго до 21 часот.

На избирачките места гласачите ќе ги дочека комисија со заштитни маски и ракавици, а мора да има обезбедено и средство за дезинфекција за што е задолжено Министерството за здравство. Според протоколот кој го изготви Комисијата за заразни болести, уште пред еден месец, прозорците во просториите за гласање треба да бидат отворени, да има потребна физичка дистанца меѓу членовите на избирачките одбори, гласачите ќе чекаат надвор на дистанца од два метра, а во изборните места нема да има повеќе гласачи од број на боксови за гласање.


Изборите првично закажани за 12 април, а одложени поради пандемијата на коронавирусот, сега се и формално закажани за на 15 јули. Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа го потпишал решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори.

„Истото е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот“, информира Џафери.

Во меѓувреме, иако официјално изборната кампања започнува на 24 јуни, партиите веќе ја расжестија реториката.

Кој со што ќе настапи?

Најдалеку во промоцијата на својата кампања засега отиде ДУИ. Нивната позиција, дека е дојдено време за премиер Албанец, под мотото Pse jo?, односно Зошто не? ја промовираа на билборди, преку светлечки сигнали на скопското кале, преку графити, а имаат изработено и песна со таа содржина.

Партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ од кога се договори датумот за избори на социјалните мрежи на Фејсбук почнаа да споделуваат интернет страница „Крај на заевизмот“ на која се одбројуваат денови и часови до денот на изборите. СДСМ се фали мерките за справување со коронавирусот.

На еден месец пред изборите политичкиот аналитичар Насер Зибери смета дека овие избори ќе имаат специфика и во темите кои ќе ги застапуваат партиите.

„Мислам дека на овие избори ќе провејуваат стандардните теми, како економијата, образованието,но ќе има и две прашања кои ќе бидат специфика на овие избори- прашањето на епидемијата и договорите со Грција и со Бугарија“, вели Зибери.

Поконкретно, тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори ќе ја напаѓа власта за договорите со двете соседни земји, власта ќе се фали се приемот во НАТО и напредокот кон ЕУ и со мерките за справување со последиците од коронавирусот , ДУИ ќе се приклучува кон овие теми, но ќе ја форсира и својата, за премиер Албанец, а Алијансата за Албанците, смета Зибери, ќе ја напаѓа ДУИ за неуспехот и во борбата против епидемијата, земајќи предвид дека на неколку клучни позиции се кадри од ДУИ.

И кампањата поинаква

Но, сите овие пораки, наместо на големи партиски собири, какви што вообичаено се организираа на претходните избори, партиите ќе треба да ги пренесат според протоколи, со маски, на физичка дистанца и без големи митинзи.

Министерот за здравство Венко Филипче упати апел до сите политички чинители за спроведување на целиот изборен процес без загрозување на здравјето на граѓаните.

„Жарот на политичката битка не смее да го надвладее разумот и во ниту еден момент политиката не смее да се исправи пред здравјето на граѓаните“, наведува Филипче.

За три дена, односно на 19 јуни во земјава ќе пристигне и набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни. Специјална изборна оценувачката мисија на организацијата ќе се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес.

До изборите, пак, дојде по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид - 19

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG