Достапни линкови

СДСМ - „на сигурно“, ВМРО ДПМНЕ - „лагите на Заев“


Поради пандемијата на коронавирус, се очекува неопределените да бидат помалку мотивирани да излезат на гласање, па кампањата на двете најголеми партии се базира врз тоа да ги убедат сопствените поддржувачи да гласаат на изборите, вели експертот за политички маркетинг, Петар Арсовски.

Драстично различни кампањи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за драстично различна публика. СДСМ на изборите оди „на сигурно“, со видео спотови во кои се нагласува сработеното и кои треба да ги истакнат нивните ветувања. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оди со спотови кои со иронија и хумор ја критикуваат власта, пред сè лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Главен фокус во спотовите на опозиција се „лагите на Заев“ и повреденото национално достоинство по договорите со Грција и Бугарија. Владејачката партија, пак, се фали се членството во НАТО, инвестиции во инфраструктурата, раст на платите...

Петар Арсовски, експерт за политички маркетинг, вели дека и двете партии водат полунегативна кампања која е релативно стандардна.

„Кај ВМРО-ДПМНЕ се забележува дека имаат малку понеконзервативна кампања, малку повеќе за привлекување внимание, која е се разбира и контроверзна и привлекува и едни и други емоции од електоратот. Кај СДСМ се забележува една побезбедна варијанта на попозитивна кампања која се фокусира на нивните постигнувања“, вели Арсовски.

Тој посочува дека во оваа кампања главните партии најмногу се фокусираат на своите традиционални гласачи, а не на неопределените.

„Поради ситуацијата со ковид-19 и очекувањата за намалена излезност, се очекува дека најголемиот дел од оние гласачи кои ќе излезат се партиски определени гласачи и дека неопределените имаат помал мотив да излезат на гласање. Оттаму мислам дека партиите ќе ја модифицираат својата комуникациска стратегија најмногу да се обраќа на своите партиски поддржувачи, во обид да ги изнесат на гласање“, вели Арсовски.

Специјалистот за маркетинг и односи со јавност Борис Ефтимовски потсетува дека СДСМ ја почна кампањата со компаративен видео спот кој треба да направи споредба на лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ и добрите работи што ги направиле тие за време на владеењето. Вредно да се нагласи во нивната кампања е што е најинклузивна досега, ја водат паралелно и на албански јазик, и афирмираа свои членови од различни етнички заедници, вели тој.

„Од ова што досега имавме прилика да го видиме кај СДСМ, главната порака на оваа кампања ќе биде да се анимираат неопределените гласачи, да излезат во што поголем број, за да не се врати нивниот политички ривал“, вели Ефтимовски.

ФОТОГАЛЕРИЈА - Избори 2020

Од друга страна, вели тој, ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата со видео спот како дел од негативната кампања против власта, но потоа почна и со спотови за тоа што би направиле ако дојдат на власт.

„Видео-спотовите коишто беа објавени досега предизвикаа реакции на социјалните мрежи поради нивната содржина и приказ на штетата од нивните политички ривали, како и за поради користениот стил на хумор и иронија, коишто не се нешто вообичаено кое досега сме имале прилика да го гледаме во Македонија. Дали со овој пристап ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демотивира неопределените за партијата да бенифитира од нивното традиционално подисциплинирано гласачко тело, останува да видиме во наредните денови“, вели тој.

Ефтимовски очекува при крајот на кампањата ВМРО-ДПМНЕ да почнат со попатриотски елементи во кампањата за мобилизација на своето традиционално гласачко тело.

Паралелно со официјалната кампања, на социјалните мрежи се води и валкана кампања со објавување на нелегално снимани разговори и за едната и за другата страна. По правило ваквите разговори се објавуваат анонимно и партиите официјално не застануваат зад нив.

Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 15 јули.До изборите пак, дојде откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид – 19.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG