Достапни линкови

Пандемијата го зголеми семејното насилство


Илустрација
Илустрација

За време на пандемијата семејното насилство е зголемено за 8 до 10 проценти, покажуваат официјалните податоци. Во Битола во периодот јануари - септември лани 86 жртви се охрабриле да пријават семејно насилството. за споредба, пак, во 2019 во тој период имало 57 пријави.

За време на пандемијата со ковид-19 зголемено е семејното насилство на ниво на држава за 8 до 10 проценти, соопшти министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при неодамнешната посета на Битола.

„Зголемено беше насилството зашто во тие услови и насилникот и жртвата беа заедно затворени на еден мал простор. Неофицијалните податоци со кои располага Министерството врз основа на анализи од одредени институции се дека од 8 до 10 проценти беше зголемено насилството за време на пандемијата“, рече Шахпаска.

Инаку 86 жртви се охрабриле да пријават семејно насилството во Центарот за социјални работи во Битола во периодот од јануари до септември лани, што е над 50 проценти повеќе во споредба со истиот период во 2019, кога имало 57 пријави. Но, сепак уште постојат стереотипи меѓу народот да не се пријавува насилството од дома. Надлежните сметаат дека со новиот закон за спречување насилство и со активната апликација „Биди безбедна“ ќе се променат состојбите.

„Не сите жртви го пријавуваат насилството како чин зашто се уште имаме средини каде родовите стереотипи, стигматизацијата, фамилијарната традиција постои да се прифати како нешто што за одредени личности е прифатливо. Но, ние сакаме да ја подигнеме свеста да го пријавуваат“, рече Шахпаска.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство многу јасно ги дефинира институциите кои се должни да преземаат превентивни, но и итни и мерки за заштита на жртвите. Новиот закон дава можност по пријава полицискиот службеник да го уапси насилникот, а судот без рочиште, да изрече мерки за заштита на жртвата, па дури и времено да го отстрани сторителот од домот без оглед на сопственоста. Од 1000 до 5000 евра се движат казните за институциите кои не постапуваат по надлежностите што им ги дава законот.

Според податоците на СВР Битола за тамошниот регион во 2019 и 2020 година како сторители на семејно насилство се јавуваат вкупно 143 жени, а 810 мажи или пет и пол пати има повеќе мажи од жени.

Одделно по градови за двете години во Битола имало пријавени 80 жени за сторители, а 377 мажи. Во Прилеп пак, 433 мажи и 63 жени. Поплаки за семејно насилство за двете години имало повеќе во Прилеп 496, а во Битола 457. Претежно преовладувало психичкото насилство, па физичкото и имало само еден пријавен случај за економско насилство.

Во однос на сторени кривични дела за семејно насилство според податоците на СВР, на регионот на Битола имало намалување, во 2019 година биле сторени 92, а 2020 46 кривични дела. Во Прилеп, бројките се скоро исти, пред две години 67 кривични дела, лани 69. На прво место како причина за семејно насилство се наведува растројството, на второ алкохолот, а само мал процент отпаѓа на дрога. На повеќе од половината жртви на семејно насилство им била нанесена телесна повреда. Имало 10 случаи со тешка телесна повреда и едно убиство лани во Прилеп.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG