Достапни линкови

Сопругот ме тепаше и силуваше, а неговите ми велеа: Затвори си ја устата


Илустрација - Ако мојата историја ѝ помогне на друга жена - жртва, јас ќе бидам најсреќна на свет, вели Кајтази во разговорот за Радио Слободна Европа

Ја гризел за рацете и ја удирал, ја задушувал и малтретирал, забранувајќи ѝ да спие. Ја принудувал на секс, со сила. Кога се жалела, некои негови роднини велеле: „жените самите си го бараат“. Ова е потресната исповед на Мергиме Кајтази од Митровица, сега адвокатка во САД. Авторка: Доронтина Балиу

Мергиме Кајтази, адвокатка од Митровица, Косово, одлучи да го напушти своето семејство и кариера во Косово поради момче кое подоцна, како сопруг, извршил физичко и психичко насилство врз неа. Пред пет години (2016 година), таа одлучи да се сврши и да замине во САД, со момче по потекло од Косово, со кое беше во врска две години. Наскоро се венчаа во Њујорк.

„Она што не го знаев за него беше дека е насилен“, рече Мергиме за Радио Слободна Европа.

Три дена по заедничкиот живот, дојде до првото недоразбирање.

„Се сеќавам, бевме во спалната соба, тој зборуваше за нешто и јас само ја свртев главата и му реков дека не сакам да го слушам“.

После тоа, нејзиниот сопруг ја фатил за рамото, ѝ ја ставил главата на креветот со лицето надолу, оставајќи ја без воздух, вели таа, околу 30 секунди.

„Боже, што ми се случува“, помислила таа, не можејќи да поверува што ѝ се случува.

Приватна фотографија на Мергиме Кајтази, сега адвокатка во Њујорк
Приватна фотографија на Мергиме Кајтази, сега адвокатка во Њујорк

Ја нападнал оти користела дезодоранс во кујната

Една недела подоцна, Мергиме почнала да работи. Повторно следел напад од нејзиниот сопруг „затоа што користела дезодоранс во кујната“.

"Беше толку шокантно, и јас го доживеав првенствено како личен пораз. Ја напуштив работата, семејството и општеството (на Косово). Мојот мозок не можеше да разбере дека сум жртва на насилство", наведува таа.

Нападите продолжија, од, како што посочува, различни причини.

"Знаев точно кога сакаше да ме тепа. Што и да велев, беше ирелевантно", додава таа.

„Затвори си ја устата, жените самите си го бараат тоа“

Ја гризел за рацете, ја удирал со шамари и ја малтретирал, забранувајќи ѝ да спие. Исто така, ја принудувал на секс, со сила.

Чувствувајќи вина и исплашена да разговара со своето семејство за тоа, Мергима долго време трпела физичка тортура. Таа не нашла помош ниту од неговото семејство, кои ѝ рекле дека треба „да ја затвори устата“ и дека „жените самите го бараат тоа“.

Исто така, се чувствувала безнадежно, бидејќи била сама во туѓа земја.

"Еднаш излегов од куќата и истрчав кон полицијата. Ме фати и ме врати дома", вели таа.

И додава: „Знаев дека никој нема да ми верува, бидејќи беше многу шармантен“.

Насилниците се најдобрите манипулатори на светот

Она што секој треба да го знае, наведува таа, е дека насилството врз паровите се случува со различни профили на луѓе. Таа мисли дека способноста на сторителот да манипулира, како и чувството на вина, влијаат жртвата да молчи.

"Насилниците се истовремено најдобрите манипулатори во општеството. Тие толку многу ве манипулираат, што вие самите ќе почнете да се сомневате во вашата реалност", вели Мергиме.

Како се спаси?

Кулминацијата се случила во 2018 година. Таа успеала да го сними насилниот сопруг, со што обезбедила докази за нападот што тој го извршил врз неа.

Полицијата набрзо го уапсила и тој ја поминал ноќта во затвор, а потоа бил казнет со принудна работа и испратен на програма за рехабилитација. Мергиме се смири кога му беше наредено да не ѝ се приближува или да ја контактира, во спротивно ќе биде осуден на 5 години затвор.

Денес, Мергиме работи како адвокатка во САД, успеа да ги положи потребните правни испити, а државата ѝ помогна во добивањето документи за американски престој, како и психолошка помош.

Успеала да го сними насилството на сопругот, по што тој добил казна, а таа заштита - Приватна фотографија од Мегриме Кајтази што таа ја отстапи за објавување на Радио Слободна Европа
Успеала да го сними насилството на сопругот, по што тој добил казна, а таа заштита - Приватна фотографија од Мегриме Кајтази што таа ја отстапи за објавување на Радио Слободна Европа

Култура на обвинување на жртвата и оправдување на насилникот

„Најголемиот проблем на Косово е што некои мажи растат мислејќи дека го имаат секое право на светот да ги тепаат жените за да ги направат луѓе“, вели Мергиме.

Протестите и револтот против насилството врз жените на Косово продолжија оваа недела во Косово, по убиството на 18-годишната девојка од Феризај, која беше злоставувана до смрт од нејзиниот сопруг. Мергиме ги следеше тие реакции и забележа дека културата на обвинување на жртвата и оправдување на насилникот се уште е присутна.

Покрај тоа што државата ги има потребните механизми за спречување и казнување на насилството врз жените, таа смета дека општеството како и гласот на жртвите можат да им помогнат на другите жртви.

„Ако мојата историја ѝ помогне на друга жена да излезе од таа ситуација, тогаш јас сум најсреќна на светот“, вели Мергиме.

До јуни годинава, два случаи на убиство на жени беа евидентирани во Косово, а во текот на 2020 година - седум. Според официјалните податоци, до јуни 2021 година, евидентирани се 1.132 случаи на семејно насилство, а 1.063 жртви се жени.

XS
SM
MD
LG