Достапни линкови

Вести

Во Србија утре почнува вакцинацијата против Ковид-19

Вакцините од Фајзер и Бионтек вчера пристигнаа на белградскиот аеродром

Србија утре ќе ја почне вакцинацијата против ковид-19 со вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, соопшти денеска српскиот претседател Александар Вучиќ и појасни дека процесот ќе почне од домовите за стари лица, како и дека некој од власта ќе ја прими вакцината за да покаже дека таа е безбедна.

„Дали тоа ќе бидам јас, Ана Брнабиќ или Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, ќе видиме. Некој од нас ќе го оставиме за втората вакцината за да им покажеме на луѓето дека секоја вакцина која нашиот здравствен систем ја добива е добра“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека е уверен оти кон средината на јануари ќе може да се почне со масовна вакцинација, а ако до крајот на јануари Србија успее да вакцинира милион граѓани, тогаш тоа ќе биде голем успех. Вакцинацијата во Србија почнува откако вчера пристигна првиот контингент од 4.875 дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“.

види ги сите денешни вести

Германија ќе ги засили мерките за спречување на ширење на ковид-19

Германија се очекува денеска да го засили делумното ограничување на движењето и после јануари, стравувајќи за можноста новите мутации на вирусот ковид-19 да бидат позаразни. Канцеларката Ангела Меркел и лидерите на 16-те покраини на денешниот состанок ќе разговараат за продолжување на мерките со цел подобрување на состојбата во земјата.

Германската влада твдри дека „изедначувањето на кривата на инфекции“ е резултат на досегашните ограничувања и дека бројот на пациенти на интезивна нега е намален. Владиниот портпарол Штефан Зајберт изјави дека овој тренд е резултат на затворањето на рестораните, објектите за рекреација и спортските објекти, како и дел од трговските центри.

Тој посочи дека мутациите на вирусот кои се забележани во Велика Британија и Јужна Африка може да влијаат врз сегашниот тренд на опаѓање на инфекции. Оваа доаѓа во време кога во светот почнаа кампањи за масовна вакцинација.

Навални сместен во озогласен московски притвор

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е сместен во ќелија во озогласениот московски притвор откако судијата донесе одлука за 30 дневен притвор. Навални беше уапсен на аеродромот во Москва веднаш штом слета од Германија на 17 јануари.44 годишниот критичар на Кремљ беше уапсен на штандот за контрола на патници на меѓународниот аеродром, веднаш штом пристигна од Берлин, каде што се опоравуваше од нападот со отров во август. За тој напад, Навални тврдеше дека е одговорен рускиот претседател Владимир Путин.

Алексеј Мелников секретар во Комисијата за јавен мониторинг на човековите права на Телеграм напиша дека вчера го посетил Навални во неговата ќелија во озогласениот московски притвор. Мелников посочи дека Навални се чува изолиран во трокреветна ќелија бидејќи треба да виде во двонеделен карантин според протоколите за спречување на ширење на коронавирусот.

На 2-ри февруари се очекува од друг суд да донесе одлука дали условната казна од 3 и пол години ќе стане затворска поради случајот со проневера за кој Навални тврди дека е измамен.

Вкупно 620 лица се лекуваат во македонските болници од ковид-19

Последните податоци од Министерството за здравство покажуваат дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава изнесува 620 лица и има 621 празен болнички кревет во ковид-центрите. Во изминатите 24 часа пак, во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 359 пациенти. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, се вели во соопштението од Министерството за здравство.


Вучиќ најави масовна имунизација во Србија со набавени милион вакцини

Човек прима вакцина од Фајзер - Бионтех против ковид 19 во клиника во Белград, 13 јануари, 2021.

Денеска во Србија ќе стартува масовна имунизација и ќе биде отворен голем пункт на Белградскиот саем. Први ќе бидат вакцинирани против ковид-19 припадниците на Министерството за внатрешни работи, потоа војската и безбедносните служби, најавија претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ на седницата на оперативниот тим која се пренесуваше директно во живо на српските медиуми.

Вучиќ најави дека најдоцна до утре во Србија ќе пристигнат 250.000 дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека се очекува наскоро преку Полска да се набави и четвртата вакцина од производителот Астра-Зенека.

Брнабиќ изјави дека Србија досега набавила 1.054.950 вакцини и дека има потпишано договор и платила за повеќе од шест милиони дози.

Вучиќ додаде дека оваа недела ќе пристигаат и 200.000 вакцини од првата и 50.000 од втората доза на руската вакцина „Спутник V“ и дека денес ќе почне и масовната вакцинација со кинеската вакцина „Синофарм“.

„ Разговаравме со Северна Македонија во рамките на т.н. мини Шенген. Би сакал да констатирам дека нема ништо да ни вреди сите нас да бидеме здрави, а луѓето во соседството да имаат безброј проблеми. Ние можеме да бидеме среќни само ако и соседите се среќни и задоволни. Секако дека треба да му помогнете на некого кога му е тешко, онолку колку што можеме да помогнеме, ќе помогнеме. На премиерот Зоран Заев кој бараше и се бореше за својата земја да обезбеди нешто и јас мислам дека ова не е само пријателски и братски потег кон народот во Северна Македонија, ова ја покажува и нашата одговорност, дека не живееме во затворен сад, туку дека мора да размислуваме и за нашите комшии, како што сум сигурен дека и тие нас би ни помогнале, изјави Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање.


Тој додаде дека доколку утре Република Српска и Босна иХерцеговина и Албанија побараат вакцини, дека исто така ќе помогне.

Меланија Трамп: Беше чест да им служам на Американците

Илустрација - Доналд, Меланија и Бајрон Трамп

Првата дама на САД, Меланија Трамп, која утре ќе ја напушти Белата куќа заедно со сопругот Доналд Трамп, кога му истекува претседателскиот мандат, со порака ѝ се обрати на американската нација. Во видео пораката, што синоќа беше објавена на веб-страницата на Белата куќа, таа вели дека најголемата чест во нејзиниот живот е што била прва дама на САД.

“Сега кога Доналд и јас го завршуваме времето во Белата куќа, мислам на сите луѓе што ги примив во моето срце и на нивните неверојатни приказни за љубов, патриотизам и решителност“, вели Меланија Трамп во пораката.

Збогувајќи се, таа на Твитер му се заблагодари на американскиот народ и напиша дека зборовите не можат да ја изразат длабочината на нејзината благодарност за привилегијата да биде прва дама на САД.

За утре во Вашингтон е закажана инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, и на потпретседателката Камала Харис, под мерки на висока безбедност по насилните протести пред и во Капитол Хил и проценките на федерланите служби дека се можни нови нереди.

Португалија се надева на прва меѓувладина конференција со Македонија до јули

Португалија, која е актуелен претседавач со Европската унија (ЕУ), се надева дека во првата половина од годинава ќе се деблокира спорот со Софија и оти ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Португалската државна секретарка задолжена за ЕУ, Ана Паула Закариаш, изјави за МИА дека нејзината земја која претседава со ЕУ до први јули годинава се надева дека ќе се деблокира спорот со Софија и ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Закариаш порача дека проширувањето на ЕУ е приоритет за португалското претседателство, што започна на 1 јануари и трае до 30 јуни годинава. Додаде дека во тек се контакти со двете страни – Скопје и Софија – за изнаоѓање на решение за билатералниот спор кој го кочи отворањето на преговорите со ЕУ.

Во исто време македонскиот претседател Стево Пендаровски порача дека ниедна земја членка на Унијата не смее преку поставување на ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ. Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека фокусот во разговорите со Бугарија до изборите кај нив, ќе биде на Акцискиот план, по што ќе следи водење на разговорите на политичко ниво.

Православните го празнуваат Водици без традиционални собири

Архивска фотографија од вадењето на светитот крст од осветените води на Вардар

Православните христијани денеска го празнуваат Богојавление (Водици), еден од најголемите христијански празници, кој денеска, поради пандемијата со ковид-19, ќе биде одбележан без традиционалните големи собири за вадење на светиот крст од осветени води.

Како една од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, не се дозволени традиционалните собири, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера рече дека за денешниот ден имаат посебен план на дејствување, за што била информирана и Македонската православна црква.

Празникот Водици или Богојавлеие се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Православните го празнуваат како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан.

Времето денеска: Сончево, но студено со температури од -4 до 8

Времето денеска ќе биде сончево студено со мала локална облачност поизразена во северните делови. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен северозападен ветер, информираше Управата за хидромемеоролошки работи (УХМР).

Утринската температура се движи од минус 14 до минус 4, а дневната ќе биде во интервалот од минус 4 до 8 Целзиусови степени. Во Скопје и околината ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура се спушти до минус 6, а дневната ќе достигне до 3 Целзиусови степени.

Во четврток преку денот во западните делови на планините ќе има услови за појава на снег, а на пониските места понекаде ќе започне снег кој ќе премине во дожд. Во петок во западните делови, а во сабота насекаде ќе има повремен дожд и ќе дува повремено засилен јужен ветер што ќе влијае
да започне побрзо топење на снегот, информираше УХМР.

Фејсбук ќе именува правен застапник во Турција

Илустрација

Фејсбук денеска соопшти дека почнал процес на назначување правен застапник во Турција со цел оваа социјална мрежа да се усогласи со контроверзниот Закон за социјални мрежи, што Анкара го донесе во јули минатата година.

Според законот, компаниите, како Фејсбук и Твитер, треба да назначат свои претставници за решавање на поплаките за содржината на нивните платформи.

Доколку одбијат, социјалните мрежи се соочуваат со казни и можност за намалување на нивната брзина на Интернет.

„Оваа одлука не ги менува стандардите на компанијата, ниту глобалната постапка за разгледување на владините барања и ние ќе го повлечеме претставникот доколку се соочиме со каков било притисок“, се наведува во соопштението на компанијата Фејсбук.

Според турскиот закон, локалниот застапник на компанијата ќе има задача во рок од 48 часа да одговори на индивидуалните барања за отстранување на содржина од социјалната мрежа што ги нарушува приватноста и личните права или да ја наведе причината за одбивањето.
Компанијата ќе одговара за штета доколку содржината не се отстрани или блокира во рок од 24 часа.

Законот, исто така, бара да се чуваат сите податоци за социјалните медиуми во Турција, што предизвикува загриженост во врска со сегашната цензура на земјата.

Турските власти минатата година го казнија Фејсбук најмалку 40 милиони турски лири (5,3 милиони американски долари) за непочитување на барањето за назначување претставник.

Најновата одлука на Фејсбук е донесена само еден ден пред да ѝ се воведе забраната за рекламирање во Турција.

Јапонскиот премиер: Олимписките игри ќе бидат доказ за победата над коронавирусот

Луѓе со маски во Јапонија за време на епидемија на коронавирус

Јапонскиот премиер Јошиде Суга денеска вети дека ќе ја стави пандемијата под контрола и дека летоска ќе се одржат Олимписките игри во Токио, што ќе биде доказ за победата врз коронавирусот.

Во обраќањето пред Парламентот, Суга рече дека неговата влада ќе ги промени законите за да има казни за непочитување на мерките против коронавирусот.

Јапонија на почетокот на пандемијата добро ја контролираше состојбата, немаше строги мерки против ширењето на заразата, но во последните неколку недели бројот на заразени е во пораст.

Суга рече дека вакцината е клучна и оти се надева дека вакцинацијата ќе почне кога Министерството за здравство ќе ја одобри вакцината на Вајзер, кон крајот на февруари.

Олимписките игри требаше да се одржат во Токио минатото лето, но беа одложени за една година поради пандемијата и треба да започнат на 23 јули.

Прекината пробата за инаугурацијата на Бајден поради пожар во близина

Пожар во камп за бездомници во Вашингтон

Американските безбедносни сили ги евакуираа учесниците во пробата за инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден пред Капитолот во Вашингтон, откако во близина избувнал пожар.

Капитолот беше накратко затворен, а пробата одложена, откако бил забележан пожар во камп за бездомници неколку блока подалеку.

Вашингтон е во состојба на готовност поради можни насилни протести во пресрет на инаугурацијата на Бајден на 20 јануари.

Повеќе од 20 илјади вооружени припадници на Националната гарда се испратени за поддршка на локалната и федералната полиција оваа недела, откако демонстрантите упаднаа во Конгресот на 6 јануари при што загинаа пет луѓе, од кои еден полицаец.

Многу улици околу Капитолот се блокирани за сообраќај, а околу зградата е подигната ограда висока 2 метри.

Кампот за бездомници во кој изби пожар е оддалечен еден километар од Капитолот. Сè уште е нејасно како почнал пожарот и дали има повредени.
Учесниците на пробата, меѓу кои и воениот оркестар, беа упатени во затворени простории на безбедна локација во Капитолот.

Пронајдени телата на четворица морнари од потонатиот украински брод кај Турција

Илустрација: Црно Море

Турските спасувачи пронајдоа четири тела на членови на посадата на украинскиот товарен брод кој потона по невреме во Црното Море. Меѓу нив е и трупот на капетанот на бродот, кој е руски државјанин.

Руската амбасада во Анкара денеска соопшти дека телото на капетанот Виталиј Галенко руски државјанин, било пронајдено.

Руската федерална агенција за поморски и речен транспорт Росморречфлот претходно соопшти дека претходно биле пронајдени три тела во вчерашната поморска катастрофа. Тие соопштија дека шестмина членови на посадата, меѓу кои еден руски државјанин, биле спасени. Двајца од 12 членови на посадата од потонатиот брод биле руски државјани, а останатите се Украинци, соопшти Росморречфлот.

Турските власти вчера соопштија дека на бродот имало 13 луѓе.

Бродот во сопственост на украинска фирма пловел под знаме на државата Палау од Грузија кон Бугарија, кога потонал во близина на турскиот брег во Црното Море, соопштија украинските власти. Црноморскиот регион во изминатите денови е погоден од поројни дождови, снег и силни ветрови.

Нови 63 заразени со ковид-19, 176 оздравени и 13 починати

Во последните 24 часа се регистрирани 63 нови случаи на ковид-19 од направени 529 тестирања, информираше Министерството за здравство. Во Скопје има 42 нови случаи, Куманово-3, Струмица, Тетово, Прилеп, Пробиштип и Велес по два нови случаи и во Гостивар, Штип, Битола, Велес, Охрид, Кавадарци, Неготино, Виница и Крушево по еден нов случај.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 176 оздравени пациенти.
Починати се 13 лица, на возраст од 52 до 87 години. Пациентите се починати во болнички услови.


Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88992, бројката на оздравени пациенти е 73777, на починати е 2715, а бројот на активни случаи изнесува 12500.

Русија започна масовна кампања за вакцинација против коронавирусот

Жена чека ред за вакцинација во Москва

Русија започна масовна кампања за вакцинација против коронавирусот во обид да се запре ширењето на вирусот без ново затворање на економијата.
Десетици жители на Москва денеска чекаат пред мобилната клиника поставена на Црвениот плоштад за да ја примат првата доза од вакцината Спутник V, развиена во Русија.

Русија, која е четврта земја во светот според бројот на заразени од коронавирус, ја почна вакцинацијата минатиот месец, првично за луѓе од најизложените професии, како здравствени работници и наставници, иако сè уште траеше третата фаза од клиничкото тестирање на вакцината.

Минатата недела претседателот Владимир Путин нареди програмата за вакцинација да се прошири на сите 146 милиони жители на земјата и зголемување на производството на вакцината.

Вицепремиерката Татјана Голикова денеска рече дека власта планира да вакцинира 20 милиони луѓе во првото тримесечје од годинава.
Додека вакцината е широко достапна во Москва, а вакциналните пунктови се лоцирани на истакнати места во главниот град, повеќето региони пријавиле дека досега добиле помалку од 5000 дози.

За разлика од повеќето европски земји, Русија се воздржува од ново затворање и покрај тоа што е погодена од силен бран на нови заразени.

Во земјата досега се регистрирани над 3.5 милиони случаи на коронавирус, а над 66 илјади луѓе починаа, иако се верува дека бројот на смртни случаи е поголем.

ЕУ без конкретен одговор кога ќе пристигнат ветените вакцини на Западен Балкан

Илустрација

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, не беше во можност да каже кога Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против ковид-19 ветени од ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефчович повтори дека Европската комисија и земјите членки го „поддржуваат“ и „се солидарни“ со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.
Потпретседателот меѓутоа не одговори јасно на прашањето на МИА кога Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Денеска министрите за европски прашања одржаа состанок во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ кој е закажан за 21 јануари, и разговараа, меѓу другото за кампањата на вакцинација во ЕУ.

Самата ЕУ се соочува со внатрешни тензии поради неефикасна координација помеѓу земјите членки во набавката на вакцините.
Шефчович истакна дека ЕУ е „главен донатор“ на механизмот Ковакс, кој има за цел да им помогне на земјите со пониски приходи да добијат вакцини за своето население.

„ЕУ ќе стори сѐ за Ковакс да донесе резултати“, изјави Шефчович.
Денеска, премиерот Зоран Заев рече дека Србија ќе ѝ даде на Македонија 8000 дози од вакцината на Фајзер/БиоНТек. Тоа се први вакцини кои ќе пристигнат во земјава.

Мијалков - Јас не сум наредил ниедно прислушување

Архивска фотографија: Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на денешното сведочење пред судот, за случајот „Таргет-Тврдина“, изјави дека не постои ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од УБК и дека тие го вршеле прислушкувањето.
Според него, „прислушување лесно можело да се врши и надвор од системот на УБК“ и го отфрли како неточно обвинението дека формирал злосторничко здружение за да ја злоупотреби службената положба и овластувања. Тој ги отфрли обвинувањата дека самиот влегувал во системот и прислушкувал, како и дека „немало прислушкување без судска наредба во УБК“.

„Јас никогаш не сум имал ниту техничка можност ниту привилегија да можам да дадам или да издадам наредба за следење на комуникација во системот за следење во УБК“, рече Мијалков.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, Мијалков негираше дека во 2015 година побарал од Горан Грујевски да покрене постапка за уништување на овие системи. Тој пред Судот рече дека во земјава имало други системи за прислушување, бидејќи, како што кажа, кога „во 2014 година, израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија и ја вклучила опремата, детектирала дека има уште три други системи“.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која исто така сведочеше денеска и рече дека не знаела оти потпишува документ за уништување на опремата за прислушување, како и Сашо Мијалков и уште 10 вработени во УБК. Станува збор за обвиненија за незаконско прислушкување и за уништување на опремата за прислушкување во времето на владеење на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес почна на почетокот од 2018 година.

Спасовски: За Водици со посебен план за да нема собири, разговарано е и со МПЦ

Архивска фотографија од Водици во Охрид, 211 година

За време на утрешниот празник Водици, полицијата ќе има зголемена активност и има изготвено посебни планови за спречување на собири како мерка против ширењето на коронавирусот, информираше на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Јас очекувам дека ќе бидеме на висина на задачата и во утрешниот ден. Секако, тој што нема да почитува ќе сноси одговорност“, наласи Спасовски и додаде дека за планираните активности и за мерки е разговарано и со Македонската православна црква (МПЦ).

Тој упати апел до верските заедници и граѓаните да ги почитуваат мерките за време на утрешниот празник. Водици во Македонија се прославува со големи народни собири во сите градови и села со вадење на светиот крст од осветените води на реките, езерата...

ЕУ го осуди приведувањето на Навални и побара ослободување

Илустрација - Алксеј Навални и неговата сопруга Јулија

Европската унија (ЕУ) го осудува притворањето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговото враќање во Москва на 17 јануари и повика на итно ослободување.

„Политизацијата на судството е неприфатлива и правата на Навални мора да се почитуваат. Исто така, ги повикуваме руските власти веднаш да ги ослободат сите оние новинари и граѓани кои биле приведени во врска со нивното известување и поддршка на Навални по неговото враќање. Овој притвор ја потврдува континуираната негативна шема на намалување на просторот за опозицијата, граѓанското општество и независните гласови во Руската Федерација. ЕУ внимателно ќе го следи развојот на настаните на ова поле и ќе продолжи да го зема предвид тоа при обликувањето на својата политика кон Русија“, се вели во денешното соопштение од Европската унија.

Европската унија, како што се наведува во истото соопштение, најостро го осуди обидот за атентат, преку труење со воен хемиски нервен агенс од групата „Новичок“, врз Алексеј Навални, и одговори со воведување рестриктивни мерки на шест лица и еден ентитет.

Рускиот опозиционер Алексеј Навални синоќа беше приведен во Москва, веднаш по слетувањето на авионот со кој се врату од лекување во Германија по лекувањето од труењето. Покрај него, уапсени беа и негови поддржувачи. Навални е приведен од Руската затворска служба поради, како што вели тааа, „непочитување на условната казна за сторена измама од 2014 година“.

Русија ѝ возврати на Холандија и протера нејзини дипломати

Илустрација - Зградата на руското Министерство за надворешни работи во Москва

Руското Министерство за надворешни работи протера двајца холандски дипломати во потег „со иста мерка“ по протерувањето за шпионажа на двајца руски дипломати од Хаг минатиот месец. Министерството во денешното соопштение вели дека „водејќи се од принципот на реципроцитет“, холандскиот вршител на должноста должник, Јоуст Реинтјес, бил повикан на состанок каде бил информиран за одлуката за протерување на двајцата дипломати.

Кавгата започна на 10 декември кога холандската служба за општо разузнавање и безбедност (АИВД) соопшти дека протера двајца неидентификувани Руси кои барале информации за вештачка интелигенција, полупроводници и нанотехнологија. Службата додаде дека двајцата работеле за руската цивилна разузнавачка агенција, позната како СВР.

Руската амбасада во Хаг во тоа време соопшти дека Холандија не презентирала докази за незаконски дејствија на руските дипломати и Министерството за надворешни работи во својата изјава на 18 јануари рече дека наводите се „неосновани и клеветнички“. Во него се додава дека двајцата холандски дипломати имале две недели да ја напуштат Русија.

„Таргет - Тврдина“: Јанкулоска вели не знаела дека потпишува уништување опрема за прислушување

Архивска фотографија - Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот „Таргет - Тврдина“

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во денешното нејзино сведочење пред судот за предметот „Таргет-Тврдина“ рече дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето. Јанкулоска, која во овој предмет е обвинета во делот од случајот „Тврдина“, кој потоа беше споен со предметот „Таргет“ за прислушувањето.

„До вакви сознанија дојдов кога Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот ‘Тврдина’ кој се однесува на уништувањето на опремата. Од оваа перспектива, можам да кажам дека, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата“, рече денеска Јанкулоска.

Таа го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

Во случајот, покрај Јанкулоска, обвинети се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и уште 6 други лица од Управата. Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја, за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Петтиот сет антикризни ковид мерки ќе се знае до крајот на месецов

Крешник Бектеши

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска информираше дека кон крајот на овој месец или најдоцна во првата недела од февруари Владата ќе излезе со петтиот сет антикризни мерки. Во тек се, рече Бектеши, консулатациите со стопанските комори и со сите засегнати страни, за да се донесат што поефикасни решенија.

Министерот оцени дека досегашните четири пакети го даддоа очекуваниот резултат, и во делот на зголемување на ликвидноата на компаниите и во делот на зачувување на работните места.

„Во моментов разговараме, не се точно дизајнирани мерките. Има различни предлози, но во рамки на можностите и буџетските средства определени за КОВИД програмата и секако, по состаноците со стопанските комори, ќе излеземе и заеднички ќе ги презентираме“, рече Бектеши.

За најпогодените сектори, како туристичкиот и угостителскиот, додаде дека „секако ќе има мерки, но како ќе изгледаат, ќе треба прво да се причекаат сите предлози од стопанските комори“.

Во етнички судир во Судан убиени 83 лица

Илустрација - Безбедносни сили на контролен пункт во Судан

Во судир меѓу етничките групи во Западен Дарфур во Судан се убиени 83 лица, пренесе новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на болнички извори. Во судирите што почнале викендов се повредени над 160 лица.

Според „Би-би-си“, борбите во главниот град на државата Ел Генеини почнале во саботата откако едно лице било избодено до смрт, по што бил воведен полициски час, а специјален тим бил испратен да го испита случајот.

Инцидентот се случил во близина на бегалски камп по што почнале судири меѓу вооружените милиции. Минатата година беше потпишан мировен договор, но во него не беа вклучени сите спротивставени етнички групи во Дарфур.

Во скопските ковид центри 14 нови приеми и 179 слободни места

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 14 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Со тоа, вкупно 280 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 6 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 5 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 3 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 9 оздравени пациенти.

„Во ГОБ 8 Септември има вкупно 88 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 18 пациенти. Вкупно 287 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка“, соопшти денеска МЗ.

Според Министерството, бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 179 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Мицкоски на средби со Орбан и Јанша ќе лобира за Македонија во ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со словенечкиот премиер Јанез Јанша, како дел од неговата мини дипломатска офанзива кај сестринските партии во регионот и Европа, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Независно што ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на Европската унија (ЕУ)“, вели Мицкоски, цитиран во партиското соопштение.

Тој вели дека со Орбан и Јанша ќе разговара за „можноста Унгарија и Словенија да помогнат за придвижување кон европската иднина“.

Заев: Политички преговори со Бугарија по нивните избори

Премиерот Зоран Заев пред Судот во Скопје

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека пратениците на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика најверојатно ќе бидат информирани за деталите од размената на идеи меѓу работните групи и министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија.

„За деталите од размената на идеи, за нон-пејперот, нашето последно размислување, но и нивната реакција која следуваше како одговор на нашиот акциски план“, рече денеска премиерот Заев по рочиштето за судскиот спор меѓу него и новинарот Зоран Божиновски, кого премиерот го тужи за клевета.

Во координација со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика ќе биде договорен точен термин за одржување на седницата, но за точната содржина на она за што ќе се разговара Заев упати на министрите. Тој само кусо најави дека процесот на официјални преговори е завршен и очекува дека сега ќе следува процес на реализација на акцискиот план, а веднаш по изборите во Бугарија ќе се почне со разговори и преговори на политички основи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG