Достапни линкови

Продолжување на вонредната состојба и протокол за избори


Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче
Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека Комисијата за заразни болести предложила продолжување на вонредната состојба со цел и натаму да може да се спроведуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Воедно тој го презентираше и протоколот за спроведување на изборите.

Продолжување на вонредната состојба која е на сила до 16 мај, односно сабота, ќе препорача Комисијата за заразни болести, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. На 18 март беше прогласена првата вонредна состојба на територија на цела држава во траење од 30 дена. И покрај олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, според Филипче, вонредната состојба е потребна со цел и натаму да може да се спроведуваат препораките. Филипче истакна дека утре треба да има состанок Советот за безбедност, а ќе се бара продолжување на вонредна состојба со цел да имаат механизми за имплементирање на препораките во периодот што следи.

„Во однос на вонредната состојба нас ни е потребно таа да се продолжи заради тоа што дел од мерките коишто ги препорачуваме важат за време на вонредната состојба. Многу е битно тие да важат и понатаму. Значи битно е да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми во однос на рестрикција на движењето“, рече Филипче.

Протокол за избори

Филипче информираше дека е изготвен и протокол за спроведување на изборна кампања и за денот на избори. При собири и настани за време на изборната кампања ќе треба да се одржува физичка дистанца, да се носи заштитна маска и да се врши дезинфекција на рацете.

„Значи не може да има големи собири. Не треба да има големи собири. Треба да има собири толку колку што еден одреден простор дозволува и притоа да се почитува дистанцата од еден и пол до два метри“, рече тој.

Се препорачува партиските активности да бидат на отворено, ако се на затворено во штабот, тогаш е дозволено задржување до два часа. На изборните штандови да нема повеќе од двајца активисти кои ќе носат заштитни маски. За кампањите од „Врата на врата“ да не се влегува во домовите на луѓето. На денот на изборите, членови на гласачки одобри и набљудувачи треба да носат заштитни маски и ракавици, а просториите да бидат со отворени прозорци или да се проветруваат и да има средства за дезинфекции. Гласачите ќе чекаат надвор во дистанца од два метри. Во изборните места да нема повеќе гласачи од број на боксови за гласање.

„Сите лидери на политичките партии се изјаснија дека здравјето на граѓаните е на право место и затоа очекувам дека сите овој протокол ќе го почитуваат“, порача Филипче.

Рестриктивни мерки

Владата започна со олабавување на рестриктивните мерки кое ќе се одвива во три фази. Дозвола за работа имаат затворените трговските центри, но без угостителска дејност, како и спортските обложувалници со шалтерска уплата, авто-школи и авто-испитни центри и центрите за рехабилитација. Може да се спроведуваат обуки и семинари за возрасни, седници на органи за управување, како и тренинзи за индивидуални спортови на отворено. Од наредната недела, според Филипче, ќе се препорача отворање на угостителските објекти и тренинзи за колективни спортови на отворено. По нив во план е отворање и на казината, хотелите, како и на фитнес клубовите и ќе се овозможат и тренинзи во затворени спортски објекти и базени.

„Помеѓу сите овие препораки детално ќе се пратат параметрите и епидемиолошката состојба. Тоа значи дека постепено го враќаме животот во нормала. Работните процеси и стопанството. секако со одредени протоколи за функционирање. Почитување на мерките за заштита“, изјави Филипче.

Во однос на ограничувањето на движење и натаму полицискиот час е од 19 часот до 5 часот наутро, како и задолжителна физичка дистанца од два метри и задолжително носење на маска во затворени простории.

Економски мерки

Речиси секоја трета компанија во земјата побарала државна помош за исплата на плати за април. Повеќе од 21 илјади компании ќе добијат по минимална плата, односно 14.500 денари за вработен. Околу 5000 од овие фирми се од дејностите угостителство, туризам и транспорт, кои беа посочени како најпогодени од кризата предизвикана од вирусот. Владата одобри и бескаматни кредити за фирмите со вкупен износ од околу 13 милиони евра. Се подготвува и нов сет економски мерки.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG