Достапни линкови

Нова мутација на коронавирусот ги затвора границите


Европската унија се обидува да најде заеднички начин за справување со закана

По појавата на нова мутација на коронавирусот се зголемува бројот на земји кои забранија патување од или во Британија. Македонската влада ги забрани летовите од Британија, и воведе 14-дневна самоизолација за патниците што директно или индиректно пристигнуваат од таа земја.

Владата на Британија деновиве ја предупреди Светската здравствена организација за откривање на нов вид коронавирус.

Се чини дека ова го забрзува ширењето на ковид-19, бидејќи претставува околу 60 насто од случаите откриени во Лондон во последните неколку недели.


Новооткриената варијанта се нарекува „ВУИ - 202012/01“, име што произлегува од „Варијанта под истрага“ и содржи неколку мутации.

Според првите проценки, таа има повисоко ниво на инфективност. СЗО со порака на Твитер потврди дека е во „близок контакт“ со здравствените власти во Британија.

Оваа организација посочи дека ќе ги информира земјите-членки и јавноста „за карактеристиките на оваа варијанта на вирусот и можните импликации“.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок во интервју за британската мрежа Скај њуз изјави дека ситуацијата е „крајно сериозна“ и оти откриената варијанта на коронавирус циркулира „надвор од контрола“. Од оваа причина, како што рече тој, Владата мораше да дејствува „брзо и решително“.

Британскиот премиер Борис Џонсон на 19 декември објави заострени ограничувања во Лондон и во други делови на Англија со кои се опфатени повеќе од 16 милиони луѓе. Британија во неделата забележа скоро 36.000 потврдени случаи - околу двојно повеќе од пред една недела.

Во Брисел состанок на амбасадорите на ЕУ за новиот вид коронавирус

Новите ограничувања бараат затворање на несуштинските продавници во Лондон и другите области на југоистокот и доаѓаат во недела пред Божиќ, што во нормално време е напорен шопинг период.

СЗО потврди дека случаи со новиот вид веќе биле откриени надвор од Британија: во Данска, Холандија, Италија и Австралија.

Забрани за патување

Иако „се чини дека новиот вид не предизвикува зголемена отпорност на вакцината“, Европската унија се обидува да најде заеднички начин за справување со закана.

Ирска, Бугарија, Грција, Белгија, Холандија, Италија и Германија веќе ги забранија сите патувања од и за Британија, а е најавено е дека тоа ќе го сторат и Австрија, Шведска, Романија, Литванија, Летонија, Естонија и Чешка. Саудиска Арабија и Иран кои не се членки на ЕУ исто така воведоа забрана.

Останете дома за Божиќ, апелира СЗО

Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо најави дека сака да воведе забрана, бидејќи патниците од Британија кои пристигнуваат секој ден на аеродромот Кенеди во претставуваат здравствен ризик.

Германскиот министер за здравство Јенс Спан изјави дека од денеска Германија „ќе ги ограничат сите пристигнувања“ за граѓаните на Британија и Јужна Африка, каде што исто така е откриен новиот вид на коронавирус.

Спан исто така рече дека експертите од ЕУ веруваат оти постојните вакцини против коронавирусот се ефикасни и против новиот вид, повикувајќи се на вакцината на Фајзер и БиоНТех, која веќе се применува во Британија и САД.

Мутацијата на коронавирусот

Мутацијата за прв пат е откриена во средината на септември на југоистокот на Англија и стана доминантна форма на вирусот во Лондон.

Британски научници соопштија дека новиот вид на коронавирус е пренослив до 70% од оригиналниот, но епидемиолозите велат дека нема докази кои покажуваат дека е поубиствен или предизвикува потешка болест.

Британските научници исто така веруваат дека вакцините ќе бидат подеднакво ефикасни и против новата варијанта.

Кина го поздрави испраќањето на тим на СЗО за испитување на ковидот

Мутациите на вирусот се чести и многу, и немаат никакво влијание врз стапката на ширење и сериозноста на симптомите, но сега се поставува прашањето дали мутацијата на вирусот наречена ВУИ-202012/01 спаѓа во таа категорија и дали претставува зголемен ризик по здравјето.

ВУИ - 202012/01 е варијанта на САРС-КоВ-2, вирус што предизвикува ковид-19 и првпат беше откриен во Британија во октомври 2020 година од примерок земен во септември.

Појавата на нова варијанта е алармантна - иако, треба да се забележи дека имало неколку претходни мутации во ковид-19.

Во ноември, данската влада отстрани милиони визони откако беше откриено дека стотици случаи „ковид-19“ се поврзани со варијанти на „Сарс-КоВ-2“.

Во октомври, анализите сугерираа дека варијанта на вирусот, која потекнува од шпански земјоделски работници, брзо се шири низ цела Европа.

Во ниту еден од овие два случаи не е откриено дека овие варијанти го зголемуваат пренесувањето на болеста. Сепак, сега е јасно дека тоа не важи за варијантата ВУИ -202012/01.

Прашања без одговори

Она што научниците сега треба да го решат е прашањето за влијанието на новата варијанта - особено дали тоа ќе доведе до зголемување на случаите на тешки болести на ковид-19.

Друго големо прашање е дали новата варијанта ќе може да ја заобиколи заштитата што ја нудат вакцините, а кои сега се применуваат низ цела Британија.

„Потребни се лабораториски експерименти, но дали сакате да почекате неколку недели или месеци за да ги видите резултатите и да преземете мерки за ограничување на ширењето? Веројатно не во овие околности", изјави професорот Ник Ломан за Би-Би-Си од Конзорциумот за ковид-19.

Џереми Фарар, британски медицински истражувач на Твитер напиша дека владата има целосно право да дејствува веднаш затоа што; „повеќе пренесување значи повеќе луѓе во болници и трагични смртни случаи… и ова исто така му дава на вирусот повеќе можности за мутација и избегнување на влијанието на третманот и вакцините“.

Варијантата ВУИ - 202012/01 е невообичаено многу мутирана и најверојатното објаснување е дека потекнува од пациенти со ослабен имунолошки систем кои не можат да го поразат вирусот. Нивните тела станаа почва за размножување на вируси, заклучува Би-Би-Си.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG