Достапни линкови

Комисијата скрои нови анти корона мерки, а старите уште чекаат во Собрание


Илустрација- Луѓе со маски во Скопје

Собраниската расправа за измените на Законот за заштита на населението од заразни болести во кој амандмански требаа да се внесат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот е одложена. Во меѓувреме, бројот на заразени е во пораст па Комисијата за заразни болести предложи и нови мерки.

Додека бројот на заразени со коронавирусот секојдневно е голем, а некои денови двоцифрена е и бројката на починати, еден пакет мерки за спречување на ширењето на Ковид19 требаше да поминат преку амандмани во собранието, а друг пакет е во владата.

Иако, претходно на интернет страницата на Собранието беше најавено измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, не беа ставени на дневен ред на днешната пленарна седница. Како што се дознава од извори во собраниското мнозинство, расправата се одложила по барање на опозицијата која побарала време за да доразгледа некои од предложените измени за кои имале сомнеж.

Во измените на Законот за заразни болести, пак ги нема конкретните мерки како задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор на најмногу четири лица и ограничување на семејните собири, односно едно семејство да може да прими најмногу четири лица кои не живеат на таа адреса. Нив претходно ги предложи Комисијата за заразни болести, па беа усвоени на владина седница, но беше и утврдено дека за нив се потребни законски измени.

Но, поради итноста на ситуацијата со коронавирусот, власта се одлучи пратениците од владејачкото мнозинство амандмански да реагираат во измените на законот за заразни болести и со тоа да бидат усвоени измените. Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на собраниската комисија за здравство, за Радио Слободна Европа вели дека тие ќе дадат поддршка на измените на законот за да тој дојде во комисијата за здравство, а таму ќе ги кажат забелешките и дополнувањата.

„Мислам дека клучно што недостига е спроведувањето на мерките, како и досега. Досега имавме одлични протоколи, но штета што не се спроведуваа како што треба. Имаше доста прогледувања низ прсти, имаше доста злоупотреби за луѓе блиски до власта...“, вели Ристески.

Лекување приватно на државна сметка

Во измените на законот, пак, се предвидува ако во јавните здравствени установи се исполнети капацитети за лекување на лицата заболени од ковид19 или во случаи на недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа по предходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата да може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаа дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.

Од Министерството за здравство за Радио Слободна Европа појаснуваат дека плаќањето за лекувањето на заболените со коронавирус на приватните клиники ќе биде во рамките на задолжителното здравствено осигурување врз основа на договор што приватната здравствена установа ќе го склучи со Фондот за здравствено осигурување.

„Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучува договор со кој ќе ги договори обемот и видот на здравствените услуги кои ПЗУ-то ќе ги врши врз основа на согласност на Министерството за здравство, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување.Оттука, на приватните болници ќе им биде исплаќано на ист начин како и на ЈЗУ, зависно од видот и обемот на услугите што ќе бидат опфатени со договорот со Фондот“, појансуваат од министерството.

Филипче со последен повик-опозицијата со барање за негова оставка

Покрај ова во предлог измените се предвидуваат и измените на глобите за непочитување на мерките, зголемување и прецизирање на работата на инспекторатите.

И додека овие мерки не се поминати во Собранието, Комисијата за заразни болести под притисок на големата бројка заболени и минатиот викенд предложи и нови мерки- сите економски оператори да работат до 23 часот, автобусите да возат со 50 отсто од капацитетот, а вработените во администрацијата, општините и судовите, секаде каде што тоа е можно, да работат во смени или онлајн од дома или редуцирано по систем на ротации.

„Апелирам дека ситуацијата е навистина сериозна. Следен чекор е полициски час. Во законска измена се внесува уште еден став со кој понатаму ќе се прифаќаат сите други мерки со одлука на Владата. За да биде изгласан потребно е мнозинство од 61 пратеник, но не очекувам расправата да трае повеќе од 2-3 дена. Верувам дека до крајот на неделава, мерките ќе стапат во сила“, изјави министерот Филипче пред овие предлог мерки да се најдат на владина седница.

Инаку од кога е почната кризата со коронавирусот опозициската партија неколкупати на ден жестоко ја критикува власта за бројот на заболени и починати. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара членовите на Комисијата за заразни болести да си поднесат колективна оставка обвинувајќи ги дека продолжувале да ги бројат „бедните пари кои што ги земаат на грбот на здравјето на граѓаните и му слугуваат на погрешните и погубни политики на Зоран Заев“.

Оставки од Заев и од министерот за здравство Венко Филипче речиси секојдневно бараат повеќе претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Власта пак ја обвинува опозицијата за преку разни постапки го ги подрива здравствените напори за превенција од ширење на заразни болести.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG