Достапни линкови

„Непослушни“ колку и заразени со коронавирус


Полициски час во Скопје

Најмалку два милиони евра ќе се слеат во државниот буџет од прекршителите на владините мерки за борба против коронавирусот. Заклучно со 29 април, бројот на прекршителите на корона-мерките, според податоците на Јавното обвинителство, е речиси ист како и на оние кои се дијагностицирани со КОВИД-19.

Од 17 март заклучно со 29 април, 1468 луѓе по разни основи ги прекршиле антикорона мерките, а до тој датум во земјава се регистрирани 1442 дијагностицирани со КОВИД-19.

Според податоците на Јавното обвинителство, најчесто за прекршителите обвинителствата побарале да бидат казнете со по 2000 евра. Има случаи кои се бараат и повисоки казни, како за лекарката од Кавадарци која не седела во изолација, иако имала член од семејството кој се вратил од странство. Лекарката не го почитувала тоа и одела на работа. За неа кавадаречкото обвинителство побара казна од 4500 евра.

За прекршителите на полицискиот час во Синѓелиќ, кои излегоа на протест по приведувањето на нивни соседи кои не почитувале полициски час, скопското обвинителство побара парична казна за 23 луѓе од по 3500 евра. За тројцата прекршители, поради кои настанал протестот, пак, се бара казна од по 5000 евра. Камионџија од Струга не почитувал мерка за самоизолација и се обидел да излезе од земјата за што се бара казна од 4000 евра. Дел од прекршителите се малолетни лица. Има и такви кои по неколкупати не почитувале самоизолација, а и такви кои, иако биле во државен карантин, се групирале по соби, па за „гостите“ се бараат казни по 2000 евра, а за домаќинот, односно оној во чија соба биле, казна од 3000 евра. За некои се бара и условна казна затвор. Има и такви случаи кога целото семејство се огрешило, па семејниот буџет го оштетиле за 10 илјади евра.

„Одмерување на казната е во надлежност на Судот и притоа се имплементираат одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, со тоа што при изрекување парична казна предвид се земаат имотната состојба на сторителот, неговите приходи, имот и неговите семејни обврски. При тоа, согласно член 205 од КЗ, на физичко лице за пренесување на заразна болест може да му биде изречена парична казна или затвор до три години. Доколку делото е сторено од небрежност, според став 6 од истиот член, пропишана е парична казна или затвор до шест месеци. Согласно член 206 од КЗ, за кој досега се обвинети сите лица по кои постапуваа обвинителствата и се однесува на непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, сторителот може да биде казнет со парична казна или со затвор до една година“, ни одговорија од Основното јавно обвинителство.

Обвинителствата најчесто бараат парични казни од неколку стотини па до 5000 евра. Анализата што ја направивме на податоците од Обвинителството покажуваат дека најмалку два милиони евра треба да се слеат во буџетот по основ на казни од прекршителите на мерките за заштита од коронавирусот. Но, оваа сума не е целосна, оти дел обвинителства не наведуваат точна сума, само предлагаат дневни глоби. Во тие случаи „ќе пресече“ Судот, а според Законот за кривична постапка една дневна глоба може да изнесува од 1 евро до 5000 евра.

Доколку ја земеме минималната сума од 1 евро во случаите за кои не е наведен износот, a само е даден предлог за дневни глоби, тогаш се добиваат уште најмалку 20 илјади евра.

Полиција и војска низ градовите во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:14 0:00

Основното јавно обвинителство Скопје побарало најмногу парични казни. Се бараат казни за 382 луѓе. Најниски казни од 200 до 600 евра бараат обвинителствата во Берово и Радовиш, највисоки струшкото обвинителство. Во Куманово, пак, кој е втор град по бројот на заразени, казните се во просек по 1000 евра, а обвинителствата во Тетово, Гостивар и Дебар не ги наведуваат сумите, туку само предлагаат до 100 дневни глоби без да наведат колку пари предлагаат да изнесува казната. Ако некој не ја плати глобата, ќе треба да одлежи толку денови затвор колку што се бара во предлог казната. На пример, ако се бара казна 100 дневни глоби, толку денови ќе треба да одлежи во затвор.

Полициски час - приведувања и протести

Дел од прекршителите не ја почитувале самоизолацијата, други не почитувале полициски час и се движеле низ државата, трети отворале угостителски објекти и служеле гости, иако тоа е забрането. Јавните обвинителства во земјата покренуваат предмети за прекршителите оти не ги почитувале членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, односно не ги почитувале мерките за заштита од заразна болест.

Социологот професор Ѓорги Тоновски вели дека и покрај исклучоците кои ги прекршуваат мерките и правилата, сепак поголемиот дел од луѓето ги почитуваат правилата на игра наметнати од коронавирусот.

„И покрај онаа наша позната комфорност, комодитет – Никој ништо не ми може, не слушам никого и си правам по свое, сепак една позитивна оценка би била пореална во оваа криза. Сфаќаме дека треба да одржуваме некои правила во оваа криза, заради тоа што тоа е во функција на што поскоро заминување на тој вирус“, вели Тоновски.

Според податоците од Основното јавно обвинителство, повеќето од оние кои направиле прекршоци го прекршиле полицискиот час.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG