Достапни линкови

Ивермектин - стар лек, нова надеж против ковид кризата


Доктор Пјер Кори во Сенатот на САД зборуваше за ефикасноста на лекот ивермектин при третман на ковид-19 и дека е круцијален против оваа болест. Сите досегашни студии за лекот против ковид имаат извонредно позитивни резултати, потврдуваат од македонското Министерство за здравство.

Безбеден, евтин и ефикасен – Ивермектин е лек стар повеќе од три децении за лекување на паразитски болести, но во изминативе месеци покажал „чудесни ефекти“ при третман на Ковид-19. Лекот влезе во протоколот за лекување на ковид пациенти во Македонија, потврдија здравствените власти.

Стручниот тим на пулмолози од земјава ја донесе одлуката со која лекот Ивермектин ќе стане дел од терапијата за лекување на пациенти заразени од новиот коронавирус, според одговорот кој го добивме од Министерството за здравство.

„Ивермектинот е влезен во протоколот за лекување на пациенти со Ковид-19, којшто е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и Ковид-19 центри во „интернистичкиот блок“, велат од Министерството за здравство во одговор за РСЕ.

Од институцијата наведуваат дека стручната комисија формирана од министерот за здравство Венко Филипче го изготвила мислењето за лекот Ивермектин и дека тоа ќе биде испратено до комисијата во Агенцијата за лекови и медицински средства „Малмед.“

Ваквата одлука на македонските здравствени власти доаѓа, откако во изминативе два-три месеци научници во светот објавија бројни студии и докази за ефикасноста на Ивермектинот при лекување на пациенти заболени од Ковид-19.

Некои земји веќе го употребуваат лекот за третман на болни од ковид, вклучително Австралија, Индија, Бангладеш, Аргентина, Парагвај, Перу...

Ивермектин прв пат е употребен кај луѓе во 1987 година и досега е препишан во 3,7 милијарди дози низ целиот свет.

Според македонското Министерство за здравство, тој има има широк спектар на делување, исклучително „висока безбедност“ и „никакви или незначителни“ несакани ефекти.

„Достапен е во повеќе форми, но за луѓето е дозволена само орална употреба. Во последните неколку децении Ивермектин се покажал мошне ефикасен „in vitro“ и против низа вируси како што се HIV, Денга, Западно-нилски вирус и други РНК и ДНК вируси“, наведуваат од Министерството за здравство.

Доктор Никола Пановски во разговор за РСЕ вели дека лекот Ивермектин веќе е влезен во протоколите за третман на ковид во 30-тина други земји, иако досега тие не направиле мултицентрична студија, чија изработка трае пет-шест месеци.

„Прашање е зошто досега не е направена. На западот се прави студија за Ремдесивир, се купи лекот, се потрошија пари, а тој лек не вреди“, вели Пановски. Тој додава дека Ремдесивирот е 300 пати поскап лек од Ивермектинот.

Ивермектин досега не се употребувал во Македонија, бидејќи со него се третираат паразитарни болести, кои се присутни во тропските и суптропски области, регистрирани со многу ниска инциденца во Европа, вклучително и Македонија, велат од Министерството за здравство.

„Од тие причини лекот досега не е користен кај нас“, наведуваат од Министерството за здравство. Инаку, лекот во земјава се употребува во ветеринарните амбуланти за лекување на животни.

Ефикасен при превентивна употреба

Ивермектин е лек кој во 2015 година доби Нобелова награда за медицина за неговото влијание врз глобалното здравје за третман на паразитски болести.

За него во последните неколку месеци од избувнувањето на пандемијата, обезбедни се докази дека тој дава добри резултати при третман на ковид пациенти со лесна, средна и со тешка клиничка слика, но и дека преку превентивна употреба го спречува пренесувањето на вирусот.

Вакви докази овој месец беа презентирани пред сенаторите во Комисијата за домашна безбедност и владини работи на американскиот Сенат.

Доктор Пјер Кори на 8 декември оваа година пред сенаторите зборуваше дека Ивермектинот докажано дава „чудесен ефект“ против Ковид-19 и оти тој може да биде решение за здравствената криза во светот.

Доктор Кори е пулмолог и член на Алијансата за критична нега против Ковид-19 - организација составена од група лекари и научници од повеќе здравствени институции и универзитети во САД (Frontline Covid-19 Critical Care Alliance - FCCCA).

Зборувајќи за лекот, Кори понуди податоци од изработени 30 научни студии кои, како што вели, ја докажале неговата ефикасност во третманот на заболени од Ковид-19, барајќи Администрацијата за лекови и храна (ФДА) и Националниот здравствен институт на САД да ги разгледаат нивните докази и податоци.

„Кага велам чудо, јас не го користам тој термин често и не сакам да бидам сензационален кога велам дека ова е научна препорака дадена врз основа на планини на податоци, кои се добиени во изминатите три месеци“, рече Кори.

Тој посочи дека од почетокот на пандемијата досега, ја изучиле скоро секоја литература во светот поврзана со Ковид-19, со цел да изработат ефикасни протоколи и да идентификуваат достапни лекови за третман на болеста.

Третирајќи пациенти заболени од Ковид-19, лекарите членови на FCCCA утврдиле дека Ивермектинот е ефикасен при употреба во сите фази на болеста, при ран амбулантски третман, но и кај хоспитализирани пациенти.

„Ивермектинот всушност го уништува пренесувањето на овој вирус. Доколку го земете, нема да се разболите“, вели Кори.

Тој додава дека во нивните научни работи се наведени докази со детали дека Ивермектинот е ефикасен, а особено во превентивна употреба.

Раниот третман е клучен против Ковид-19 и затоа многу пациенти можат да бидат спасени со лек кој е ефикасен во секоја фаза од болеста, вели тој.

„Имаме докази дека Ивермектинот е ефикасен, не само во превентивна употреба дека ако го земете, нема да се разболите. Дојдовме до наоди од водечкиот истражувач на Ивермектинот во Аргентина, д-р Хектор Кавајо, дека превентивно лекот им е даден на 800 здравствени работници и ниту еден не се разболел. Кај 400 здравствени работници кои не го земале Ивермектинот превентивно, 58 проценти се разболеле, односно 237“, вели Кори.

Моќно антивирусно средство, круцијално против Ковид-19

Од македонското Министерство за здравство потврдуваат дека се запознаени со податоците од повеќе клинички студии чии прелиминарни резултати сугерираат дека лекот е ефикасен и има поволен ефект во профилакса на Ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика.

„Од досега достапните податоци за Ивермектин е познато дека ја инхибира репликацијата на неколку вируси ( Зика, Influenza A, Денга и т.н.), а од неодамна е покажано дека во студии спроведени „Ин витро“ Ивермектин го инхибира растот на SARS-CoV-2“, ни одговорија од Министерството за здравство.

Доктор Кори од FCCCA објаснува дека имаат податоци од „четири големи реномирани контролирани испитувања“ во кои биле вклучени преку 1.500 пациенти кои покажале дека како превентивно средство Ивермектинот има „неизмерни ефекти“, но и дека со употребата на Ивермектин се намалува потребата за хоспитализација и на смртните случаи.

„Најдлабокиот доказ кој го имаме е кај хоспитализираните пациенти. Имаме четири контролирани испитувања и бројни набљудувања кои го покажуваат истото – дека нема да починете или дека смртноста е со многу помала стапка доколку земате Ивермектин, што е статистички значително голем резултат“, вели Кори додавајќи:

„Докажано е дека е чудесен лек, кој веќе доби Нобелова награда за медицина во 2015 година за неговото влијание врз глобалното здравје за третман на паразитски болести. Докажано е дека е многу моќно антивируснo и антиинфламаторнo средство, круцијално за употреба против оваа болест“, вели Кори.

На нашето прашање кои се можни несекани ефекти кај луѓето од лекот Ивермектин, од Министерството за здравство ни одговорија дека, меѓу другите, тука се вклучени општи симптоми, како замор, болка во стомак, дијареја, гадење, вртоглавица, поспаност...

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG