Достапни линкови

Срцево заболените најтешко се справуваат со коронавурисот


Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта
Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Методите на лекување на заболените од коронавирусот делумно се променија, респираторите сега поинаку се користат. Од друга страна, податоците на Институтот за јавно здравје за изминатава недела покажуваат дека пациентите со срцевите болести најтешко се справуваат со болеста.

Изминатата недела беше регистриран најголем број на заразени од ковид-19 на неделно ниво покажува анализата на Институтот за јавно здравје. Од случаите кои се епидемиолошки истражени 17,4 проценти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Во Болниците низ земјава хоспитализирани се над 520 пациенти, а од нив на кислородна подршка се 168 и 19 на инвазивна и неинвазивна механичка вентилација односно на респиратори.

Употребата на респиратори од почетокот на пандемијата во лечењето на тешките клинички слики на заболените од коронавирусот се промени. Директорката на Инфективна Клиника Милена Стевановиќ вели ковид -19 се уште е една огромна непознатица за секој еден бел мантил, па од март до сега третманот на тешко заболените помина низ извесни промени.

„Навистина нема слово кое е напишано кое не сме го прочитале и апсолвирале во смисла на третманот на ковид. Но, истиве овие ставови многу фреквентно се менуваа во овие изминативе месеци. Така толку извиканите респиратори и потребата нивна верувам паметите колку беше хистерично во светот да се набави, која држава повеќе респиратори ќе набави да ги обезбеди своите здравствени институции со опрема која ќе им помогне на пациентите. Не помина долго време откако се смени ставот за потребата за респиратори. Ние тие машини ги користиме денеска но не со инвазивна туку со неинвазивна вентилација која му дава време и помош на пациентот да го внесе во организмот оној кислород кој му е неопходно, да му го олесни дишењето. Успехот на овој третман е многу поголем“, вели Стевановиќ.

Таа додава дека од почетокот на пандемијата кога респираторите масовно се употребуваа во лечењето, но со нив се појавија и ризици за медицинскиот кадар.

„Ќе ве потсетам на уште еден момент кој истото така беше многу фреквентно зборуван а тоа е искуството кое го земавме од Кина од Италија од првите земји кои се соочија со ковид кризата, и ширењето на аеро солите при ваква или таква вентилација па ставање во ризик на здравствениот персонал, па слушавме за бројки на здравствени работни кои кобно ја завршија ковид инфекцијата и на се тоа моравме да мислиме за да ги сочуваме сопствените здравствени капацитети како лекарски така и на средно медицински кадар и помошен кадар кој за нас е подеднакво значаен“, вели Стевановиќ.

Од друга страна пак, матичните лекари велат дека лекувањето на полесните симптоматски случаи не се промени многу, и за нив важата основните препораки, тие треба да седат дома со симптоматска и витаминска терапија добиена и да не контактираат до другите луѓе. Матичниот лекар Илир Лума посочува дека од почетокот на пандемијата се појавија многу комплицирани здравстевени состојби кај одредени пациенти со дополнителни симптоми.

„Како што се оние вулнерабилно население како стари над 65 години, потоа хронично болни кои со години се лечат од хроничен белодробен опструктивен бронхит, бронхијална асма, висок крвен притисок, дијабетичари, кардиоваскуларните заболени, за жал кај нив имаше многу потешка и покомплицирана клиничка слика и тие мораа да се испратат во специјализирани институции и болничките одделенија. И понатаму останува недоразјаснети работи по однос на терапијата кон оваа симпотоматолгија и болест и мораат сите лекари да се придржуваат до иснтрукциите од СЗО по однос на маската, хигиената и дистанцата“, вели Лума.

Нови ограничувања во Европа и САД, расте бројот на заразени од Ковид-19

Тој објаснува дека во одредени институции се применува и покомплексна терапија.

„Во некои случаи делува, во некои за жал неделува, во зависност од тоа во каква ситуација пристигнуваат пациентите“, вели тој.

Модуларната болница која е поставена во близина на Инфективната клиника ги отвори вратите за нови пациенти. Во монтажните бараки до инфективната клиника за кусо време се хоспитализирани околу 20-тина пациенти кои поради комликации од коронавирусот имаат потреба од болнички третман. Во неа има место за 70 пациенти. Во клиниката се потешко се доаѓа до слободен кревет, а критично е и на Инфективните одделени во штипската, прилепската и струмичката болница кои се полни со пациенти. Засега на Инфективната клиника се хоспитализирани околку сто пациенти од кои околу 70 се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка. Во моментов во земјава има над 6 илјади активни случаи на заразени од ковид-19. Бројот на смртни случаи го надмина бројот од 860. Најголемиот пик досега на починати во еден ден од почетокот на пандемијата е забележан вчера кога починаа вкупно 22, претходно рекоден број беа евидентирани на 2 јули годинава кога во еден ден беа регистрирани 15 смртни случаи.

22 лица починаа, регистрирани се 561 новозаразени

Од јуни па навака бројот на починати варира од 2 до 3 лица па се до 12 починати во еден ден.

Според податоците од Институтот за јавно здравје во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени кај 6.388 (28,6 проценти) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 4.457 лица имаат кардиоваскуларна болест, 1.680 дијабет, 894 се со хронична белодробна болест и 1.126 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 2.281 (59,0 проценти) се присутни коморбидитети.

„Од починатите, кај 680 (80,4 отсто) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=505), дијабет (n=237) и белодробна болест (n=117). Регистрирани се три смртни случаи кај бремени жени и седум смртни случаи кај здравствени работници. Педесет и еден (6,0 проценти) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 795 (94,0 проценти) починале за време на хоспитализација“, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје за период од 12 до 18 октомври.

Коронавирусот повторно ја затвора Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:16 0:00

Бројот на излечени од почетокот на пандемијата до сега изнесува речиси 18 илјади пациенти од речиси 25 илјади заразени.

Стевановиќ апелира до граѓаните да внимаваат и да ги следат основните мерки за заштита, затоа што само така ќе можат да му помогнат на здравствениот систем да го издржи ударот кој надоаѓа од есенскиот бран на ковид – 19. Таа посочува дека им е неопходна помош затоа што континуитет и бројките секако го исцрпуваат персоналот и можноста за одржување на ова високо ниво за грижа на пациентите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG