Достапни линкови

Политичарите ја нагазија Битола за време на кампањата


Парламентарни избори 2020

И по четворица носители на листи со активности во еден ден во Битола. Некои ветуваат подобро здравство, други патишта, трети почист воздух.

Здравството, екологијата и патната инфраструктура се во фокусот на ветувањата на носителите на кандидатските листи во петтата изборна единица, со која е опфатена и Битола, на претстојните парламентарни избори. Од Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во услови на пандемија земјата има колабиран здравствен систем.

„Се прашувам дали ги паметите билбордите со кои не тераа да гласаме на референдум? На кој на прашуваа едно, за да спроведат друго. Ни ветуваа бесплатно здравство, јас прашувам каде е денес тоа здравство? Не предадоа, не разнебитија. Видовме само бескрупулозна злоупотреба на власта, рекет, реваншизам, непотизам, колабиран здравствен систем“, обвини Игор Дурловски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во петката.

Првиот човек на листата на Коалицијата „Можеме“ на СДСМ во оваа изборна единица, Радмила Шекеринска, заменик претседател на сегашната Влада, во Битола изјави дека во изминатиот период многу вложиле и ја вратиле довербата во здравството.

„Ја вративме целосно довербата во здравството. Во следниот мандат ќе покажаме дека можеме повеќе и во делот на здравството. Како што ги укинавме квотите, сега ќе ја збогатуваме позитивната листа во здравство, на начин што ќе вградуваме нови подобри терапии кои ќе дадат повеќе шанса за сите оние кои се соочуваат со здравствен проблем. Ќе обезбедиме Брзата помош во градските средини да пристига за 10 минути, а во руралните најмногу за 20 минути. Нашиот фокус е во следниот мандат 33 милиони евра да ги насочиме кон целосна реконструкција и опремување на сите одделенија за интензивна нега, па ќе обезбедиме и за следниот бран на коронавирусот да ги имаме неопходните капацитети“, рече Шекеринска.

За што ги трошат парите општините?

Битолчани свој претставник имаат и на листата со кандидати на „Македонски концепт“. Тодор Ивановски познат НВО активист и културен работник, вели дека ќе се бори најмногу за екологијата.

„Она за што најповеќе ќе се борам е воведување на највисоки еколошки стандарди при производство, изградба и при користење на сообраќајни средства зашто нашиот град ја има таа болка со загадувањето и големиот број на смртни случаи кои доаѓаат од таквото загадување и несериозниот однос кон екологијата. Воведување на највисоки стандарди и Министерството за екологија да стане најреспектабилно европско министерство, а не со површен однос и да се доделува на некој коалиционен партнер колку да се здобие некој со министерско место“, рече Ивановски.

Доверба во Битола бара и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како носител на листат на ДУИ во петтата изборна единица. Тој ветува дека ќе се залага за сите жители во петката без разлика а етничката припадност.

„Како носител на листа ја користам можноста да ги поминам сите населби, да ги посетам повеќе граѓани без оглед на припадноста зашто по изборите секој еден кој ќе добие мандат е претставник на изборната единица, а не на дел од единицата. Ќе настојувам да ги застапувам интересите на граѓаните во целина. Како пратеник, заменик министер за одбрана, па министер за одбрана, претседател на Собрание мислам дека докажав дека работам во името на граѓаните и за граѓаните и тоа е основна цел“, рече Џафери.

Политичарите ја нагазија Битола за време на кампањата, се случува во еден ден да организираат настани дури по четворица носители на листи, очигледно Битола им е меѓу центрите со посебна важност како гласачко тело.

XS
SM
MD
LG