Достапни линкови

Вести

СЗО ќе расправа за начините за справување со новиот вид на коронавирусот

лого на Светската здравствена организација

Светската здравствена организација за денеска свика состанок на членовите на кој ќе се дискутираат стратегиите за спротивставување на новата, поинфективна варијанта на коронавирусот што се појави во Британија. Оваа организација со седиште во Женева оцени дека тоа е нормален дел од еволуцијата на пандемијата и ја пофали Британија за откривањето на истата. Со оглед на забранетото влегување камиони во Франција од јужна Англија,

СЗО: Новиот вид коронавирус не излегол од контрола

СЗО во соопштението порачува дека треба да се даде приоритет и олеснување на превозот на товар за неопходните материјали како храна, лекови и гориво. Производителите на лекови, вклучително и BioNTech и Moderna, се обидуваат да ги тестираат своите вакцини против ковид-19 и против новата варијанта. СЗО повтори дека сè уште нема доволно информации за да се утврди дали новата варијанта може да влијае врз ефикасноста на вакцините.

види ги сите денешни вести

Сања Лукаревска избрана за заменик претседател на СДСМ на местото на Шекеринска

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска е избрана за заменик претседател на СДСМ на денешниот конгрес на партијата кој се одржува онлајн поради пандемијата на коронавирус.

Лукаревска по предлог на лидерот на СДСМ, Зоран Заев е избрана со големо мнозинство на гласови, односно со 682 гласа „за“ и два гласа „против“.

Осум години на оваа функција беше Радмила Шекеринска.

Заев изјави дека следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време.

На 26. изборен конгрес на СДСМ се бираат и челнови на Централниот и на Надзорниот одбор.

Радев се надева дека по изборите Бугарија ќе има нова Влада

Бугарскиот претседател Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев изрази надеж дека партиите ќе покажат внимателност и одговорност и дека по изборите на 11 јули во следниот парламент, ќе формираат влада.

„Не е добро Бугарија да оди од избори на избори и да нема парламент“, рече тој во изјава за Бугарското национално радио и нагласи дека не сака да мисли дека се можни трети парламентарни избори оваа година.

Според него, парламентаризмот во Бугарија е значително ослабен за време на владеењето на премиерот Бојко Борисов. Радев упати критика и кон владата на Борисов за одбивањето да го ажурира буџетот. Тој додаде дека владата во заминување не го доставила Бугарскиот план за обновување и одржливост до ЕУ и со тоа ја ставила привремената влада во исклучително тешка ситуација.

Во Бугарија пред некој ден стапи на должност привремената влада која до формирањето нова влада по изборите ќе ја води Стефан Јанев, близок советник за безбедност и одбрана на Радев. Најсиромашната земја-членка на Европската унија повторно се наоѓа пред избори откако изборите во април резултираа со неуспех во формирањето нова влада.


Пендаровски утре ќе учествува на Процесот Брдо-Бриони во Словенија

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски утре ќе престојува во еднодневна работна посета на Словенија каде ќе учествува на јубилејниот десетти состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони. Домаќин на состанокот којшто се одржува во Брдо кај Крањ, е претседателот на Словенија, Борут Пахор.

На состанокот, како што информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски, ќе учествуваат претседателот на Албанија, Илир Мета, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

По завршувањето на состанокот, предвидено е лидерите да усвојат финални заклучоци во однос на неколку клучни теми, како што се процесот на проширување на Европската Унија, справувањето со последиците од пандемијата на ковид-19, економското закрепнување на регионот на Западен Балкан и сл.

Во рамки на учеството на Процесот Брдо-Бриони, според соопштението, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби со претседателите од регионот.

Регистрирани 62 случаи на корона, 14 починати и 245 оздравени лица

Тестови за детектирање на ковид-19. Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 2.557 тестирања, а регистрирани се 62 нови случаи на ковид-19, а оздравени се 245 пациенти. Пријавени се вкупно 14 починати лица: 6 од Скопје, 3 лица од Тетово, 2 лица од Гостивар и по едно лице од Куманово, Кичево и Битола. Од пријавените, 4 се починати во домашни, а останатите 10 лица во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 756.480 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.698, бројката на оздравени пациенти е 145.851, на починати е 5.211, а бројот на активни случаи изнесува 3.636.

Николоски: Не очекувам нови кадри или идеја од конгресот на СДСМ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во однос на денешниот конгрес на СДСМ истакна дека не очекува нови кадри или некоја нова идеја што ќе ја извади Македонија од здравствената и економска криза.

„Па тоа е внатрепартиска работа на СДСМ и јас не очекувам ништо ново, не очекувам дека ќе има некоја нова идеја која што ќе ја извади Македонија од оваа здравствена и економска криза за жал во која што се наоѓа ниту очекувам дека некои вонредно чесни кадри ќе има како нови решенија во СДСМ напротив очекувам да Зоран Заев се капсулизира односно да си постави свои послушници околу себе, сум кажал и претходно ќе повторам и денес мислам дека не е работа на ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со СДСМ ниту е работа на СДСМ да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ како што се обидуваше тоа да го прави во изминатиот временски период видовме дека не успаа и нема да успеваат и понатаму во иднината фигуративно кажано сега мечката игра во нивниот двор имено се говори за независни листи од страна на незадоволни членови од СДСМ како и за формирање на нова политичка партија но тоа е работа на членовите на СДСМ нека си го решаваат тој проблем помеѓу себе“, нагласи Николоски при денешната посета на општина Карпош.

Од ВМРО ДПМНЕ соопштиа и дека говорот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев бил блед, не донел ништо ново, туку само се носеле историски одлуки за историски неуспеси.

СДСМ денеска на онлајн конгрес треба да избере заменик-претседател на партијата, членови на Централниот одбор и на Надзорниот одбор. По конгресот следуваат состаноците на кои ќе се бираат потпретседателите на партијата, генералниот секретар, организациски секретар, секретар за меѓународна соработка, Извршниот одбор на партијата, односно управното раководство.

Заев: Следи градење на СДСМ за новото време

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев

До конгресот на СДСМ денеска предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет кандидати за членови на Надзорниот одбор. Следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време, рече денеска лидерот СДСМ Зоран Заев во своето обраќање на 26. изборен конгрес на партијата.

Тој информираше дека од кандидатите 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Според него, освен целосно еднаква застапеност на жените и мажите, има и 37,5 проценти застапеност на младите. Заев порача и дека повеќе од две-третини се нови членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор на партијата.

„Со последните измени на статутот, уште повеќе ја демократизиравме партијата, но и го зајакнавме учеството на младите и жените во органите и телата на СДСМ. Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање на и менталитетот на политичките партии во земјата, почнувајќи од СДСМ“, додаде Заев.

Тој посочи дека новата политика ќе се реализира преку пет клучни столба. Прво, како што рече, преку обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нивните луѓе. Второ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот. Трето, охрабрување на различно мислење, и почитување на туѓи ставови. Четврто, градење на СДСМ за новото време. Петто, поттикнување, подигнување на мотивацијата на граѓаните.

„СДСМ победува затоа што постојано се менува. Пред нас се сеуште бројни предизвици на секое поле. Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените“, посочи Заев.

Во Чиле се гласа за избор на лица кои ќе го пишуваат новиот устав

Илустрација.

Во Чиле се одржува вториот ден од гласањето за избор на 155 лица чија задача ќе биде да го преработат уставот на земјата. Околу 14 милиони луѓе во јужноамериканската земја имаат право да гласаат на, според многумина, најважните избори во Чиле од нејзиното враќање во демократијата пред 31 година. Повеќе од 3 милиони луѓе или приближно 20 проценти од гласачите вчера гласале, според Изборната служба на земјата.

Повеќе од 1.300 кандидати се натпреваруваат да бидат меѓу 155 лица кои ќе го напишат новиот устав. Половина од делегатите треба да бидат жени, а 17 мандати се резервирани за претставници на домородните заедници. Уставот на Чиле беше донесен во 1980 година во екот на владеењето на диктаторот Августо Пиноче, кој го обвинуваат за блокирање на правичниот напредок во земјата.

Владата се согласи на референдум за нов устав, откако на протестите во октомври 2019 година поради социјалната нееднаквост загинаа 36 лица. Исходот покажа дека 80 проценти од граѓаните сакаат новиот устав да биде од тело составено целосно од избрани членови.

Нацрт-групата со 155 члена ќе има девет месеци да го објави документот, кој ќе биде одобрен или отфрлен следната година на задолжително национално гласање.

Протестен собир во Скопје за поддршка на палестинскиот народ

Палестинското и израелското знаме. Илустрација.

Во знак на солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор денеска се одржа протестен собир на плоштад Македонија. Протестот беше организиран на социјалните мрежи од страна на „Гласни идеи“ и социјалниот центар „Дуња“. Демонстрантите носеа црвени знамиња и транспарент испишан со зборовите „Против присилно иселување-Слобода за Палестина“.

„Стоп за окупацијата на Газа. Стоп за бомбардирањето и стоп за присилното иселување. Нема место во 21 век за етнички чисти територии. Големите идеи за големи држави, етнички чисти треба да сотанат во минатото. После Белград, Сараево, Приштина и Љубљана и тука во Скопје го дигаме гласот во заштита на обесправените народи“,порача еден од учесниците на протестниот собир.

Во истовреме уште една група на луѓе одржаа протестен собир за поддршка на палестинскиот народ.

Про-палестинските демонстранти одржаа митинзи вчера и во градовите низ Европа и Северна Америка повикувајќи на прекин на израелските напади врз Појасот Газа во услови на најтешко насилство во последните неколку години помеѓу еврејската држава и исламистичките милитанти.

Демонстрации се одржаа во најголемите европски метрополи, вклучувајќи ги Берлин, Париз, Лондон и Мадрид, како и помалите градови и во американските градови Њујорк, Вашингтон, Бостон и Лос Анџелес.

Исламските лидери одржаа итен состанок за Газа

Напад врз висококатница во Газа.

Организацијата за исламска соработка која брои 57 членови денеска одржа итен виртуелен состанок во врска со ситуацијата во Газа. На состанокот се повика на ставање крај на воените напади на Израел врз Појасот Газа. Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фаисал бин Фархан, ја повика меѓународната заедница да работи на ставање крај на воените операции на Израел против Газа и да дозволи помошта да стигне до крајбрежниот регион.

Говорејќи од Рамала на Западниот брег, палестинскиот министер за надворешни работи Ријад Малки го нападна Израел нарекувајќи го „држава на апартхејдот“ што практикува „злосторства и бруталност против нашиот народ во Газа“.

„Подемот на палестинскиот народ јасно стави до знаење дека Ерусалим е црвена линија“, рече Малки. Тој ги повика муслиманските земји да го поддржат палестинскиот народ со сите средства повикувајќи го да воведат политички и економски санкции против Израел.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го обвини Израел за неодамнешното насилство.

„Само Израел е одговорен за неодамнешната ескалација во Источен Ерусалим, Западниот брег и Газа. Нашите предупредувања до Израел минатата недела поминаа без внимание“, рече Чавушоглу.

Исламистичката милитантна група Хамас го започна својот ракетен напад по повеќенеделни тензии во врска со судскиот спор за иселување на неколку палестински семејства во источен Ерусалим и како одмазда за судирите на израелската полиција со Палестинците во близина на џамијата Ал-Акса, третото најсвето место на исламот, за време на светото месец Рамазан.

Израел возврати со воздушни и артилериски удари во густо населената Газа. Според Палестинците, бројот на убиени во Газа се искачил на 174, вклучувајќи 49 деца. Израел пријави 10 мртви, вклучително и две деца.

Филипче: Сите над 40 години кои се пријавија за вакцинација во Скопје добија термини

Министерот за здравство, Венко Филипче пред СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје каде се врши вакцинацијата- 6 април 2021

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека термини за вакцинација добиле сите граѓани над 40 годишна возраст од Скопје кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб страницата vakcinacija.mk. Според него, во текот на следните три дена термин ќе добијат лицата над 40 години од останатите градови во земјава кои покажале заинтересираност за вакцинација до крајот на минатиот месец.

Од вчера, како што информира Филипче на неговата Фејсбук страна, почнала вакцинацијата и на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација. Тој порачува и дека имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, а најлесен начин да се вакцинираат луѓето е да се пријават на официјалната веб страна за пријавување.

Вчера во земјава стигнаа 100 илјади вакцини „Синофарм“ кои се донација од Кина. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 203.324 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.719 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.482 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 203.324 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани.

По прекин на огнот продолжија борбите во Авганистан

Нападот на џамија во Авганистан на 14 мај.

Борбите меѓу талибанските и авганистанските владини сили продолжија и денеска во немирната јужна провинција Хелманд, соопштија официјални лица, ставајќи крај на тридневниот прекин на огнот, договорен од завојуваните страни, за одбележување на празникот Рамазан Бајрам.

Имало судири на периферијата на главниот град на Хелманд, каде се забележани интензивни борби откако САД го започнаа последното повлекување на војската од Авганистан на почетокот на овој месец, изјави авганистански воен портпарол и локален официјален претставник.
„Борбите започнаа рано денес и се уште траат“, изјави Атаулах Авганистан, шеф на покраинскиот совет во Хелманд.

Тој рече дека талибанските милитанти ги нападнале безбедносните контролни пунктови. Портпарол на авганистанската армија на југот потврди дека борбите се обновени.

„(Авганистанските сили) ја започнаа операцијата ... не ја ставајте вината на нас“, тврди портпаролот на талибанците Забихула Муџахид.

Тридневното примирје беше обележано со неколку напади, вклучително и бомбашки напад во џамија во главниот град, при што загинаа 12 верници, вклучително и свештеникот кој ги водеше молитвите.

Екстремистичката група Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот на 14 мај. ИД исто така, тврди дека разнела неколку електрични мрежни станици. Тоа го остави главниот град Кабул во мрак во поголемиот дел од тридневниот празник што следеше по постот.

Авганистанските мировни напори запреа откако владата поддржана од Западот во Кабул и талибанците започнаа разговори во Катар во септември 2020 година, и покрај меѓународните напори за почеток на преговорите. САД се залагаат за забрзани разговори бидејќи ги повлекуваат последните од 2.500-3.500 војници, а НАТО останатите 7.000 сојузнички сили.

Блинкен во посета на Данска пред средбата со Арктичкиот совет и Лавров

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен денеска ќе го започне петдневно патување во Данска, Исланд и Гренланд, што вклучува средба со Арктичкиот совет и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Блинкен ќе го започне своето патување во Копенхаген, каде што ќе разговара за борба против климатската криза и нашиот заеднички интерес за зајакнување на трансатлантските односи за време на состаноците со премиерот Мете Фредериксен и министерот за надворешни работи Јепе Кофод“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Блинкен ќе ја нагласи посветеноста на САД кон зелената технологија и зачувување на стабилноста на животната средина на Арктикот со данските лидери пред да отпатува на 17 мај во Рејкјавик, Исланд, на средби со претседателот Гудни Јоханисон, премиерот Катрин Јакобсдотир и министерот за надворешни работи Гудлаугур Тордарсон.

Осумчлениот совет на Арктикот ќе го одржи својот дводневен состанок во Рејкјавик со почеток на 19 мај на кој групата ќе го одбележи заклучокот на двегодишното раководство на Советот на Исланд и ќе ја признае 25-годишнината од создавањето на групата.

„За време на состанокот, секретарот ќе ги унапреди напорите за одржување на Арктикот како регион на мир, без конфликти, каде што членовите на Арктичкиот совет соработуваат на заеднички приоритети за да се заштити благосостојбата на арктичките заедници и да се справат со постојано растечката закана и влијанија на климатската криза“, рече Прајс.

Агендата на Бликен вклучува билатерални состаноци со министрите за надворешни работи на другите држави на Арктичкиот совет, вклучувајќи го и Лавров додека Русија го презема ротирачкото претседателство со Советот за следните две години.

Двајцата ќе разговараат за „клучните прашања на меѓусебните односи и меѓународната агенда“ за време на нивниот состанок, планиран за 20 мај, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Локални избори во Хрватска

Избори во Хрватска. Архивска фотографија.

Во Хрватска денеска се одржуваат локални избори, а право на глас имаат 3,66 милиони гласачи. Граѓаните ќе изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде Хрватите се малцинство, јави Хина.

Челници на извршната власт се избираат со мнозинство гласови, а за да бидат избрани денеска, тие мора да добијат повеќе од 50 проценти од граѓаните кои го дале својот глас, а доколку освојат помалку од половина, ќе имаат нова шанса на 30 мај, кога во вториот круг се бира меѓу двајца кандидати со најголем број гласови.

Четири града ќе добијат нови градоначалници, бидејќи неодамна почина долгогодишниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, а останатите досегашни челници на Сплит, Риека и Осиек, Андро Крстуловиќ Опара, Вељко Оберснел и Ивица Вркиќ повторно не се кандидираа.

Хоспитализирани 311 пациенти во ковид болниците

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 311 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 514 и има околу 740 празни болнички кревети во ковид центрите.

Поради намалениот број на болни, според министерството, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство, како што се наведува, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 203 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Нетанјаху: Нападите во Газа ќе продолжат колку што е потребно

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сегашната кампања против палестинските милитанти „ќе продолжи колку што е потребно“ и покрај повиците за смирување од Вашингтон и Обединетите нации. Нетанјаху го издаде предупредувањето по серија воздушни напади насочени кон високи функционери и команданти на Хамас, исламистичката група што ја контролира Газа.

„Не можете да се скриете - ни над земја, ниту под земја. Никој не е имун “, рече Нетанјаху, додавајќи дека нема„ поправедна или морална кампања “од израелската против Хамас.

Израелската армија соопшти дека домот на Јахја Синвар, шеф на политичкото крило на Хамас во Појасот Газа, бил цел на воздушни напади.

„Меѓу погодените цели се резиденциите на Јахија Синвар, претседател на политичкото биро на Хамас во Газа, како и на неговиот брат Мухамед Синвар, шеф на логистика и работна сила за Хамас“, се вели во соопштението на израелската армија.

Во вчерашните израелски воздушни напади беше уништена висококатница во градот Газа во која се наоѓаа меѓународни новински медиуми. Израелската војска соопшти дека уништувањето на зградата е легитимно затоа што во него имало воени средства кои му припаѓале на Хамас. Израел издаде предупредување за нападот за да може зградата да се евакуира.

Палестинците соопштија дека најмалку 145 лица, од кои 41 дете, биле убиени и 1100 ранети во Газа од почетокот на борбите на 10 мај. Израел пријави 10 мртви, вклучувајќи и две деца.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази негодување за бројот на цивилни жртви во борбите во Газа и беше „длабоко вознемирен“ од ударот на Израел врз зградата во која се наоѓаат канцелариите на медиуми.

СДСМ на конгрес бира членови на раководството

Седиштето на СДСМ во Скопје

СДСМ денеска на онлајн конгрес треба да избере заменик-претседател на партијата, членови на Централниот одбор и на Надзорниот одбор. По конгресот следуваат состаноците на кои ќе се бираат потпретседателите на партијата, генералниот секретар, организациски секретар, секретар за меѓународна соработка, Извршниот одбор на партијата, односно управното раководство.

Во моментов, заменик-претседател на СДСМ е Радмила Шекеринска, генерален секретар на СДСМ е Љупчо Николовски, а потпретседатели Мила Царовска, Оливер Спасовски, Коста Петров и Мухамед Зеќири.

Шеекеринска изјавидека не треба да биде дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа, како што истакна, се однесува на сите функции. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вчера не сакаше да говори за тоа кој би се нашол во новото раководство. Партијата, како што порача, е отворена за нови луѓе, а во новиот конгрес влегуваат со нови политики.

Сончево и потопло време со умерена облачност

Времето ќе биде сончево и потопло со умерена облачност. Во западните подрачја ќе има услови за краткотраен локален дожд и ќе дува умерен до повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 27 степени.

Во Скопје, времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Украина не ја исклучува можноста од размена на затвореници со Русија

Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина

Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина не ја исклучи можноста за размена на затвореници со Русија доколку украинскиот суд за предавство осуди политичар наклонет кон Кремљ.

Тој рече дека Киев „со задоволство“ ќе го предаде пратеникот Виктор Медведчук на Москва во замена за Украинците кои се наоѓаат во руските затвори доколку се појави можност. Сепак, според него, таквата одлука може да ја донесе само претседателот Володимир Зеленски.

Украинскиот генерален обвинител Ирина Венедиктова на 11 мај го обвини Медведчук, водечката фигура во партијата Опозициска платформа- За живот, за три точки за предавство.

Судот во Киев на 13 мај го постави Медведчук во куќен притвор и го постави почетокот на неговото судење за јули, што може да биде највисок профил на политички случај во Украина во последните неколку години. Тој ги негира обвиненијата и ги нарекува политички мотивирани.

Медведчук промовира поблиски врски со Русија, која го анексираше Крим и ги поддржуваше борците во источна Украина по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович, наклонет кон Кремљ во 2014 година. Во војната во источна Украина, која продолжува до денес, загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

Британија ќе го поттикнува глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19

Вакцинални пунктови во Британија. Илустрација.

Велика Британија соопшти дека планира да одржи виртуелен состанок на 2 јуни за да се поттикне глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19, а ќе учествуват медицински експерти, официјални лица од земјите на Г7 и други партнери.

На настанот, според најавите, ќе се разговара за тоа како земјите да се справат со дезинформациите за вакцините, вклучително и улогата што социјалните мрежи можат да ја играат во запирање на ширењето на штетни лаги.

Велика Британија, која има една од најбрзите кампањи за имунизација во светот и со над 90 отсто кај постарите возрасни групи, се надева дека ќе го искористи своето претседателство со Г7 за да го подобри пристапот до вакцини за коронавирус.

Богатите земји генерално се далеку пред повеќето посиромашни нации во имунизација на нивното население. Светската здравствена организација постојано ги повикуваше да направат повеќе за да помогнат во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет, вклучително и зголемување на снабдувањето преку Ковакс механизмот за обезбедување вакцини на посиромашните нации.

„Овој Самит чиј домаќин е Велика Британија е значајна можност земјите од Г7 да се здружат со партнери ширум светот за да преземат активности за одржување на високо ниво на доверба во вакцините и оние што ги обезбедуваат. Ние мора да работиме колективно за да обезбедиме луѓето ширум светот да можат да се вратат на своите животи“, рече британскиот министер за вакцини Надхим Захави.

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде претседател на самитот на Г7 во Корнвол, југозападна Англија, на 11-13 јуни. Американскиот претседател Џо Бајден се очекува да присуствува, како и други лидери.

Во Велика Британија, првата дозна на вакцина е применета на скоро 70 отсто од возрасната популација и втората до 36 проценти, помагајќи да се намалат стапките на инфекции и смртните случаи.

Нови 112 случаи на корона, починати 13, а оздравени 2179 лица

Тестирање на ковид-19. Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 4.196 тестирања, а регистрирани се 112 нови случаи на ковид-19. Регистрирани се 2.179 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 13 починати лица: 3 од Скопје, по две лица од Битола и Струга, по едно лице од Куманово, Тетово, Охрид, Гостивар, Кавадарци и Кочани. Од пријавените, 6 се починати во домашни, а останатите 7 лица во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 753.923 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.636, бројката на оздравени пациенти е 145.606, на починати е 5.197, а бројот на активни случаи изнесува 3.833.

МОН: Апсурдно е да се протестира против дигитализација во образованието

Министерство за образование и наука


Министерството за образование и наука денеска соопшти дека е апсурдно да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија, како што се наведува, мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества.

Според министерството, промени мора да се случат иако новините се предизвик за сите, но, од нив не треба да се откажуваат, туку напротив заедно и транспарентно да продолжат да работат на нивно интегрирање во системот.

„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства“, се вели во денешното соопштението од МОН.

Од Министерството сметаат дека новиот закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, како што велат од Министерството за образование и наука, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои најавуваат како и досега со должно внимание ќе ги разгледуваат, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието. Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Брнабиќ: Сакаме од 21 јуни да ја отвориме Србија за прослави

Српската премиерка Ана Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека од 21 јуни може ќе ја ја отворат земјата за прослави, но за тоа треба да има целосно вакцинирани 50 отсто од полнолетната популација.

„Вакцинацијата денес е прашање на националната безбедност. Од 21 јуни сакаме да ја отвориме Србија за прослави, свадби, родендени, но за тоа мора да имаме 50 отсто вакцинирани од полнолетната популација. Сега сме на 42 проценти или околу 2.270.000 луѓе“, изјави Брнабиќ.

По завршувањето на вчерашната седница на Кризниот штаб, покраинскиот секретар за здравство, Зоран Гојковиќ, изјави дека се предложени ублажени мерки за фризерите и организаторите на стручните собири. Доколку продолжи поволниот тренд на бројот на новозаболени и бројот на вакцинирани, според него, можно е од 21 јуни да се организираат колективни настани .

„Сите фризерски продавници можат да работат под услови кои се помалку ригорозни од порано – имаа ограничувања на девет квадратни метри по лице, се враќаме на она што беше пред есента, а тоа се четири квадратни метри со маски и одржување на растојание“, кажа Гојковиќ.

Наредното олеснување на мерките ќе биде за организаторите на стручните собири.

Заев: Aко со Законот за дивоградби застанеме тука, ќе се рушат 50 илјади домови

Премиерот Зоран Заев

Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со одлуката на претседателот Стево Пендаровски, да не го потпише Законот за легализација на дивоградбите. Сега Законот, како што потсети Заев, се враќа во собраниска процедура.

„Повторно ќе дискутираме во Парламентот, зашто ако со Законот застанеме тука, службите треба веднаш да тргнат и да ги рушат преку 50-те илјади домови на граѓаните“, рече Заев.

Според него, со Законот, нема да се легализира секој бесправно изграден објект, туку се дава можност за остварување право на сочувување на домот пред се на граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата. Има објекти, како што наведе, кои се времени градби или објекти со несоодветни намени на плановите, кои не подлежат на правото на легализација. Во однос на парцелата кај Холидеј ин, премиерот подвлече дека законите мора да се почитуваат.

Заев одговарајќи и на други прашања од новинарите уште еднаш ја повика Европската унија да остане на зборот и да го испорача она што и го ветила на земјава, односно одржување на првата меѓувладина конференција. Од новата бугарска Влада, Заев порача дека очекува лидерство, одговорност и грижа за Западен Балкан, посебно грижа за нејзиниот, како што рече, прв западен сосед- Северна Македонија. Заев очекува португалското претседателство да преземе конкретни чекори со двете земји.

„ЕУ е таа што мора да донесе одлука како што ние моравме ако сакаме да одиме кон ЕУ, да ги донесеме одлуките доминантно за реформите. Покажавме европски манири и одговорност, презедовме сериозни ризици, очекуваме соодветен одговор од ЕУ. Ние овојпат со неа си имаме работа, а со Бугарија имаме билатерален Договор кој е значително реализиран“ нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар.

Заев уште еднаш потенцира дека за македонскиот јазик и идентитет нема преговори. Според него, сите лидери на ЕУ ќе направат контакти со двете земји во овој период.

Во однос на утрешниот конгрес на СДСМ рече дека партијата е отворена за нови луѓе, за нови шасни да напредуваат во своја кариера, но, по пат на дискусија на Извршниот одбор и Централниот одбор, и на крајот во конгресот ќе се донесат сите одлуки. Околу наводните шпекулации за избор на новото раководство на партијата Заев истакна дека се што излегува во јавноста се најверојатно дискусии кои се водат во рамки на на органите и телата на партијата.

Протести против образовните реформи, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања

Министерство за образование и наука

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието против најавените реформи во образованието.

Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Во паркот „Жена борец“ ќе биде поставена и „импровизирана училница“ каде се собираат потписи за поддршка на иницијативата. Протести се одржаа и во други градови низ земјата. Иницијативата претходно апелираше до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или со онлајн настава да изразат незадоволство од реформите.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева порача дека дигитализацијата ќе има негативен ефект кон учениците и наставниците. Според неа, голема е веројатноста резултатите од спроведување на дигитализација со која ќе се укинат учебниците како основно средство за едукација да бидат поразителни.

„Царовска задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците. Нејзината улога е за нив и нивните потреби, а не обратно. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор.Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма“ , вели Митева.

Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното дејствување против реформите во образованието, на штета на граѓаните.

„На ВМРО-ДПМНЕ не и е грижа ниту за учениците, ниту за образованиот систем, битни и се само партиските и бизнис интереси. Партијата предводена од Мицкоски организира протести и се обидува да ги манипулира родителите и учениците за да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи. Лага е дека учениците ќе останеле без учебници. Со новото законско решение ќе има нови, современи и достапни учебници, а дигитализирањето на дидактичките материјали ќе значи само унапредување на наставата и осовремнување на начинот на учење овозможувајќи им на новите генерации квалитетно образование.“, наведуваат од владејачката партија.

ЕС со критика за руската одлука да ги означи САД и Чешка за „непријателски“

Илустрација

Европскиот совет (ЕС) ја критикуваше одлуката на Русија да ги назначи Соединетите Држави и Чешка како „непријателски“. Руската влада го објави својот официјален список на „непријателски“ земји на 14 мај. Таа вети дека ќе ја примени мерката и за други земји, доколку тие се впуштат во „непријателски активности“.

Назначувањето ќе им забрани на САД да ангажираат локален персонал за своите дипломатски мисии во Русија, а бројот на локални вработувања за Чешка е ограничен на 19. Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел денеска ја нарече одлуката на руската влада „уште еден ескалационен чекор“ што „ги нарушува дипломатските односи“.

„Сметаме оти овој курс на дејствување од страна на Руската Федерација е уште еден чекор кон ескалација на односите не само со Чешка, туку и со ЕУ и нејзините сојузници. Овој потег е „целосно спротивен на Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на чешкото Министерство за надворешни работи во кое се додава дека тоа ќе влијае на туризмот и бизнисот меѓу двете земји.

Односите меѓу Прага и Москва значително се влошија по обвинувањата на Чешка на 17 април дека Русија била вмешана во смртоносна експлозија на складиште за оружје на чешка територија во 2014 година. Двете земји се вклучија во остра реторика и беа протерани и дипломати во последните неколку недели, а Чесите беа поддржани од Брисел и Вашингтон.

„Ова докажува дека одговорот на Чешка на инцидентот во Врбетице беше точен, а нејзината реакција толку длабоко ја погоди Русија што [Москва] одлучи да нè вклучи во списокот на непријателски нации, заедно со Соединетите држави“, рече вчера чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек.

Амбасадата на САД во Прага објави на Твитер „горди сме што стоиме покрај нашиот цврст сојузник, Чешка!“

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG