Достапни линкови

Кампањата е веќе црна иако почнува денеска


Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Владејачката СДСМ се фали со постигнатото досега, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува. Но и кај двете партии не изостанува меѓусебното оцрнување. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не пропушта шанса да го нападне неговиот ривал од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој пак на подеднаков начин возвраќа.

Изборната кампања и официјално почнува, иако политичките партии уште од пред неколку месеци ги користат сите можни начини за нивно промовирање кај гласачите. И покрај пандемијата со коронавирусот и отсуството на традиционална кампања со митинзи и одење од врата на врата, партиите се креативни и досега можеа да се забележат билборди, герила акции, прислушувани разговори, летоци, а последно и промотивни видеа и слогани на социјалните мрежи. Во последните денови станува јасно дека партиите своите програми ќе ги промовираат и меѓу народот.

Владејачката СДСМ се фали со постигнатото досега, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува во ловот на гласови. Но и кај двете партии не изостанува меѓусебното оцрнување. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не пропушта шанса да го нападне неговиот ривал од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој пак на подеднаков ист начин возвраќа.

Слоганот на владејачката СДСМ за изборите е „Одиме на победа. Можеме. Уште повеќе. Уште подобро“. Заев изминатиот викенд ја посети браната Конско, а направи увид во градежни работи на експресниот пат Штип-Крупиште и патот Крива Паланка-Ранковце. Заев порача дека СДСМ нуди одговорна власт и сигурна иднина, а ВМРО-ДПМНЕ е опасност за државата.

„Имаме јасна визија за тоа каде треба да биде нашата Република Северна Македонија во 2024 година и посветено работиме на тоа, водејќи се строго од националните и државни интереси. Од другата страна стојат Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои не нудат ништо освен враќање на режимот“, рече Заев.

На терен беше и Мицкоски најпрвин во посета на Струмица, а потоа и на средби со граѓани во Куманово и најави дека ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата за изборите ќе биде помеѓу граѓаните.

„Периодот којшто е пред нас ќе се обидеме ширум Македонија да ја презентираме нашата програма, да разговараме со што е можно повеќе сограѓани, да ги убедиме во нашата мисија, а тоа е најпрвин да ја поразиме СДСМ и Зоран Заев, а потоа да ја совладаме пандемијата со Ковид-19 вирусот“, рече Мицкоски.

СДСМ најави дека ќе води кампања која ќе биде без настани на отворено со повеќе од 50 граѓани во публика, како и без настани на затворено со повеќе од 30 граѓани во публика.

ВМРО-ДПМНЕ, според зборовите на Мицкоски е партија од народот и не може да води кампања позади екраните, туку ќе биде заедно со народот и ќе ги почитуваат протоколите за заштита на здравјето.

Кај двете партии од неодамна не изостануваат и ветувањата со што би го направиле животот на граѓаните подобар доколку донесат одлука на гласачкото ливче нив да ги заокружат. Нема целата кампања да се префрли на социјалните мрежи, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Мислам дека партиите ќе ги користат традиционалните медиуми, како и outdoor рекламирањето во оваа кампања. Преселувањето на кампањата на социјалните медиуми, односно ставањето на акцент на социјалните медиуми во основа и во најголем дел го следи квалитетот на дискурсот на традиционалните медиуми. Значи колку што е добар квалитетот на дискурсот на традиционалните медиуми, тука ги вклучувам и прес-конференциите и нападите, така ќе се преслика на социјални медиуми.

Според него, постои тенденција на социјалните медиуми кампањата да биде малку повалкана. Арсовски смета дека треба да се најдат соодветни канали за таргетирање на целата публика, која не е на социјалните медиуми, но повозрасните гласачи се веќе определени.

„Така што и покрај тоа што тие можеби нема да бидат толку вклучени во онлајн кампањата, најголем дел од нив веќе имаат одлучено дали ќе гласаат и за кого“, смета Арсовски.

Од ДУИ најавија дека официјално ќе ја започнат изборната кампања со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници во Преспа а ќе ја завршат во Охрид. Во фокусот ќе им биде идејата за Албанец премиер.

Изборната кампања официјално стартува на 24 јуни. По месеци несогласувања партиите се согласија изборите да се одржат на 15 јули. Два дена претходно, на 12 јули на полноќ, ќе настапи изборниот молк, а болните и изнемоштени лица, како и заразените од Ковид-19 и оние што се во самоизолација, ќе гласаат два дена, понеделник и вторник. Гласањето в среда на 15 јули наместо до 19 часот, ќе трае до 21 часот. Првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционираат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG