Достапни линкови

Избори, Ковид-19 и жалосна Македонија - вие коментирате


Полициски час во Скопје, 7 јуни 2020

На нашата ФБ страница мртва трка во поглед на приматот меѓу изборите и новите високи бројки за новозаразени од „нашата“ Корона-19 пандемија.

Изборите изгледа сепак, ќе бидат во јули, ама датумот не е договорен, а претседателот на државата Пенадаровски како одговор на барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, да прогласи уште една вонредна состојба вели: „Прво договор меѓу сите партиски субјекти за датум, а потоа вонредна состојба за да се задржи правната рамка“.

Бранка Крстевска како да е разочарана: „Никако... Пендаровски, тамам те пофалив и оп нова вонредна состојба. Ај, не се шегувај, не е 1 април“. „Не смее така! СРАМНО И ЖАЛОСНО!!! Тоа е против интересите на Македонија и македонскиот народ!“- коментира Љубен Димитриески, а Георгиевски Ивица има сосема спротивно мислење зошто не треба нова вонредна состојба: „Ваков циркус само кај нас има, музички желби. Како претседател не треба да слушаш партии, треба да ја видиш состојбата каква е и да кажеш нема избори додека не се намали бројот на заразени и крај“. Мицкоски ја кажа желбата на неговата партија дека за нив избори се прифатливи на средината на јули, а Емин Г Јонузи реагира: „А вие мислите ли на народот? Или само на вас кога ви одговара?“ Младен Марковиќ му порачува на Христијан Мицкоски: „Прва работа, како можеш да учествуваш на избори кои однапред ги нарекуваш нерегуларни? Победата на такви избори, значи, ќе биде нерегуларна! Како ќе можете да бидете на власт и да ја водите државата, кога самите велите нерегуларни! Значи, сите сте исти, дај власт, па како и да е! Доста со лицемерие, НАМ НИ ТРЕБААТ ДРЖАВНИЦИ, А НЕ БАБИ!“ Цобе Наумоски со пократок пост: „После ќе бара средината на септември... прпа, а??“ Дејан Јанев со сочна пцовка претходно го прашува: „... Или идеш на избори или не идеш, што филозофираш“. Фиданчо Петров констатира: „Не знам како е работава, АМА ТАКА СИГУРНО НЕ Е. На крај излезе дека ЦЕЛА една недела да ти бил проблемот, за кој цело време се собираат кај Претседателот и си играат мајтап со народот“. И Мемет Зилбеари потсетува дека овде живее народ: „Јас предлагам избори , а уште на 4 јули куфери батка и сите на граница, ајде да ги оставиме сами една година нека се влечат, тргаат, бакнуваат и гушкаат во парламент па да видат како е без народ оти никако не рачунаат дека нѐ има и нас“. Владимир Несиќ, пак, му порачува на Мицкоски: „Држи став...“

Големиот број новозаразени Семир Ко Хасипи резигнирано го коментира: „Нека пукнат душманите. Италија... продолжете. Цела 2020“, а Јилмаз Алиоглу се согласува и иронизира: „Така батко, нека пукнат другите држави... никој не може како МК. Нека живее Македонија и нека продолжи до 2022 година“. За Аце Кузевски бројките биле нови будалаштини и порачува: „Абе луѓе, не можете да го исперете мозокот на сите. Откажете се“. Прегледов на вашите коментари на ФБ го завршуваме со малку ведрина: во Франција измислиле крилести капи за дружба на растојание, а Борче Мицевски има подобра идеја за кај нас: „Секој да си носи по една киска коприви и да мавта наоколу“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG